Достапни линкови

Политичарите поттикнуваат говор на омраза


Премиерот Никола Груевски на донаторска конференција за изградба на црквата „Св. Константин и Елена“.
Премиерот Никола Груевски на донаторска конференција за изградба на црквата „Св. Константин и Елена“.

Според професорката Мирјана Најчевска, говорот на омраза кон припадниците на луѓето со поинаква сексуална ориентација започнува со изјавите и постапките на политичарите.

Традиционалност, извртени вредности, мнозинство што поддржува исклучиво брак меѓу еден маж и една жена. Вообичаено ова се термините што ги употребуваат претставниците на владеачката гарнитура кога зборуваат за припадниците на ЛГБТИ заедницата или кога сакаат да ги промовираат своите ставови за бракот, религијата и традицијата.

Втората причина е тоа што и самите во своите настапи и во своите изјави, директно или индиректно посочуваат во насока на девалвирање на достоинството на овие луѓе и повикуваат на нееднаков третман на овие луѓе.
Мирјана Најчевска, универзитетска професорка.

Неодамна и премиерот Никола Груевски на донаторската конференција за црквата „Свети Константин и Елена“ рече дека ќе помогнеле со уште едно велелепно светилиште да се дало придонес во одбраната на семејството од, како што нагласи, некои искривоколчени вредности кои некои ги промовирале.

Според професорката Мирјана Најчевска, говорот на омраза кон припадниците на луѓето со поинаква сексуална ориентација започнува со изјавите и постапките на политичарите поради неколку причини. Прва од нив е, вели професорката, тоа што тие не се спротивставуваат на она што се појавува во одредени медиуми и не застануваат во одбрана на правата и слободите на граѓаните.

Новинарите се тие коишто го обликуваат јавното мислење и се тие коишто на граѓаните треба да им ги дадат вистинските информации лишени од омрази, навреди, клевети, невистини.
Петрит Сарачини, уредник на интернет-страницата Безомразно.

„Втората причина е тоа што и самите во своите настапи и во своите изјави, директно или индиректно посочуваат во насока на девалвирање на достоинството на овие луѓе и повикуваат на нееднаков третман на овие луѓе. Трето, и самите со тоа што ги промовираат вредностите на една религија, на едно уверување, всушност го насочуваат граѓанинот кон девалвирање на еднаквоста како принцип којшто се гради во нашето општество и на тој начин стимулираат, промовираат говор на омраза, којшто понатаму се појавува во одредени медиуми“, вели Најчевска.

Активисти од Националната мрежа против хомофобија и трансфобија и од Хелсиншки комитет за човекови права, вчера до Јавното обвинителство во Скопје поднесoa кривични пријави против водителите Јанко Илковски и Миленко Неделковски за ширење говор на омраза, поттикнување насилство и дискриминација кон ЛГБТИ заедницата. Во одбрана на двајцата водители пак се наведува и дека со нивните ставови тие го одразувале мислењето на мнозинството во Македонија.

Најчевска вели дека не се знае кое е мислењето на мнозинството оти, како што објаснува, не постојат прецизни истражувања и релевантни бројки. Но и во таков случај одговорноста на новинарите е да не учествуваат во ширење на говорот на омраза. Имено и во кодексот на Здружението на новинари на Македонија меѓудругото се наведува и дека „новинарот нема свесно да создава ниту преработува информации што ги загрозуваат човековите права или слободи, нема да говори со јазикот на омразата и нема да поттикнува на насилство и дискриминација по која било основа меѓу која се наведува и сексуална ориентација.

„Новинарите се тие коишто го обликуваат јавното мислење и се тие коишто на граѓаните треба да им ги дадат вистинските информации лишени од омрази, навреди, клевети, невистини и сите други работи коишто можат да го проблематизираат јавното и може да ги доведат граѓаните до заблуда. Во кодексите на граѓаните, и во меѓународниот и во тој што го имаме ние во Македонија, и во законите и во меѓународните стандарди и во конвенциите и во домашните закони, јасно е омеѓено што е говор на омраза и што не треба новинарот да прави“, вели Петрит Сарачини уредник на интернет-страницата Безомразно.

Инаку ширењето на говорот на омраза не само што е неприфатливо според новинарските стандарди туку е и кривично дело. Во февруари годинава во Македонија стапија во сила нови законски одредби кои забрануваат и казнуваат говор на омраза и ширење на материјали преку интернет кои промовираат или поттикнуваат омраза, дискриминација или насилство, против кое било лице или група, врз која било дискриминаторска основа.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG