Достапни линкови

Обама распореди војници во Багдад


Американскиот претседател Барак Обама го информира Конгресот дека распоредил 275 војници за обезбедување на американската амбасада во Багдад. До ова доаѓа откако сунитските милитанти на Исламската држава Ирак и Левант освоија големи делови во северен Ирак и напредуваат кон Багдад.

Објавата на Барак Обама е во согласност со федералниот закон кој му дава овластување на американскиот претседател да испраќа сили во странска воена мисија без да бара согласност од Конгресот. Според овој закон, претседателот само треба во рок од 48 часа да го информира Законодавниот дом дека испраќа војници во мисија надвор од земјата. Со законот, исто така се забранува војниците да останат подолго од 60 дена, плус дополнителни 30 дена за нивно повлекување.


Во меѓувреме, американски официјални претставници потврдија дека се консултирале со Иран, но само за тоа што може да стори за намалување на секташкото владеење на ирачкиот шиитски премиер Нури ал-Малики.
Ние не мислиме дека е корисно за Iрачаните да се потпрат врз капацитетот на иранските безбедносни сили.
Џен Псаки, портпаролка на Стејт департментот.

„Ние не мислиме дека е корисно за Iрачаните да се потпрат врз капацитетот на иранските безбедносни сили“, изјави портпаролката на Стејт департментот Џен Псаки.

И Белата куќа соопшти дека исклучува секаква воена соработка меѓу Соединетите Држави и Иран за средување на ситуацијата во Ирак.

Портпаролот на Белата куќа Џош Ернест издаде вакво соопштение по изјавата на американскиот државен секретар Џон Кери дека Вашингтон, цитираме „не исклучува ништо“ во консултациите со Иран што би можело да биде конструктивно за вистинска стабилизација на Ирак.

Ернест прецизира дека во разговорите со иранскиот режим не е вклучена воената соработка.

„Ние не сме заинтересирани за координирање на воените активности со Иран“, додаде тој.

И Пентагон, по изјавата на Џон Кери, соопшти дека нема никаква намера воено да соработува со Техеран.

Иран ги поддржува шиитските милитантни групи кои им се приклучија на ирачките владини сили во борбите против сунитите од Исламската држава Ирак и Левант која се одвои од терористичката мрежа Ал каеда.

Џон Кери ја даде изјавата во интервју откако сунитските милитанти освоија уште еден стратегиски важен град во северозападниот дел на Ирак и соопштија дека убиле 1.700 ирачки шиитски регрути во Тикрит.

Паѓањето на Тал Афар, на околу 420 километри северозападно од Багдад се случи само неколку дена откако Исламската држава Ирак и Левант ги освои Мосул и Тикрит.

Запрашан за можноста за американски воздушни напади врз милитантите Џон Кери изјави:

„Тие не се целосен одговор, но би можело да бидат една од опциите кои се важни за да ги запрат луѓето кои се движат во конвои и камиони и го тероризираат народот. Кога имате убивање луѓе и масовни масакри, вие мора тоа некако да го спречите“, рече Кери.

Иран и Соединетите Држави долго време се непријатели, но и двете земји се заинтересирани во елиминирање на заканата од Исламската држава Ирак и Левант во регионот и за таа цел му понудија воена поддршка на Багдад.

Иранскиот претседател Хасан Рохани ја сугерира идејата за соработка меѓу двете земји ако Вашингтон преземе воена акција во Ирак.

Во минатата недела Барак Обама ја исклучи таквата можност, но пред два дена американски носач на авиони и два други борбени брода пристигнаа во Персискиот Залив.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG