Лавина од реакции за случувањата во Црвениот крст се покренаа откако полицијата деновиве поднесе кривична пријава против поранешниот секретар на општинската организација во Битола, Никола Христовски. Полицијата го сомничи дека ја злоупотребил службената положба и во 2011 година присвоил парични средства од 2.170 евра, кои биле уплатени од волонтери од Клубот на млади за патни трошоци за престојување во летен камп во Бурса-Турција.
Парите се уплатени на превозникот. Многу парадоксална ситуација е превозна фирма да ви изврши превоз во август 2011 година, а до денес да нема тужба за неисплатен надомест за извршениот превоз.Никола Христовски, поранешен секретар на општинската организација на Црвен крст во Битола.
Христовски јавно реагираше дека не ги присвоил парите, туку ги уплатил на сметка на превозникот, за што постоела уредна документација.
„Имавме состанок со родителите на младите волонтери и беше изнесено дека во тој момент општинската организација не располага со пари за превозот на децата. Сесрдно се понудија и прифатија сами да го финансираат превозот по 4.200 денари за секое од тие 33 деца. Парите се уплатени на превозникот. Многу парадоксална ситуација е превозна фирма да ви изврши превоз во август 2011 година, а до денес да нема тужба за неисплатен надомест за извршениот превоз“, вели Христовски.
Утврдени беа недоследности во работењето, па дојде до негова смена. Ние не го пријавивме во полиција, туку државните органи сами истражуваа.Саит Саити, генерален секретар на Црвениот крст на Македонија.
Пријавата и неговото разрешување пред четири месеци од функцијата, вели дека е последица на ривалитетот со првиот човек на Црвениот крст на Македонија, Саит Саити.
„Ова има длабока позадина, како правник се противев на одредени случувања. Како може првиот оперативец 5,5 години да биде в.д., тоа го нема ни во правилници, ни во статути, 18 општински организации во Македонија кубурат, односно тешко остваруваат личен доход, има крајно изразен непотизам и во општинската организација во Битола, се променија одредби од статутот со кои се нудат неограничени мандати за делегатите и се зголемија ингеренциите на генералниот секретар“, обвини Христовски.
Генералниот секретар на Црвениот крст на Македонија, Саит Саити, вели дека не се работи за никаква нетрпеливост, туку за забелешки во работењето на Христовски.
„Утврдени беа недоследности во работењето, па дојде до негова смена. Ние не го пријавивме во полиција, туку државните органи сами истражуваа. Крајно некоректно е вината да ја префрлува од наша страна. Во однос на непотизмот секретарот е тој што вработува, а ако имало такви случаи додека бил на таа позиција, можел да ги спречи“, изјави Саити.