Достапни линкови

Тензии меѓу Ингушетите и Осетијците


Пред десетина години лидерите на руските републики Ингушетија и Северна Осетија потпишаа договор за преселување на ингушетите кои поради краткотрајната војна беа принудени да ги напуштат своите домови. Оваа програма која беше со цел да се залечат раните на војната во илјада деветстотини деведесет и втората беше наречена по градот Беслан, каде што и беше договорена. Но, по заложничката трагедија сега Беслан стана синоним на новите тензии меѓу ингушетите кои се муслимани и православните осетијци.

Лути што во групата од триесет и двајца грабнувачи во Белсан имало и ингушети, многумина осетијци бараат освета за своите деца. Дописникот на Радио Слободна Европа Асланбек Дадаев престојуваше во Беслан, а потоа ја посети и Ингушетија. Тој проценува дека тензиите меѓу двете етнички групи е голема и оти тоа го потврдува инцидентот во селото Картца во Северна Осетија, каде што претежно живеат ингушети.

„Извештаите велат дека група осетијци се обидела да влезе во селото за да убива луѓе, или господ знае со која друга намера. Но, локалната полиција успеала да ги смири. Властите прават се што можат да ги спречат ваквите инциденти, но луѓето очајнички сакаат освета, па постои опасност од избувнување нови судири.“

Корените на конфликтот меѓу Ингушетија и Северна Осетија досегаат до пред крајот на Втората Светска Војна кога советскиот лидер Сталин нареди населението на Чеченско ингушетската автономна република, поради соработката со нацистите, да биде депортирано во Централна Азија. Ним им беше дозволено да се вратат дома кон кајот на пеесетите години од минатиот век, но таму открија дека го загубиле нивниот имот поради одлуката на советските власти да ја расформираат Чеченско ингушетската република, а округот Пригородни со доминантно ингушетско насление, да го приспојат кон Северна Осетија. И покрај тоа што во илјада деветстотини пеесет и седмата година беше обновена
Ченеската република, Пригородни остана во Северна Осетија. По распаѓањето на Советскиот Сојуз, ингушетите ги обновија барањата осетијците да им ги вратат нивните имоти. Барања кулминираа со краткотрајна војна која заврши со интервенција на руските сили. Ни дванаесет години потоа раните се уште не се зараснати. Павел Баев е експерт за Кавказ во Институтот за мир со седиште во Осло. Тој предупредува дека без итни потези на регионалните и на федералните власти повторно би можело да дојде до обнова на насилствата.

„Постои значајна ингушетска популација во округот Пригородни. Некои од нив се вратија во домовите со официјална поддршка, некои без неа. Тие се најбеспомошни и најверојтано би можело да станат жртви на гневот на осетијците.“

Баев страхува од немоќта на осетијските полицајци, распоредени на кризните подрачја да ги спречат меѓуетничките судири. Руските власти тврдат дека кризата во Беслан е дел од меѓународниот терор и оти меѓу грабнувачите имало и чеченци, узбеци и арапи. Но, жителите на Северна Осетија сиот свој гнев го насочуваат кон нивните соседи, ингушетите. Дописникот на Радио Слободна Европа Асланбек Дадаев смета дека осетијците се опседнати со тоа оти трагедијата во Беслан произлегува од ингушетите и од конфликтот со нив пред дванаесет години.

„Разговарав со една чеченка чија ќерќа студира медицина во Владикавказ. Таа ми раскажа дека довчерашните колеги, осетијци сега не сакале ни да ја поздрават. Професорите ја посоветувале, заради лична безбедност, да ја напушти Северна Осетија и да замине во Чеченија или во Ингушетија.“

Руските власти одбиваат Бесланската трагедија да ја поврзат со меѓуетничката тензија на Кавказот. Но ваквото мислење, според експертот Павел Баев, би можело само да долее масло на огинот.
XS
SM
MD
LG