Достапни линкови

Уривањето на авионот, клучен момент во украинската криза?


Уривањето на малезискиот патнички авион во источна Украина, според аналитичарите, би можело да биде пресвртна точка. Иако се уште не е јасно кој стои зад, како што изгледа, ракетниот напад врз авионот, тоа би можело повеќе да го сврти вниманието на меѓународната заедница кон украинската криза.

Соединетите Држави побараа итен прекин на огнот во Украина со цел да се обезбеди непречена истрага во уривањето на малезискиот патнички авион и наводите дека тој претходно бил погоден со ракета земја воздух.

Украинските власти веруваат дека авионот бил урнат. Ќе утврдиме точно што се случило. Ако се покаже дека тоа се случило, ќе инсистираме сторителите да бидат изведени пред правдата
Наџиб Разак, премиер на Малезија.

Авионот од типот Боинг 777 во кој имало 298 луѓе се урна на територија под контрола на проруските сепаратисти во близина на границата со Русија.

Украинскиот претседател Петро Порошенко веднаш оцени дека станува збор за терористички акт.

Американскиот претседател Барак Обама во телефонски разговор со Порошенко и со холандскиот премиер Марк Руте изјави дека Вашингтон е подготвен да помогне во истрагата.

Тоа би можело да ја натера Русија да се повлече. Ова е токму тоа што не го сака Путин. Но токму ова сценарио стана возможно кога на необучени луѓе им давате софистицирано оружје.
Сем Черап, Меѓународен институт за стратегиски студии во Вашингтон.

Американски официјални претставници соопштија дека леталото било погодено со ракета, но оти не може да се каже кој ја истрелал и од каде.

Авионот летал на линијата Амстердам-Куала Лумпур на височина од 10 илјади метри.

Сепратистите ги отфрлија обвинувањата дека стојат зад нападот, бидејќи немале такво оружје и за трагедијата ги посочија украинските сили.

ОБСЕ соопшти дека сепаратистите се согласиле да го затворат местото каде што паднал авионот и да дозволат доаѓање меѓународни истрaжители и монитори.

Авионот падна ден откако Вашингтон ги заостри санкциите против Русија, бидејќи не презела мерки за смирување на сепартистите.

Претседателот Владимир Путин, одговорноста за трагедијата је префрли на Украина.

„Сакам да нагласам дека оваа трагедија немаше да се случи ако имаше мир и ако не продолжија воените активности на југоистокот на Украина“, рече Путин.

Малезискиот премиер Наџиб Разак, пак, најави дека ќе бара виновниците за трагедијата да бидат изведени пред суд.

„Украинските власти веруваат дека авионот бил урнат. Ќе утврдиме точно што се случило. Ако се покаже дека тоа се случило, ќе инсистираме сторителите да бидат изведени пред правдата“, рече Разак.

Во авионот имало најмалку 154 Холанѓани, 27 Австралијци, 43 Малезијци, 12 Индонезијци, девет Британци, четворица Белгијци, тројца Филипинци. Целиот екипаж бил малезиски.

Тоа е втора несреќа на авион на Малезија Ервејс во изминативе неколку месеци. Во март авион на оваа компанија исчезна на летот од Куала Лумпур до Пекинг.

Сакам да нагласам дека оваа трагедија немаше да се случи ако имаше мир и ако не продолжија воените активности на југоистокот на Украина.
Владимир Путин, претседател на Русија.

Аналитичарите сметаат дека загинувањето на голем број цивили би можело да го сврти глобалното внимание врз конфликтот во Украина и улогата на Москва во тоа.

„Тоа би можело да ја натера Русија да се повлече. Ова е токму тоа што не го сака Путин. Но токму ова сценарио стана возможно кога на необучени луѓе им давате софистицирано оружје“, вели Сем Черап од Меѓународниот институт за стратегиски студии во Вашингтон.

Според него, се ќе зависи од доказите за евентуалната инволвираност на проруските сепаратисти. Некои, пак, се на мислење дека трагедијата ќе ги увери и најколебливите во Европа дека се неопходни поцврсти санкции против Москва.

Меѓународната реакција, според нив, би можело да оди во две насоки. Земјите да ја сфатат растечката опасност од укрианскиот конфликт или да ги натера побрзо да ги вовлечат нивните глави во песок.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG