Достапни линкови

Пиши-бриши реформи го урнисаа образованието


Илустрација.
Илустрација.

Експертите се едногласни дека една од главните причини за ваквите состојби во образованието е што сите политички гарнитури спроведуваат свои реформи без да се надоврзуваат на претходните и така во недоглед.

Екстерното тестирање и плаќањето глоба ако на студентите не им се предложи литература што ја обезбедува Министерството за образование се едни од темелните забелешки на актуелната јавност за реформите, кои според нив, директно атакуваат на независноста на образовниот систем и се закана за кредибилитетот на професорите.
Екстерното оценување преку кое се обидува државата да влијае на одреден начин врз оценувањето го урива системот, каде што се знае дека наставникот е тој што е одговорен за оценувањето, кој што ја носи целата одговорност.
Ненад Новковски, универзитетски професор, поранешен министер за образование.

Некои експерти одат дотаму што изнаоѓаат нелогичности во потезите на надлежните институции предочувајќи дека токму од минатиот систем многу студенти го формализирале своето образование станувајќи денешни министри. Со ова тие укажуваат дека промените што се прават во образованието треба да бидат суштински, добро проверени и соодветно адаптирани, ако се преземени од модели од западно европските земји, бидејќи грешките во образовните политики, за жал, се согледуваат подоцна.

Најголеми контроверзии предизвикува оценувањето на наставниците и учениците во основната деветолетка и средното образование кое за повеќето освен стрес и дополнително оптоварување се уште не успева да понуди вистински и јасен одговор за потребата од спроведувањето на екстерното тестирање.
Тоа не е воопшто ниту за оценување на учениците, ниту за казнување на наставниците, туку е замислено како начин на собирање на податоци дали политиките што се применуваат се соодветни и во која насока би требало евентуално да се менуваат.
Мирјана Најчевска, универзитетски професор.

Ненад Новковски, поранешен министер за образование, вели дека преку екстерното оценување државата се обидува да влијае на одреден начин врз оценувањето што е работа на професорите и на некој начин како да прави недозволива корекција на професорите доведувајќи ја во прашање нивната професионалност во која е инвестирано години наназад.
Илустрација.
Илустрација.

„Екстерното оценување преку кое се обидува државата да влијае на одреден начин врз оценувањето го урива системот, каде што се знае дека наставникот е тој што е одговорен за оценувањето, кој што ја носи целата одговорност, кој што носи оценки, нешто што подразбира вклучување на индивидуална личност со сите свои знаења, со сите свои способности со конкретна соработка со учениците и следење на сите нивни активности и навистина вреднување со најдлабоките вредности што постојат во работата на ученикот. Тоа е нарушување на тој систем и изразено големо мешање во тој дел“, вели Новковски.
Оваа реформа има премногу ограничена цел, а приоритет треба да и биде тестирање на квалитетот на средното образование.
Марија Мирчевска, Младински образовен форум.

Тој вели дека се работи за тешка предрасуда, нагласувајќи дека образованието треба да ги отстранува предрасудите, а не да ги вградува.
Илустрација.
Илустрација.

Професор Мирјана Најчевска посочува дека екстерното оценување во светот се спроведува со цел да се види дали има потреба од корекции во образовната политика, наведувајќи дека кај нас работите се поставени наопаку.

„Тоа не е воопшто ниту за оценување на учениците, ниту за казнување на наставниците, туку е замислено како начин на собирање на податоци дали политиките што се применуваат се соодветни и во која насока би требало евентуално да се менуваат. Како многу други работи кај нас погрешно се применува екстерното тестирање и тоа станува од тестирање на политиките на власта во тестирање на наставниците и на учениците“, вели Најчевска.
Елементарното прашање кое секој го поставува е како е можно на пример еден професор да има од 10–15 предмети, 20-25 часа без асистенти, без демонстратори, без поддршка во тој процес.
Илија Ацески, социолог.

Таа дополнува дека резултатот на лошата имплементација е оценување кое не дава реална слика.
Илустрација.
Илустрација.

Марија Мирчевска од Младинскиот образовен форум го дели мислењето дека екстерното оценување не е застанато на вистински нозе, па се случува професор кој не се истакнува особено да биде награден и обратно, професор кој зад себе има евиденција за одлични резултати да не биде задоволен од крајниот исход на тестирањето. Таа дополнува дека освен посочените проблеми дискутабилни се недоследностите во самиот модел на оценување кој од минатата година претрпе промени без да се види сметка за штетите што биле предизвикани лани.

„Доколку целта беше унапредување на образованието требаше да биде земено предвид дали, на пример, учениците имаат потешкотии во совладување на одредена материја. А сега вака кога тесно е дефинирана целта на екстерното тестирање преку мерење на објективноста на професорите имаме ситуација каде, што да речеме, ние ќе наградиме професор кој објективно оценува меѓутоа просекот на класот може да е доволен или добар. Од тој аспект оваа реформа има премногу ограничена цел, а приоритет треба да и биде тестирање на квалитетот на средното образование“, вели таа.

Критиките кон институциите што ги спроведуваат реформите сепак најмногу се однесуваат на нетранспарентноста и тоа што ги прави тесен круг на луѓе наместо да се консултира пошироката наука. Се носат закони, а најповиканите во случајот, професорите се оставени пред завршен чин, дополнува Мирчевска.

Дека има граница до каде може извршните институции да навлегуваат во предлагањето на одредени реформи, а притоа да не се загрози автономијата зборува и интервенцијата на Министерството за образование токму во стручната литература што ја користат студентите на факултетите, не оставајќи им можност професорите да се повикаат на својата стручност во изборот на литературата. Најновите измени во законот за високо образование кои предвидуваат парични казни ако професор ја прескокне литературата што ја наметнува Министерството за образование, според експертите, е уривање на автономијата на Универзитетот.

„Што се однесува на учебниците тука веќе имаме и суштинска повреда на уставно загарантираната автономија на високото образование и со тоа практично се урива системот на академско високо образование. Академското високо образование е засновано врз принципот на академска автономија кој во основа ги има двата главни елементи, а тоа е слобода на изборот на методологијата на истражување и слобода на изборот на методологијата на изведувањето на наставата“, вели Новковски.

Најчевска е децидна дека ваквото интервенирање на власта во образованието е недопустливо за една демократска земја со европски аспирации.

„Дури ни во времето на социјалистичка Македонија немало ваков вид на мешање на власта во она што претставува наука и образование. Тоа што власта дозволува да определи кои материјали ќе бидат користени во образовниот процес, само значи диригирање на образовниот процес од луѓе, кои не се дел од тој процес, а од друга страна значи монопол на она што претставува знаење информација или можност за печатење на соодветни учебници“, вели Најчевска.

И Мирчевска од Младинскиот образовен форум потенцира дека станува збор за уривање на автономијата на Универзитетот и подвлекува дека бранувањата во јавноста кои беа и за нестручноста во преводите на литературата што ја користат студентите е резултат на невклучувањето на пошироките научни кругови.

„Прво изборот на литература треба да биде направен во консултација со академската фела. Дополнително во рами на преводот мора да бидеме сигурни дека е преведено од стручни лица, меѓутоа исто така дека има инпут и академската сфера од таа конкретна област. Под претпоставка дека овие критериуми се задоволени тогаш може да говориме дека сме имале до некаде добра политика и дека сме го зголемиле книжниот фонд. Во ситуација кога не се зема мислењето од академската сфера може да зборуваме дека имаме проблематична реформа со неизвесен исход“, вели Мирчевска од Младинскиот образовен форум.

Освен во изборот на стручна литература државата своите ингеренции се чини ги проширува и во изборот на идните професионални определби на учениците. Таа форсира претприемништво преку измени во одредени учебници правдајќи го ваквиот потег со потребите на пазарот на трудот. Меѓутоа експертите се сомневаат дека на ваквите промени им претходеле суштински анализи со што овие интервенции би биле одржливи и оправдани во долгорочен период. Експертите забележуваат дека владата реагира дневно без да води сметка дека можеби за одреден период ќе се бараат други струки, како на пример, земјоделие или она што во моментот ќе и се чини интересно.

„Претприемништвото го сфаќам исто како дел од она што претставува бизнис ориентација на самата влада. Прво беа компјутери, па потоа беа лап топи, па потоа беа таблети. Значи владата во тоа хаотично пипање каде може да профитира од образованието всушност на некаков начин без стратешки поткрепени решенија за потребите на општеството форсира одреден тип на образование. Апсолутно не гледам издржани и соодветни истражувања кои би ја оправдале потребата од една ваква ориентација“, вели Најчевска.

За социологот Илија Ацевски, во сферата на Високото образование недостасува квалитет и се помалку може да се зборува за студии кои би се сообразиле со универзитетите во Европа. Тој вели дека не ни треба вреднување по бројот на издадените дипломи, туку по стручност.

„Елементарното прашање кое секој го поставува е како е можно на пример еден професор да има од 10–15 предмети, 20-25 часа без асистенти, без демонстратори, без поддршка во тој процес“, вели Ацески.

Според последните податоци од минатата година во земјава има 530 магистри, 46 доктори на науки и 22 илјади дипломци кои се невработени. Дека Болоњскиот систем има слабости често повторуваат и од Агенциите за вработување. Според нив кадрите од стариот систем на магистратура се многу поквалитетни од новиот систем. Од таму забележуваат дека многу луѓе брзо станале магистри иако не се соодветни.

Експертите се едногласни дека една од главните причини за ваквите состојби е што сите политички гарнитури си спроведуваат свои реформи без да се надоврзуваат на претходните и така во недоглед.

„Не се изгради комплексен систем, кој што би се базирал на две до три зацртани цели кои однапред би го воделе развојот на еден таков систем. Пред околу 15 години кога првпат почна да се размислува за една поголема реформа на образованието беше составен тим на професори, стручњаци и сл, кој требаше да подготви една подолгорочна стратегија за развојот на образованието. Меѓутоа тоа што беше подготвено како документ никоја понатамошна власт не го зеде понатаму предвид, ниту се зафати со создавање повторно на некој таков тим кој би ја дал стручната основа на било која реформа.“
  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG