Достапни линкови

Иванов го почна вториот петгодишен мандат


Во говорот по свечената изјава, преседателот Ѓорге Иванов денеска ги повика партиите кои не присуствуваа на седницата да ги надминат тесно-партиските и личните интереси.

Иванов истакна дека ќе биде претседател на сите граѓани без разлика на нивната етничка, верска или политичка припадност. Оние што мислат дека ја бојкотираат институцијата претседател на Република Македонија, всушност ги бојкотираат граѓаните, кои гласале на претседателските избори, истакна Иванов.

„Оние што го бојкотираат Собранието на Република Македонија за кое добија мандати, всушност ги бојкотираат волјата и довербата на граѓаните кои гласале и за нив. Бојкотот на институциите значи бојкот на демократијата и бојкот на волјата на граѓаните. Бојкотот е потценување на демократската зрелост на македонските избирачи.“

Иванов дополни дека Уставот во кој се заколнал, го обврзува да ја гарантира унитарноста на државата, да биде претседател на една единствена, неделива, суверена, самостојна, демократска Република Македонија.

„Уставот врз кој се заколнав, исто така, ме обврзува да го бранам уставното име на нашата држава. Затоа, нема да дозволам промена на Уставот со цел промена на уставното име – Република Македонија. Нема да прифатам идеи или предлози што би ги загрозиле македонскиот национален идентитет, посебноста на македонската нација, македонскиот јазик и македонскиот модел на соживот“
Оние што мислат дека ја бојкотираат институцијата претседател на Република Македонија, всушност ги бојкотираат граѓаните, кои гласале на претседателските избори.
Ѓорге Иванов, претседател на Македонија

На инаугурацијата не присуствуваа пратениците од ДУИ, за кои Иванов не е легитимен претседател, а не дојдоа и СДСМ и НДП, кои не ги прифатија мандатите. Откако идејата на ДУИ за консензуален претседателски кандидат не доби поддршка од ВМРО ДПМНЕ, од оваа партија останаа на ставот дека Иванов е легално избран, но дека нема легитимитет од мнозинството Албанци. Талат Џафери ги соопшти нивните позиции за бојкотот

„Иванов, кој е избран во еден легален процес, за Албанците е нелитимен, бидејќи не ја одразува волјата на вториот по големина народ во Република Македонија. Која било институција која ја нема волјата на двете најголеми заедници, согласно Охридскиот договор, е нелегитимна.“

Тој не коментираше како бојкотот ќе се одрази врз формирањето на новото парламентарно мнозинство и повтори дека преговарачките тимови на двете партии ќе продолжат да работат на усогласување на принципите.
Во врска со идната соработка на министерството за одбрана и врховниот командант на армијата, Талат Џафери кој во претходниот состав беше министер за одбрана, рече дека тоа прашање не е приватна работа
Ставот на ВМРО ДПМНЕ пак е дека непризнавањето на Иванов е проблем за ДУИ и оти тие треба да мислат како натаму ќе дејствуваат, бидејќи Иванов ја има поддршката на гласачите од различни етнички заедници.

„Легитимитетот на претседателот го дадоа граѓаните на Република Македонија, со огромниот број гласови кои не можат да се поделат ниту по партиска, ниту по етничка, ниту по религиозна припадност. Цениме и апелираме дека сите политички партии треба да ја прифатат одлуката на граѓаните.“

Изјави Илија Димовски, кој нагласи дека тоа што Иванов по вторпат е избран за претседател ја покажува стабилноста на Македонија и нејзините институции.
Пратениците на ДПА присуствуваа на седницата што значи дека ја поддржуваат владата и нејзиниот избор за претседател. Беким Фазлиу рече дека присуствуваат на седницата од принцип потсетувајќи дека тие не поддржаа бојкот на претседателските избори
„Претседателот е легитимен, бидејќи за него гласаа мнозинството граѓани“
На седницата присуствуваа премиерот Никола Груевски, министри и други лица од јавниот и политичкиот живот во земјата, верските лидери, претставници на дипломатскиот кор, меѓу кои и амбасадорите на САД и ЕУ, Пол Волерс и Аиво Орав.
  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG