Достапни линкови

Економија - расте, aма не се чувствува


Бруто домашниот производ пораснал за 3,9 отсто во првиот квартал годинава. Економистите велат дека е потребен подолгорочен раст за граѓаните да го почувствуваат.

Растот на БДП од 3,9 отсто во првиот квартал не е податок кој треба многу да нè радува, велат дел од економистите и опозицијата. Професор Ванчо Узунов е уверен дека растот на БДП не е одржлив до крајот на годината, бидејќи, како што оценува, не станува збор за економски придвижен циклус на раст, туку за политички придвижен циклус на раст.

Прво, 3,9 отсто е малку со оглед на тоа колку пари потроши владата во предизборието за да ги добие изборите. Со толку пари друга економија ќе оствари раст од 8 отсто, а не од речиси 4 отсто.
Ванчо Узунов, потпретседател на СДСМ.



„Прво, 3,9 отсто е малку со оглед на тоа колку пари потроши владата во предизборието за да ги добие изборите. Со толку пари друга економија ќе оствари раст од 8 отсто, а не од речиси 4 отсто“, вели Узунов.

Професор Марија Зарезанкова Потевска потенцира дека кај земјите со развиена економија, малку да порасне БДП, веднаш ќе се почувствува, бидејќи кај нив базата е на повисоко ниво, додека кај нас тоа ништо нема да значи. Растот на БДП треба да биде на подолгорочна основа односно да трае најмалку две години за да се почувствува и во стопанството и да го почувствуваат граѓаните, дополнува таа.



„За една Германија 1 отсто пораст на БДП-то на основа на развиено стопанство значи сосема доволно, за разлика од нас тие имаат ниво на развој, ние немаме ниво на развој. Да земеме пример со едно семејство, сиромашно семејство донело пари дома, ќе се задоволат некакви мали потреби и толку, после пак нема, а во едно имотно семејство и малку да се донесе значи затоа што има база“, вели Зарезанкова Потевска.

За една Германија 1 отсто пораст на БДП-то на основа на развиено стопанство значи сосема доволно, за разлика од нас тие имаат ниво на развој, ние немаме ниво на развој.
Марија Зарезанкова Потевска, универзитетски професор.



Според Узунов, ваквиот раст на БДП не се чувствува во македонскиот стандард, бидејќи распределбата на доходот во Македонија е крајно неправедна. Од новосоздадената вредност што статистички владата ја бележи како најдобар резултат во Европа, најголем дел добиваат оние што веќе се богати, додека останатите граѓани тоа не го чувствуваат, бидејќи немаат толкав пораст на своите приходи колку што е статистички растот, вели Узунов.

„Некои и во Македонија многу добро го чувствува тој раст од 3,9 отсто, меѓутоа најголемиот дел од граѓаните не го чувствуваат тоа, бидејќи платите не се зголемени на вработените во индустријата, на вработените во стопанството, па и на вработени во јавната администрација или во образование или во здравство. Платите се исти, а цените се покачени“, вели Узунов.

Инаку, според статистиката, раст на БДП е забележан во сите сектори. Најголем двигател е градежништвото, со раст од 13,7 отсто, додека финансиското посредување учествува со 4,7 отсто, а трговијата на големо и мало со 3,3 отсто.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG