Достапни линкови

Струшката депонија ги брка туристите и инвеститорите


Деновиве од струшката депонија која се наоѓа на само стотина метри од влезот на градот среде туристичка сезона се шири густ чад и неподнослива миризба која го прави живот на граѓаните и туристите неподнослив.

Ако политичарите имаат пари за изборни кампањи тогаш да најдат пари за да го решат проблемот со депонијата во Струга велат стружани. Деновиве од струшката депонија која се наоѓа на само стотина метри од влезот на градот среде туристичка сезона се шири густ чад и неподнослива миризба која го прави живот на граѓаните и туристите неподнослив.

Никој не може да ме убеди дека не може да се најде некое решение за депонијата. Ова не може веќе да се трпи. Се фалиме дека сме туристички град, а кого може да привлечете само со згради и со депонија?
Берат Села, еколошкото друштво „Натура“ од Струга.

Берат Села од еколошкото друштво „Натура“ од Струга вели дека струшките политичките претставници треба проблемот со депонијата конечно да го стават во свои приоритети, бидејќи на Струга и се заканува еколошка катастрофа.

„Ако можат да се најдат средства за кампањи за нивните политички приоритети, а меѓу нив беше и екологијата. Сега кога седнаа во фотелјите се е во ред и нема пари. Никој не може да ме убеди дека не може да се најде некое решение за депонијата. Ова не може веќе да се трпи. Се фалиме дека сме туристички град, а кого може да привлечете само со згради и со депонија?“, вели Берат Села.

Депонијата. според него, може да биде извор на заразни заболувања.

„Не е во прашање само чадот, бидејќи никој не го контролира отпадот кој се фрла на тоа место. Кога велам секаков вид на отпад, може да се заклучи какви последици тоа може да има. Ситуацијата е алармантна и е многу сериозна. Решение мора да се најде бидејќи ситуацијата веќе кулминира. Гледам дека и населението го има фатено паника и сака решение околу тоа“, рече Села.

Ардијан Демири советник во Советот на Општина Струга, вели дека случувањата со струшката депонија се резултат на непреземање мерки изминатите години.

„Сега сите заедно да го решиме овој проблем и еднаш засекогаш да ги ослободиме стружани од опасноста која демнее цело време од таа депонија. Треба да се вклучат сите фактори и органите на локално и централно ниво. Но потребно е малку повеќе мост на комуникација меѓу институциите за да се реши ова и стружани конечно да дишат воздух, а на Струга да и го вратиме стариот сјај“, вели Демири.

На само 50 метри од депонијата е предвидено да никне индустриска зона , но Демири прашува кој ќе дојде да инвестира на место од каде се шири смрдеа.

„Таа депонија покрај тоа што ни прави проблем во туристичкиот развој, ни прави проблем и во економскиот развој. Индустриската зона треба да биде една моторна сила за економскиот развој на градот, а кој нормален би инвестирал во таа економска зона кога во нејзина близина има депонија од размери каква што е сега. Мислам дека можеме да го решиме овој проблем, за да наредните генерации кои воопшто не се виновни да им овозможиме нормален економски развој и да ги ослободиме од здравствената опасност“ ,вели Демири.

Градоначалникот на Струга, Зијадин Села вели дека за решение на проблемот има неколку варијанти.

„Се работи за една инвестиција која сакам да ја реализирам, но барам инвеститори. Сакаме тоа да се реализира по пат на јавно приватно партнерство со што би се горел сметот кој што е таму, а со тоа би се произведувала, топлинска енергија нафта, уље и природен гас. Тоа ми е намерата, а ако не го реализираме тоа, таа депонија ќе биде затворена. Јас не можам да ја тргнам таа депонија и се она што тука цела деценија е собрано“, вели градоначалникот.

Прашањето за депонијата пред градските советници ќе се најде на првата наредна седница на советот на општината на 12 август.

XS
SM
MD
LG