Достапни линкови

Членови на избирачките одбори се уште не зеле пари


Изборите поминаа, а учесници во избирачките одбори се уште не зеле пари. Кумановци ги чекаат парите уште за локалните избори, а не се исплатени ниту за парламентарните и претседателските.

Граѓаните на Куманово веќе ги подзаборавија локалните, претседателските и предвремените парламентарни избори. За повеќето од нив ништо не се сменило, особено не на подобро. Меѓутоа, учесниците во избирачките одбори кои, како што велат, совесно и одговорно си ја завршиле работата во деновите на гласањето, се уште не го добиле надоместокот, кој пак во општата сиромаштија не е за потценување. Тие сметаат дека е неизвесно дали воопшто ќе го добијат и кога. Многумина од нив се плашат да реагираат јавно или да ги бараат парите, меѓутоа Бранко Трајковски (57) од Куманово смета дека сите се измамени, а тој сакаше и јавно да проговори.

Во 2013-та година за време на локалните избори двапати бев член и 4 илјади денари не ми се исплатени. Бев член со решение од Општинската изборна комисија, а тие што беа со мене веројатно поради нивната партиска припадност се плашат јавно да си ги бараат парите.
Бранко Трајковски од Куманово, член на избирачки одбор.

„Во 2013-та година за време на локалните избори двапати бев член и 4 илјади денари не ми се исплатени. Бев член со решение од Општинската изборна комисија, а тие што беа со мене веројатно поради нивната партиска припадност се плашат јавно да си ги бараат парите. Се обративме со нашата претседателка од избирачкото место и добивме одговор дека сметката на Општината Куманово е блокирана. Па јас не сум ја блокирал“, вели Трајковски.

Бранко Трајковски од Куманово.
Бранко Трајковски од Куманово.

Тој додава дека и годинава на претстедателските и на предвремените парламентарни избори повторно бил член. И за тоа нема пари, а само една дневница е две илјади денари.

„Ако е блокирана сметката на локалната самоуправа, не е блокирана и на централната власт. Пак се обративме до претседателката, а таа ни рече да тужиме. Меѓутоа, никој не сака, зашто некои се вработени од СДСМ, некој од ВМРО-ДПМНЕ. Не знаеме до кога ќе трае ова, но мора да покренеме постапка.“

Се надевам дека буџетот ќе биде постабилен и поуспешен во 2015-та година и на сите ќе им се исплати, зашто тоа е законска обврска која мора да ја испочитуваме.
Зоран Дамјановски, градоначалник на Куманово.

Според Трајковски за парламентарните и претседателските во целата држава не се исплатени надоместоците, но додава дека за локалните избори само во Куманово.

Градоначалникот на Куманово Зоран Дамјановски, вели дека луѓето со право реагираат, бидејќи поголемиот дел од трошковникот за локалните избори во 2013-та година не е затворен. Тоа е резултат на постојани блокади.

„Се обидувавме во неколку наврати, со неколку трансфери да ги покриеме основните потреби, како што е трошковникот на Општинската изборна комисија, платени се тие, неколку совети, но поголемиот дел не се исплатени. Имаме и покренати неколку извршувања за наплата на членови на овие комисии.“

Меѓутоа додава дека Општината се залага да ги исплати на крајот на оваа и почетокот на наредната година. При исплата нема селективност, туку приоритет за исплата има Општинската изборна комисија. Според него помал дел од обврските се намирени.

„Се надевам дека буџетот ќе биде постабилен и поуспешен во 2015-та година и на сите ќе им се исплати, зашто тоа е законска обврска која мора да ја испочитуваме “, вели Дамјановски.

А вицепремиерот и министерот за финансии Зоран Ставрески на собраниската седница најави дека Министерството работи на верификација на сметките и податоците на околу 35 илјади лица, дека буџетот е во одлична кондиција и согласно диманиката исплатата се очекува да започне наскоро. Тој додаде дека во изминатите недели во Министерството за финансии максимално сериозно се работело на овој предмет и оти биле побарани и корекции од Државната изборна комисија.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG