Достапни линкови

Невести од Албанија на курс по македонски


Дваесет и пет невести од Албанија омажени во општина Новаци научија да читаат и пишуваат на македонски јазик за да можат полесно да најдат работа.

Дваесет и пет невести од Албанија омажени во општина Новаци научија да читаат и пишуваат на македонски јазик со цел да бидат поконкурентни на пазарот на трудот и полесно да најдат работа. Едукацијата ја организираа УНДП и општината Новаци, која предничи во Македонија по број на невести од Албанија. Во неформалното образование беа вклучени жени од селата Добромири, Агларци, Далбеговци, Рапеш, Живојно, Бач, кои до сега воопшто не знаеја да читаат и пишуваат на македонски јазик.
Прво кога дојдовме тука ни беше многу тешко, сега со едукаторите ни е подобро учењето и го совладуваме македонскиот јазик.
Гелине Митковска од село Рапеш.


„Ова беше многу убав и интересен проект за нас кои сме дојдени од Албанија тука да го учиме и да го вежбаме македонскиот јазик. Прво кога дојдовме тука ни беше многу тешко, сега со едукаторите ни е подобро учењето и го совладуваме македонскиот јазик. Животот во селото е тежок, со стоката, со децата, ако има некој среќа да оди од нас да работи во некоја фирма, ќе биде подобро“, вели Гелине Митковска од село Рапеш.
Сопруги од Албанија со децата во училиштето во село Далбеговци.
Сопруги од Албанија со децата во училиштето во село Далбеговци.

Едукацијата траеше шест месеци, а со жените работеа дипломирани наставници.

„Жените од Албанија покажаа голем интерес за да научат за читаат и пишуваат македонски јазик, а ние како дипломирани одделенски наставници им помогнавме да го совладаат јазикот“, изјави наставничката Наташа Талевска.

Од општина Новаци велат дека преку проектот за општинско корисна работа овие жени ќе добијат можност за полесно и подобро да се вклучат во сите сфери на општественото живеење, но и полесна адаптација во средината каде што живеат. Ќе можат да им помагаат во образовниот процес на нивните деца.

„Вршиме социјализација на овие жени за да можат подобро да комуницираат и да можеме да им најдеме и работни места соодветни на нивната стручна спрема, а што е најважно да знаат да читаат и пишуваат на македонски јазик. Сега имаме и друг проект за отворање на игротеки во Добромири, Горно Алгарци и Живојно. Нема да дозволиме нашите дечиња да бидат хендикепирани во однос на знаењето на децата од градските средини“, изјави градоначалникот на Новаци, Лазар Котевски.

Изминатите осум години во пелагониските села се омажија седумдесетина Албанки и народија близу сто деца, со што се слушна детски плач и во села каде немаше принова и по 25 години.
  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG