Достапни линкови

Мемети - Избирачкиот список направи проблеми


Интервју со Иџет Мемети
please wait

No media source currently available

0:00 0:10:00 0:00

Интервју со Иџет Мемети

На овие избори во глобала имаше поголем број јавувања на граѓаните отколку за време на претходните избори. На нашата телефонска линија, само во Канцеларијата во Скопје, беа регистрирани повеќе од 150 јавувања, а во подрачните Канцеларии имаше над 50 јавувања. Во најголем дел проблемите ги создаваше неточноста на избирачкиот список, вели народниот правобранител Иџет Мемети во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Господине Мемети, вие имавте отворен телефон на денот на изборите за пријавување на нерегуларности. Колку пријави имаше до вас од страна на граѓаните за повреда на избирачкото право и на што најмногу се однесуваа?

На овие избори, и на претседателските и на предвремените парламентарни избори, во глобала имаше поголем број јавувања на граѓаните отколку за време на претходните избори. На нашата телефонска линија, само во Канцеларијата во Скопје, беа регистрирани повеќе од 150 јавувања, а во подрачните Канцеларии имаше над 50 јавувања. Во најголем дел проблемите ги создаваше неточноста на избирачкиот список. Имавме случаи каде успеавме да им помогнеме на граѓаните истиот ден. Ќе ви кажам еден карактеристичен случај. Додека во првиот изборен круг за претседателските избори, гласал во едно село, во вториот круг гласачот го најдовме на список во друго село, што остава сомнеж и несигурност кај граѓаните дека државата, односно органите за спроведување на изборите, поточно Државната изборна комисија, која е должна да изготвува ажуриран и квалитетен избирачки список, тоа не го прави. Имаше и такви случаи каде што неконзистентноста на нормите создаваше можност граѓанинот да не може да го оствари неговото право. Ќе ви кажам конкретен пример. Ако одреден граѓанин вториот изборен ден требаше да гласа и на претседателски и на предвремени парламентарни избори, ние во електронска форма го наоѓаме на едно одредено избирачко место, меѓутоа кога граѓанинот оди да го оствари своето право на тоа гласачко место, не може да се најде себе си. Имаше и такви случаи каде што во избирачкиот список за првиот круг на претседателските избори беше на едно место, а за вториот круг за гласање само на претседателските на друго место и ако граѓанинот оди да гласа на едно место за претседател и ќе биде бележан со мастило на левиот палец, тој не можеше да го оствари своето право и не успеа да гласа и за парламентарните избори. Има многу што од нашиот извештај што може да му помогне на законодавецот во иднина, тој дел, тој сегмент за подобрување на правната регулатива да го среди.

Дали имавте претставки, согледувања коишто се блиски до она што набљудувачите, меѓу другите и ОБСЕ, го предочија, како што се заплашување, поткуп...?


Во нашата канцеларија немало јавувања од тој тип, дека граѓаните се заплашуваат да не излегуваат да гласаат или да гласаат за одредена политичка партија, освен тоа што ви реков на почеток дека имаше 18 јавувања на граѓани кои се пожалија на тоа дека се вознемирени затоа што им се јавуваат по дома, вршејќи анкети и ги прашуваат за која партија би гласале. Во тој дел карактеристично беше дека сите граѓани не сакаа да го кажат својот идентитет за да може институцијата да истражува. Народниот правобранител не може да постапува по анонимки, затоа што ако треба да ја утврди фактичката состојба, треба да преземе низа дејствија за да дојде до вистината, дали е тоа така, меѓутоа мене како Народен правобранител таа појава, ако ја имаме, ме загрижува, затоа што сакаш-не сакаш, таа кај граѓанинот, односно кај гласачот создава една несигурност или едно двоумење дали слободно може да го користи своето избирачко право или не. Сакам да нагласам дека ние по наша инцијатива утврдивме дека во предизборната кампања имаше злоупотреба на децата, и покрај нашиот апел тоа се случи. Ние имавме случаи каде што утврдивме дека навистина не се работи за најдобриот интерес на детето, туку се работеше да друга цел. Тие што се сликаа со децата и тие што беа на билборди или што беа по митинзи со децата, целта нивна беше друга, не најдобриот интерес на детето, туку нивниот интерес да постигнуваат одредена цел.

Забележавте ли друг притисок врз граѓаните да гласаат вака или онака?

Не можам да кажам затоа што немаше такви јавувања, верувајте дека оваа институција сепак треба низ одредена процедура да утврди одредена повреда на човеково право. Освен на тие што ги најдовме по избирачки списоци и тие што еднаш беа на еден список, другпат на друг, на другите не можевме и затоа јас сметам дека навистина треба да се подобри начинот за брза заштита.

Но, имаше и јавен повик на бојкот на претседателските избори. Дали некој се жалеше на тоа и дали вие реагиравте на тоа?

Не. Јас како институција не реагирав на тоа и немав некое барање од граѓанин. И да имав такво барање зошто одредена политичка партија повикала на бојкот, јас немам можност да интервенирам, имам можност само да упатам апел дека граѓаните слободно треба да го остварат нивното право без никакви влијанија.

Вие постојано се оградувате, велите врз основа на претставки, врз основа на пријави, врз основа на анализа, дека мора да имате докази... Како вие тврдите дека граѓаните не го оствариле своето избирачко право, ако судите врз основа на овие 200 пријави? Имате ли подетални анализи дали овие граѓани можат или го оствариле своето право на глас? Овде има многу повеќе граѓани.

Да, меѓутоа, ние зборуваме за тие случаи кои ние сме ги третирале и од таквите случаи сме извлекле одредени заклучоци – кои се проблемите и кои се појавите, не како поединечен случај, туку дали има појава и да, тоа се проблеми кои сме ги воочиле во тие случаи и ги укажуваме. Тие ќе ги пренесеме и понатаму на надлежните за да ги имаат предвид нашите ставови и мислења во однос на остварувањето на избирачкото право на граѓаните.

Каква е соработката со надлежните институции на коишто ќе им ги пренесете овие сознанија?

Прво, сакам да нагласам дека на самиот ден на изборите соработката со институциите, со органите за спроведување на изборите беше на добро ниво. Од друга страна, секако дека Народниот правобранител неговиот извештај и по однос на ова ќе го достави до овластените предлагачи на закон и на тие на кои им се однесува. Секако, тоа е нивно колку овие наши наоди, мислења, констатации и препораки ќе бидат прифатени од нивна страна за да се надгради системот од секаков аспект, не само од формален, туку и од кадровски капацитет итн. Видете, многу е битна промоцијата на човековите слободи и права. Ние разговаравме и дека граѓаните не до крај ги користат можностите за да ги има на пример во списоците, да кажеме. Затоа сметаме дека ДИК не треба само да го огласи избирачкиот список. Уште многу кампањи треба да има за граѓаните подобро да бидат информирани како да ги поправат грешките ако ги има во списоците, затоа што имаше и такви случаи каде што граѓанинот го менува местото на живеење, граѓанинот во тој критичен период извадил друга лична карта итн.

На колку од граѓаните кои поднесоа пријави вие успеавте да им помогнете да го остварат своето избирачко право?


Освен на тие што ги најдовме по избирачките списоци и на тие што еднаш беа на еден список, а друг пат на друг список, на другите не можевме. Затоа јас сметам дека начинот за брза заштита треба да се подобри.

Врз основа на сè ова што го наведовте како нерегуларности, можете ли да кажете дека сето тоа влијаеше врз севкупниот квалитет на изборите и врз начинот на кој се спроведоа?

Ако јас кажам такво нешто во својство на Омбудсман... Сметам дека не можам јас да дадам еден таков суд, затоа што не сум повикан за таков суд. Сепак, јас како национална институција сум повикан тоа што го утврдуваме со одредена процедура да го кажам, да ги информирам граѓаните, да упатам критики итн.

Значи, секогаш имаме проблем со надлежностите на Народниот правобранител. Што може тој да ни помогне како граѓани? Какво влијание на крајот остваруваат вашите забелешки?

Само еден податок ќе ви кажам. Факт е дека во Република Македонија сè уште треба да се работи на тоа граѓаните да ги препознаваат нивните права, тоа е една работа, да ја препознаат надлежноста на Народниот правобранител, но уште повеќе треба да се работи на тоа државната администрација да знае за начинот како може Народниот правобранител да ги штити човековите права. Народниот правобранител нема зад себе присилен инструментариум, туку ја има таа моќ на авторитет, на професионалност да ја убеди администрацијата дека греши. За администрацијата повеќе да ги прифаќа неговите препораки, укажувања и мислења, таа треба да е доста професионална, непартизирана, треба да има менталитет дека таа е исклучиво сервис на граѓаните и е поради граѓаните, така што ние уште многу треба да работиме во Република Македонија за да ја подигнеме свеста на тие што одлучуваат за правата на граѓаните дека институцијата Народен правобранител треба да се почитува од овој аспект, затоа што Народниот правобранител не носи одлука која полицијата или државата ќе ја спроведе. Останува на свеста, совеста и професионалноста на тој што, еве земете ги изборите, на избирачкиот одбор.

Како вие ќе ги охрабрите граѓаните да реагираат за остварување на своите права?

Ние долго време инсистираме Народниот правобранител во Република Македонија, освен заштитата на човековите слободи и права, да ја има и промоцијата на човековите слободи и права. Тоа значи Народниот правобранител да има можност да ги промовира човековите слободи и права. Не случајно Народниот правобранител на Република Македонија нема статус А како национална институција за заштита и промоција на човековите слободи и права. Затоа, во фаза на подготовка е измената на Законот за Народен правобранител со која ќе ѝ се даде надлежност на оваа институција и да ги промовира човековите слободи и права, а тоа значи тој да има посебен буџет во неговиот буџет за промоција, а тоа чини, со кој ќе развие разни проекти за промоција на правата на граѓаните и за зајакнување на капацитетите по однос на важноста на правата на граѓаните на јавната администрација.
XS
SM
MD
LG