Достапни линкови

Соработка меѓу македонски и грчки невладини организации


Невладини организации од Македонија и од Грција неодамна во Струга разговараа за начини како да почнат да соработуваат и да ги користат фондовите на ЕУ за прекугранична соработка.

Македонски и грчки невладини организации неодамна во Струга на заедничка маса разговараа за проблемите кои ги мачат и бараа начини како да почнат да соработуваат и да ги користат можностите кои ги нудат фондовите на ЕУ за прекугранична соработка. Велат кога не можат политичарите ние сме тие кои морат да го скршат мразот и да почнат да развиваат соработка.

Можеби нашите две држави имаат одлична економска соработка каде се е базирано на интерес, меѓутоа граѓанскиот сектор не соработува доволно.
Методија Стојчески, извршен директор на Младински сојуз од Крушево.

Методија Стојчески, извршен директор на Младински сојуз од Крушево, вели дека идејата за соработка потекнува уште од 2009 година. Целта да се поврзат младинските невладини организации од двете држави конечно станува реалност.

„Можеби нашите две држави имаат одлична економска соработка каде се е базирано на интерес, меѓутоа граѓанскиот сектор не соработува доволно. Затоа ние со овие наши активности сакаме да ги приближиме активностите, да отпочнеме заедничка соработка со организации од другата страна на границата. За прв пат се случува младински организации, не на некој меѓународен настан каде има и други, туку само организации од Македонија и Грција, да седнат и да соработуваат“, вели Стојчески.

Дури и моите пријатели и родители и многу луѓе ми викаа што правиш таму, зошто ќе одиш таму, опасно е, ти си Гркинка, дури и татко ми ми го кажуваше тоа. И многу ми беше страв пред да дојдам минатиот септември, но откако дојдов сите тие стереотипи паднаа и се урнаа.
Марија Атанацики, претставник на Младинскиот УНЕСКО клуб од Солун.

Тој посочува дека целата соработка ја започнале со голема доза на резерва и вели „како да одиме по танок мраз“.

„Бевме многу претпазливи и мислевме дека нема да можеме да ја постигнеме целта да иницираме соработка. Меѓутоа го добивме сосема спротивното, бидејќи расположение за соработка има многу. И како резултат на нашата иницијатива произлегоа досега 11 проекти меѓу македонски и грчки организации. Тоа ни дава доза на ентузијазам за да продолжиме и во иднина“, вели Стојчески.

Невработеноста е главен проблем за младите и во двете држави, иако Грција е членка на ЕУ. Младите велат дека не ги интересираат политичките проблеми и несогласувањата меѓу политичарите и оти властите во двете држави треба да покажат желба за соработка за да ги решаваат проблемите на младите генерации.

Марија Атанацики, претставник на Младинскиот УНЕСКО клуб од Солун, вели дека Македонија и Грција се премногу блиски и затоа соработката е неизбежен дел.

„Дури и моите пријатели и родители и многу луѓе ми викаа што правиш таму, зошто ќе одиш таму, опасно е, ти си Гркинка, дури и татко ми ми го кажуваше тоа. И многу ми беше страв пред да дојдам минатиот септември, но откако дојдов сите тие стереотипи паднаа и се урнаа“, вели Атанацики.

Таа вели дека постои сè уште голем простор кој недоволно е искористен за соработка меѓу младите во Грција и Македонија.

Проектот е поддржан од страна на Фридрих Еберт канцеларија во Скопје, а е финансиски поддржан од амбасадата на Кралството Норвешка во Белград и истиот го спроведуваат заедно Младинскиот Сојуз од Крушево и УНЕСКО Младинскиот клуб од Солун.

XS
SM
MD
LG