Достапни линкови

Лето на војни


Тираните слават. Соединетите држави и Британија треба што поскоро да се разбудат. Ова се наведува во коментарот објавен во весникот „Тајмс“ во кој се оценува дека доколку конфликтите не се решаваат навремено, се отвораат можности за нови, поголеми од сегашните за кои се потешко ќе се наоѓаат решенија.

Никогаш во поновата историја немало толку војни и помали конфликти и бунтови кои би можело да прераснат во војни.

Блискиот Исток гори, Газа е во крв, во Сирија веќе има над 170 илјади загинати, џихадистите напредуваат во Ирак, а Либија се повеќе станува гангстерска држава.Тука се и Авганистан, Јужното кинеско море и секако проруските сепаратисти во источна Украина.

За политичарите ваквите кризи изгледаат нерешливи, се наведува во коментарот на Тајмс во кој се додава дека тоа можеби е поради чувството на немоќ, своевиден ментален замор кој доаѓа од позицијата да се биде набљудувач на нечии туѓи страдања.

Европејците би требало да останат фокусирани врз овие нови војни кои се наближуваат на нивните брегови. Од друга страна тука е и колапсот на американското лидерство во светот.

Моќниците стануваат тоа бидејќи се апсолутно подготвени да употребат сила, но во реалноста тие се принудени да прават сојузи со племенски лидери, бизнисмени, самопрогласени генерали и регионални шефови. Токму тука тие се ранливи.

Но, еднополарното објаснување за светските болести не може да биде оправдување за непреземање акции.

Можете да го измерите падот на американското лидерство на многу начини, од воздржаните израелски одговори на барањата за примирје во Газа, до германското протерување на ЦИА центарот од Берлин.

Сепак, сегашниот проблем не е само во недостиг на лидерство, туку и во немање соодветено негово следење.

Европа повеќе би побарала засолниште, отколку да учествува во решавање на конфликтите.

Тоа беше очигледно во европската неподготвеност за поостри санкции против Русија. Така Европа стана континент на дуќанџии.

На Сирија пак, главно се гледа само низ призмата „полупечените“ џихадисти да не се вратат дома со намера да убиваат. Тоа можеби е добар рефлекс за еден полицаец, но не и за доследна надворешна политика.

Она што е неопходно е способноста да се размислува стратегиски. Тоа значи да се поврзуваат и да се откриваат скриените врски меѓу жешките точки и да се процени кога треба да се интервенира.

Британија имаше шанса уште во почетокот на бунтот во Сирија да ги вооружи умерените бунтовници против претседателот Башар ал Асад.

Тоа не беше направено во страхување оружјето да не дојде во погрешни раце.

Така почна да расте моќта на Слободната сиријска армија која ја вооружуваа џихадисти и сега е пред вратите на Багдад.

Од друга страна господин Путин стана силен како резултат на проценката за слабиот господин Обама.

Моќниците стануваат тоа бидејќи се апсолутно подготвени да употребат сила, но во реалноста тие се принудени да прават сојузи со племенски лидери, бизнисмени, самопрогласени генерали и регионални шефови. Токму тука тие се ранливи.

Не сите војни имаат готови решенија, но како што минува времето, тие носат и нови, се наведува во коментарот во Тајмс.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG