Достапни линкови

Мундијалска треска и во Македонија


Македонија ја нема меѓу учесниците на Светското првенство, но тоа не го намалува интересот кај нас за овој најзначаен спортски настан на планетата.

Светската спортска јавност ги одбројува последните часови до стартот на јубилејниот 20-ти фудбалски Мундијал. Отворањето ќе биде утревечер во Сао Паоло, со мечот меѓу домаќинот Бразил и селекцијата на Хрватска, а на вкупно 64-те средби до финалето на 13-ти јули во Рио де Жанеиро, ќе настапат 32 репрезентации, вклучувајќи ги и сите досегашни светски прваци - Уругвај, Италија, Германија, Бразил, Англија, Аргентина, Франција и Шпанија.
Покрај тоа што Бразил секогаш, каде било да игра, е фаворит, сега уште повеќе е притисокот кај Бразил бидејќи е домаќин. Тука исто од Јужна Америка, е Аргентина. И од Европа, пред сè Германија и Шпанија се можеби најголеми фаворити да стигнат барем до полуфиналето.
Зоран Бошковски, поранешен репрезентативец.


Меѓу нив ја нема Македонија, но тоа не го намалува интересот кај нас за овој најзначаен спортски настан на планетата. Напротив, фудбалската треска е присутна и тука, каде што секој има свој фаворит во битката за највредниот спортски трофеј. Затоа и прогнозите се различни, но сите се убедени дека на 12-те стадиони во Бразил ќе се игра врвен фудбал. Тоа е мислење и на поранешниот македонски репрезентативец, а сега тренер на Металург, Срѓан Захариевски.


„Ѕвездите имаат многу натпревари позади себе. Можеби 70-80 натпревари играат во годината. Можеби кај нив ќе се чувствува и доста замор, а сите ние очекуваме многу од нив. Можеби некои од поголемите ѕвезди би потфрлиле токму поради тој замор. Но, сепак, мислам како ќе поминува времето ќе бидат сè подобри и подобри и ќе има допадлив фудбал“, изјави Захариевски.
Меси имаше многу лоша сезона во Барселона. Ова му е шанса да ја извади сезоната и би очекувал да блесне и да биде број 1 на овој Мундијал, за да го освои она што го нема уште освоено.
Срѓан Захариевски, поранешен репрезентативец.


Слично е мислењето и на стрелецот на првиот гол за македонската фудбалска репрезентација, Зоран Бошковски. Според него, овој Мундијал ќе донесе неизвесен фудбал и неочекувани резултати. Сепак, по групната фаза фаворитите ќе го оправдуваат рејтингот, а најголеми шанси за освојување на трофејот кој ќе го брани Шпанија, има пред сè домаќинот, вели популарниот Чоко.

„Покрај тоа што Бразил секогаш, каде било да игра, е фаворит, сега уште повеќе е притисокот кај Бразил бидејќи е домаќин. Тука исто од Јужна Америка, е Аргентина. И од Европа, пред сè Германија и Шпанија се можеби најголеми фаворити да стигнат барем до полуфиналето“, рече Бошковски.

Нашите соговорници, не очекуваат изненадувања и кога се во прашање поединците кои со своите игри ќе го одбележат Мундијалот, па за Захариевски прва ѕвезда ќе биде најголемиот адут на Аргентинците.

„Меси имаше многу лоша сезона во Барселона. Ова му е шанса да ја извади сезоната и би очекувал да блесне и да биде број 1 на овој Мундијал, за да го освои она што го нема уште освоено. За да стане како што би рекле комплетен. За мене е комплетен, ама ете му го оспоруваат само тоа, инаку за мене нема дилема дека тој е повеќе од комплетен фудбалер“, додаде Захариевски.

Бошковски, пак, очекува Германецот Мирослав Клосе да постигне барем два гола и да избие на првото место на вечната листа на стрелци на Мундијалите (лидер е Бразилецот Роналдо со 15 голови, еден повеќе од Клосе), а кога е во прашање битката за најефикасен играч на претстојниот собир на најдобрите на планетата во игра се неколку напаѓачи.

„Имам некое претчувство дека Нејмар ќе биде прв стрелец на Светското првенство. Не го фаворизираат, се даваат прогнози на Меси, на Кристијано Роналдо, на некои други фудбалери, но, мислам дека Нејмар може да изненади и да биде најдобар стрелец“, истакна Бошковски.
XS
SM
MD
LG