Достапни линкови

Сериозни проблеми во болниците во Охрид и во Струга


Во Охридската општа болница недостасуваат доктори на повеќе витални одделенија, додека на болницата во соседна Струга ѝ е потребна итна реконструкција поради нејзината дотраеност.

Болницата во Охрид располага со најсовремена апаратура во поголем дел од одделенијата. Во новото болничко крило кое беше изградено пред две години во операционите сали се поставени најсовремени светлосни уреди, оперативен стол, апарат за анестезија, ултразвучни компјутери. Но, сè уште се соочуваат со недостаток на лекарски кадар. Иако се примени неколку млади доктори, тие во моментот се на специјализација вели Љубен Арнаудов, директор на Општата болница во Охрид.

Онаму каде што имаме недостаток на доктори примавме млади доктори кои сега се во тек на специјализација. Сега ќе им треба 6-7 години додека не дојдат да можат самостојно да работат.
Љубен Арнаудов, директор на охридската болница.

Ментор Ибраими, директор на струшката болница.
Ментор Ибраими, директор на струшката болница.

„Мал проблем имаме со кадровската структура во оперативниот блок. Тоа е проблем кој поради несериозноста изминатите 20 години веќе го гледаме резултатот. Вложуваме максимални напори тие доктори кои се овде да се дообучат. Онаму каде што имаме недостаток на доктори примавме млади доктори кои сега се во тек на специјализација. Сега ќе им треба 6-7 години додека не дојдат да можат самостојно да работат“, вели Арнаудов.

На струшката болницата ѝ недостасува и она што треба да се направи е реконструкција на сите скоро простории. Почнувајќи од санитарните јазли, до снабдување со кислород.
Ментор Ибраими, директор на општата болница во Струга.

Тој вели дека имаат недостаток на доктори на повеќе витални одделенија.

„Имаме недостаток на доктори на анестезија, гинекологија, урологија. Моментално покриваме со колегите од струшката болница. Анестезиолозите и радиолозите од Струга доаѓаат кај нас по договор. На радиологија имаме само еден доктор, радиолог и 90 отсто од времето го посветува на компјутеризираната томографија. На радиолошкото одделение каде се прават снимките, техничари ги снимаат пациентите, додека доктори од Струга ги читаат снимките“, вели Арнаудов.

Тој очекува овој проблем да се реши во блиска иднина.

Ментор Ибраими, директор на општата болница во Струга, вели дека немаат голем проблем со недостаток на доктори како во Охрид, но оти е потребна нова болница или реконструкција на постоечката.

„На струшката болницата ѝ недостасува и она што треба да се направи е реконструкција на сите скоро простории. Почнувајќи од санитарните јазли, до снабдување со кислород. Потребна ни е една гасна станица, бидејќи тој кислород ни е потребен за операционите сали. Сега таков кислород со боци носиме од охридската болница. Имаме на зима проблем со греењето поради дотраеност на самата зграда. Радијаторите, вентилаторите и котларата се многу стари“, вели Ибраими.

Постоечката зграда на болницата е изградена во 60-те години на минатиот век и досега се направени само мали поправки со пари од буџетот на болницата, вели Ибраими. Тој посочува дека им се потребни повеќе нови апарати, бидејќи за одржување на старите се потребни повеќе пари. Во Струга сè уште доаѓаат голем број пациенти од Охрид, особено на хирургија и покрај подобрите услови во Охрид. Стружани годишно реализираат повеќе од 1.200 операции.

XS
SM
MD
LG