Достапни линкови

Промовиран граѓански активатор и во внатрешноста


Дебар е еден од првите градови во Македонија, покрај Скопје, каде беше промовиран Граѓанскиот активатор за поттикнување на решавање на проблемите.

Во нашава држава активисти на граѓанскиот сектор промовираат проект наречен „Граѓански активатор“, со кој се формираат граѓански јадра на активисти кои во внатрешноста би реагирале во одредени моменти на одредени проблеми за да ги заштитат своите граѓански права. Дебар е еден од првите градови во Македонија, покрај Скопје, каде беше промовиран овој начин на делување во состојби кога проблемите не ги решаваат властите било на централно или на локално ниво.

Целта на проектот е создавање на јадро во внатрешноста на државата и вмрежување на потенцијалните граѓани и активисти преку таа мрежа.
Филип Јовановски, активист.

Дебар.
Дебар.

„Целта на проектот е создавање на јадро во внатрешноста на државата и вмрежување на потенцијалните граѓани и активисти преку таа мрежа да реагираат на одредени проблеми кои преку активистички алатки и практики ќе реагираат да се решат. Затоа и проектот се нарекува Граѓански активатор, за што веќе е издаден и прирачник. Во него на наједноставен начин се пренесени искуства со кои активистите од Плоштадот Слобода, но и други организации, ги преземале пред сè во Скопје, но и во некои други градови во нашава држава“, истакнува активистот на Граѓанскиот активатор Филип Јовановски.

Првите оценки се добри поради тоа што секаде каде што одиме и го промовираме, проектот е добро прифатен.
Никола Писарев, активист.

Од досегашните активности се очекува и вмрежување на активистите од внатрешноста со оние од Скопје, додава Никола Писарев.

„Првите оценки се добри поради тоа што секаде каде што одиме и го промовираме, проектот е добро прифатен. Досега работилници сме имале во 3 – 4 градови во Македонија. Луѓето јавно ги споделуваат со нас ултра локалните проблеми за кои треба да се делува активистички. Таквите проблеми пред сè се од сферата на инфраструктурата, но и други проблеми кои нè опкружуваат. За нив треба да се бара решение и има потреба од мобилизација на граѓаните за да се реши таквиот проблем со активизам. Бидејќи сè почесто сме сведоци дека не постои друг начин за остварување на правата на граѓаните, освен со посегнување по голиот активизам и преку борба со креативни средства – да се остварат целите и потребите на граѓаните и со тоа да се принудат надлежните, без разлика дали се на централно или локално ниво, проблемите да ги решат во интерес на граѓаните“, вели Писарев.

Добар дел од невладините организации и активисти во Дебар го поддржаа овој проект. Притоа во Дебар беше промовиран и прирачникот насловен „Граѓански активатор“, кој ги има во себе сите начини на делување, искуства и други демократски алатки за делување на активистите. Прирачникот, покрај на македонски јазик, е најавено дека по волонтерска основа ќе се преведе и на другите јазици на етничките заедници кои живеат во Македонија.

  • 16x9 Image

    Кенан Мимидиновски

    Кенан Мимидиновски, роден 1954 во Дебар. Завршил Правен факултет во Скопје, а со новинарство професионално се занимава 30 години. Најпрвин во Радио Дебар како новинар, а подоцна 12 години и како главен и одговорен уредник . Дописник на Радио Слободна Европа од Дебар е од 2001 година.

XS
SM
MD
LG