Достапни линкови

Радикалите тријат раце поради „Монструм“


Експертите за безбедност почочуваат дека секогаш во вакви ситуации радикалните структури се обидуваат да ја искористат состојбата за промовирање на нивните цели.

Протести против пресудата во случајот Монструм во Скопје, па протести во повеќе градови во Македонија, официјална Тирана реагира на прекумерна употреба на сила врз демонстрантите Албанци во Македонија, се одржуваат протести во Косово и во Албанија, се палат македонски знамиња...

За да се смират состојбите во потполност ќе биде потребно ангажирање не само на полициските структури, туку и на многу поширок круг на општествени активности, почнувајќи од политичките партии, преку невладините организации, па и сите други структури кои можат да помогнат да го освестат граѓанинот дека тој може да биде злоупотребен.
Благоја Марковски, Балкански форум за безбедност.

Големоалбанската реторика во регионот се вжештува. Повиците за застанување „зад своите“ се сè погласни. Претставници на меѓународната заедница повикуваат на смиреност, амбасадори се среќаваат со првенците од албанскиот блок во Македонија, кои отфрлаат одговорност за организација на протестите. Повторуваат дека поддржуваат мирни протести, но не и насилство.

Премиерот Никола Груевски изјави дека државата нема да дозволи протестите да ескалираат до таква мера да ги загрозат интересите на граѓаните или на институциите. Постојат одредени групи, како што наведува тој, кои се обидуваат да долеат масло на огнот заради некоја своја лична агенда, која не е државна.

Безбедносните служби треба 24 часа превентивно да работат на прибирање на разузнавачки информации кои би можеле да доведат до загрозување на безбедноста во Македонија, меѓутоа ние за жал во законска форма на ваквите служби им го земавме основното орудие, а тоа се оперативните врски.
Владимир Пивоваров, универзитетски професор.

Благоја Марковски од Балканскиот форум за безбедност вели дека секогаш во вакви ситуации радикалните структури се обидуваат да ја искористат состојбата за промовирање на нивните цели.

„За да се смират состојбите во потполност, да се воспостави една нормална состојба, ќе биде потребно ангажирање не само на полициските структури, туку и на многу поширок круг на општествени активности, почнувајќи од политичките партии, преку невладините организации, па и сите други структури кои можат да помогнат да го освестат граѓанинот дека тој може да биде злоупотребен во една ваква ситуација, не за да се остварат целите за правна пресуда, туку да се остварат некои сосема други радикални цели“, вели Марковски.

Тој вели дека во ваква ситуација е непримерно кој било од политичките чинители да не повика на смирување на состојбата и затоа е незадоволен од молкот на претседателот Ѓорге Иванов.

Универзитетскиот професор и поранешен разузнавач Владимир Пивоваров со слични размислувања како Марковски.

„Затоа безбедносните служби треба 24 часа превентивно да работат на прибирање на разузнавачки информации кои би можеле да доведат до загрозување на безбедноста во Македонија, меѓутоа ние за жал во законска форма на ваквите служби им го земавме основното орудие, а тоа се оперативните врски“, вели Пивоваров.

Марковски сепак не очекува радикализација на состојбата и смета дека умерените сили ќе надвладеат.


„Јас мислам дека Балканот е доволно опаметен од скорашното минато и дека граѓаните не се расположени за нови кризни ситуации, посебно не за разни воени дејства и од тој аспект радикалните структури кои сега се појавуваат и ја користат моменталната состојба, нема да добијат широка поддршка меѓу народните маси“, вели Марковски.

ВМРО-ДПМНЕ протестира на директните или индиректни обвинувања во дел од медиумите на албански јазик кои пресудата во случајот „Монструм“ ја сметаат и прикажуваат како политичка, партиска или донесена под политички притисок. Провладините медиуми оркестрирано обвинија за наводна тајна средба на која новинари, невладини организации и претставници на опозицискиот СДСМ зборувале за можноста да се извлече политички бенефит од настаните околу случајот „Монструм“, додека од СДСМ го вперија прстот во владините партнери Груевски и Ахмети за урнисувањето на довербата во судството. Лидерот на ДПА Мендух Тачи бара повторување на судењето за Монструм, а првиот човек на ДУИ Али Ахмети повика на воздржаност додека не се искористат сите правни механизми за жалба.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG