Достапни линкови

Претседателските кандидати во сенка на партиите


Кампањата за претседател падна во сенка на парламентарните избори, а со тоа полека се намалува и значењето на функцијата претседател.

Карактеристика на вториот круг од изборите е дека кампањата за претседател падна во сенка на парламентарните избори, забележуваат дел од аналитичарите кои имаат чувство дека со тоа полека се намалува и значењето на таа функција.
Се изместува и улогата на претседателот според Уставот и во меѓународната политика, меѓународните односи, па и неговото влијание во сферата на одбраната, на безбедноста, значи особено во дипломатијата итн.
Тито Петковски, НСДП.


Тоа значи дека и ингеренции на претседателот што се предвидени во Уставот во овој момент не се најважни за државата, коментира Тито Петковски кој своевремено беше претседателски кандидат. Тој мисли дека во оваа кампања, со спојувањето на претседателските и парламентарните избори, токму тоа и било целта.


„Зошто се отиде на таква кампања, да се спојат претседателски и парламентарни избори, за да се докаже, да се види практично кој е кој во државата, дека партијата е сè. Се изместува и улогата на претседателот според Уставот и во меѓународната политика, меѓународните односи, па и неговото влијание во сферата на одбраната, на безбедноста, значи особено во дипломатијата итн.“, вели Петковски.
На почетокот го видовме кандидатот на опозицијата којшто слободно без никакви оптоварување одеше на една кампања, чисто претседателска, меѓутоа во вториот дел веќе и тој почна на извесен начин да оди паралелно со она што е позицијата на СДСМ за парламентарните избори.
Нано Ружин, универзитетски професор.


Во однос на тонот на кампањата, експертите коментираат дека доминирале и теми кои главно не се во надлежност на претседателот како економски проблеми и демократија, а Петковски најмногу му забележува на актуелниот претседател Иванов, кој се бори за реизбор, дека настапувал со партијата која го кандидира, а кандидатот на СДСМ Пендаровски самостојно. Овој настап на Иванов, според Петковски, е израз на релативизирање на функцијата претседател во полза на владата.

Професор Нано Ружин кој исто така има искуство како претседателски кандидат наведува дека кампањата и во првиот круг делумно се совпаднала со кампањата на политичките партиите, но дека кандидатот на опозицијата имал поголема слобода. Меѓутоа во вториот круг практично овие избори се претворија во парламентарни избори бидејќи претседателите веќе делумно ќе се појават, ќе кажат неколку зборови или обично го повторуваат кажаното, коментира Ружин.

„На почетокот го видовме кандидатот на опозицијата којшто слободно без никакви оптоварување одеше на една кампања, чисто претседателска, меѓутоа во вториот дел веќе и тој почна на извесен начин да оди паралелно со она што е позицијата на СДСМ за парламентарните избори“, вели тој.

Сепак, Ружин дополнува дека и во вториот круг Пендровски го задржал својот индивидуалитетот и личност за разлика од Иванов кој настапувал како дел од пратеничката листа.

Инаку централно место во говорите на претседателските кандидати зазедоа прашањето за името, економијата, евроатланските интеграции и меѓуетничките односи. Во однос на решавање на спорот за името заедничко за сите е што црвените линии им се заштита на идентитетот. Тие имаа различни погледи и за евроинтеграциите, демократијата, слободата.
  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG