Достапни линкови

Борба за нов живот, 10 години по трагедијата во Беслан


Надежда Гуриева била сведок на загинувањето на нејзините две деца во терористичкиот напад врз училиштетото во Беслан во руската република Северна Осетија во 2004 година. Трагедијата им смени сè на оние што преживеаа. Десет години подоцна, како што пишува новинарот на РСЕ Томас Балмфорт, за повеќето од нив новиот живот останува неостварлив.

Учителката Надежда Гуриева се нашла со нејзините деца на подот на спарната училишна спортска сала. Само на неколку метри имало поставено експлозивна направа.

Некои луѓе заминаа и целосно ги сменија нивните животи. Некои решија да ги посветат за истрага на она што навистина се случило. Некои ми помагаат околу музејот. Други продолжуваат да плачат и живеат на гробиштата. Се обидуваат таму да си ги растат децата.
Надежда Гуриева, мајка на две деца што беа убиени во нападот.

Двете нејзини деца, Борис и Вера, биле облечени во народни носии за прославите за првиот училишен ден. Тие никогаш не почнаа.

Борис и Вера беа меѓу 334 луѓе, вклучувајќи 186 деца, кои беа убиени во експлозиите и престрелките откако два дена претходно беа во заложништво на терористите.

Помладата ќерќа на Гуриева преживеа. Тоа и помогна да ги преживее последиците од ужасот.

„Немав избор“, вели Гуриева.

„Ја имав помалата ќерка која ме гледаше дали плачам. Јас не можам ни да плачам“, раскажува таа.

Професијата учител има многу заедничко со актерската професија. Го сакале тоа или не, дали боли или не, дали срцето ќе ви препукне, вие треба да излезете и да ги учите децата.
Надежда Гуриева, мајка на две деца што беа убиени во нападот.

Десет години минаа откако вооружени милитанти влегоа во школото на 1 септември и задржаа како заложници 1.100 деца, мајки и учители. Искушението заврши 52 часа подоцна. Но, за преживеаните, искушението допрва почна.

„Некои луѓе заминаа и целосно ги сменија нивните животи. Некои решија да ги посветат за истрага на она што навистина се случило. Некои ми помагаат околу музејот. Други продолжуваат да плачат и живеат на гробиштата. Се обидуваат таму да си ги растат децата“, вели 54-годишната Надежда Гуриева, додавајќи дека таа решила тагата да ја чува во себе и да не ја пренесува на другите.

Десетината вооружени Чеченци и Ингуши ослободувањето на заложниците го условија со напуштање на руските сили од Чеченија.

Терористичкиот напад е наша приказна. Таа е страшна и крвава. Но таа е наша и ја паметиме. Новата зграда не ни донесе нови животи. Продолжуваме да ги живееме нашите животи.
Надежда Гуриева, мајка на две деца што беа убиени во нападот.

Она што се случуваше потоа, според Гуриева, бил вистински пекол. Немало вода за пиење, а терористите почнале и да убиваат пред очите на заложниците.

На 3 септември се слушнала силна експлозија по што настанал вистински метеж по што грабнувачите почнале да стрелаат врз децата кои бегале. Меѓу нив биле и нејзините Борис и Вера.

Откако руските специјални сили влегле во училиштето, таа и помалата ќерка Ирина успеале да избегаат преку прозорец.

Сè уште останува отворено прашањето кој е виновен за крвавиот крај на кризата, односно кој ја започна крвавата престрелка. Меѓу нив беше и сопругот на Надежда Гуриева, Станислав кој почина пред година ипол.

„Тој самиот не можеше да најде решение. Се сврте кон алкохолот за да заборави и алкохолот го уби“, вели таа.

Два месеца по трагедијата, Гуриева се врати на работа и почна повторно да ги учи децата. Првиот час и бил во класот на нејзиниот син Борис.

„Професијата учител има многу заедничко со актерската професија. Го сакале тоа или не, дали боли или не, дали срцето ќе ви препукне, вие треба да излезете и да ги учите децата“, вели таа.

Наспроти старото училиште е изградено ново. Во различни бои над влезот на училиштето има напис со порака: „Почеток на нов живот“. Сепак, за Гуриева нема бегање од минатото.

„Терористичкиот напад е наша приказна. Таа е страшна и крвава. Но таа е наша и ја паметиме. Новата зграда не ни донесе нови животи. Продолжуваме да ги живееме нашите животи“, вели таа.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG