Достапни линкови

САД со воздушни напади за спас на немуслиманите во Ирак


Американскиот претседател Барак Обама и одобри на војската да изведува воздушни напади во Ирак против исламските милитанти со цел заштита на американските сили и дипломати, како и на цивилите на северот на земјата. Десетици илјади ирачки христијани се протерани од домовите и им се заканува геноцид.

Претседателот Барак Обама во врска со ситуацијата на северот на Ирак оцени дека Соединетите држави можат да дејствуваат претпазливо и одговорно за да се спречи евентуален геноцид на христијаните и десетиците илјади припадници на курдските немуслимани познати како Јесиди кои се опколени од милитантите на Исламската држава.

Затоа, како што изјави, одобрил воздушни напади, доколку се неопходни, како помош на ирачките сили кои се борат да ја скршат опсадата и да ги заштитат цивилите кои се наоѓаат во неа.

Обама додаде дека нема да дозволи Соединетите држави да бидат вовлечени во уште една војна во Ирак.

Терористите од Исламската држава особено варварски се однесуваат спрема верските малцинства, вклучувајќи ги христијаните и Јесидите.
Барак Обама, претседател на САД.

„На барање на ирачката влада започнавме операции за помош на ирачките цивили заробени на планината Синџар. Терористите од Исламската држава особено варварски се однесуваат спрема верските малцинства, вклучувајќи ги христијаните и Јесидите“, рече Обама.

Десетици илјади Јесиди и христијани ги напуштиле нивните домови во изминативе денови поради напредувањето на милитантите.

Тие им се заканувале дека ќе ги убијат доколку не си заминат или не ја прифатат исламската вера.

Мора да се најде некое решение за нас. Дури и ако вооружените лица се повлечат од нашиот град ние не можеме да се вратиме таму. Влезе страв во нашите срца.

„Падна граната и загинаа многу луѓе. Загинаа и четири или пет деца. Затоа избегавме. Ситуацијата не е добра.“

„Најблизок безбеден регион ни е Курдистан. Мора да се најде некое решение за нас. Дури и ако вооружените лица се повлечат од нашиот град ние не можеме да се вратиме таму. Влезе страв во нашите срца“, велат две христијанки кои со семејствата се сместени во близина на Ирбил главниот град на Курдистан.

Американски авиони, придружени со борбени летала, веќе почнале да фрлаат пакети со храна и вода за протераните.

Во Ирбил, Соединетите држави имаат конзулат и воен центар за помош на ирачката војска.

Веднаш по обраќањето на Обама кој претходно за ова прашање имал состаноци со неговите советници во Вашингтон е соопштено дека администрацијата ќе ја прошири и воената помош за ирачките курди, Станува збор за ракети, муниција и антитенковски гранати.

Во меѓувреме, Советот за безбедност на Обединетите нации ги осуди нападите на милитантите на Исламската држава и побара од меѓународната заедница да ја поддржи ирачката влада.

На итната седница зад затворена врата, Советот расправаше за хуманитарната ситуација откако милитантите го освоија ирачкиот најголем христијански град Каракош. Претходно тие освоија уште неколку градови каде што главно живеат христијани.

​Џихадистите соопштија дека ја зазеле и браната Мосул на реката Тигар, но тоа беше дематирано од курдските власти.

Американската војска се повлече од Ирак кон крајот на 2011 година, по скоро еднодеценско присуство во таа земја.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG