Достапни линкови

Затворските казни за паравојници во странство - порака и заштита


Државата со казните се штити, но испраќа и порака до тие што евентулано сакаат да се вклучат во воени дејствија во странска држава, спротивно на законот.

Затворските казни за директните учесници кои спротивно на домашните закони учествуваат во воени активности во други држави, претставува силна порака до оние кои сакаат да се вклучат во такви активности и придонесува за заштита на државата, велат експертите.

Државата се заштитува од такви лица кои преземаат одредени дејствија во такви региони, а после тоа кога се враќаат, се опасни за самата држава, бидејќи со таквите активности продолжуваат тука, но и како личности се опасни, бидејќи кај нив, така кажано, преовладува крвта.
Стефан Буџаковски, универзитетски професор.

„Државата се заштитува од такви лица кои преземаат одредени дејствија во такви региони, а после тоа кога се враќаат, се опасни за самата држава, бидејќи со таквите активности продолжуваат тука, но и како личности се опасни, бидејќи кај нив, така кажано, преовладува крвта, тоа што таму преземаат, а гледаме со какви се методи се служат“, вели универзитетскиот професор Стефан Буџаковски.

Сиријски бунтовници.
Сиријски бунтовници.

Поранешниот прв разузнавач и универзитетски професор Владимир Пивоваров вели дека казните се дури и мали, ако се има превид дека луѓето кои одат да и служат на странска паравојска, може да бидат закана за сопствената земја.

Ваквите лица и кога би биле откриени и кога би биле осудени, значи после тој временски период прашањето е дали социјализацијата ќе влијае врз нив во затворот, дали тие ќе станат лојални на државата, во што лично не верувам.
Владимир Пивоваров, универзитетски професор.

„Мислам дека овие казни се благата форма. Ако на пример ја земеме Англија, тие отидоа малку подалеку, на таквите лица им забрануваат влез во својата земја, односно им го одземаат државјанството. Таквиот чекор е многу паметен, од причини што ваквите лица и кога би биле откриени и кога би биле осудени, значи после тој временски период прашањето е дали социјализацијата ќе влијае врз нив во затворот, дали тие ќе станат лојални на државата, во што лично не верувам“, вели Пивоваров.

Откако многупати беше укажано дека кривичниот закон има празнина во ова област и откако неколкумина македонски граѓани загинаа на странски боишта, беа предложени измени кои собранието ги изгласа по скратена постапка. Измените предвидени затворски казни од најмалку пет години за директните учесници во странска паравојски или друг вид на параформации. Исто толку години затвор ќе добијат и оние кои директно или индиректно ќе нудат, даваат, собираат или прикрива финансиски средства, фондови и опрема наменети за кривични дела од ваков тип. Најмалку четири години затвор, ќе добијат и оние кои поттикнуваат и регрутираат преку социјални мрежи, пишан текст, преку аудио-визуелни снимки и друг облик на комуникација. Македонските државјани ќе можат да учествуваат само во меѓународно признати мисии и мисии на меѓународни организации. Право на учество во странски воени или полициски формации ќе имаат и лицата кои поседуваат државјанство од таа држава.

Mислам дека ваквиот закон ќе има значителен ефект да ги одврати луѓето да одат и да се борат на страна на терористите низ светот.
Пол Волерс, aмерикански амбасадор во земјата.

Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска рече дека со овие измени земјата испраќа силна порака.

„Секое вакво дејствие кое значи закана за глобалната и националната безбедност ќе биде санкционирано со затворски казни, доволно строги да ја испратат пораката дека нема да толерираме вакво однесување.“

Американскиот амбасадор во земјата, Пол Волерс, оцени дека ваквиот закон е добар чекор за Македонија, бидејќи и земјите во регионот имаат слични закони.

„Проблемот со тероризмот е растечки проблем во целиот свет, глобален проблем што бара заедничко дејствување на сите земји, заедно, затоа што ниту една земја не може сама, и мислам дека ваквиот закон ќе има значителен ефект да ги одврати луѓето да одат и да се борат на страна на терористите низ светот.“

Во јавноста досега беа објавени имињата на девет македонски државјани кои загинаа во конфликтот во Сирија, борејќи се на страната на бунтовниците.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG