Достапни линкови

Социјалците „интересни“ само пред избори


На тешката социјална положба се жалат многу семејства во Прилеп, кои живеат исклучиво од социјална помош, велат им било ветувано пред изборите дека ќе ги вработат, но ништо од тоа.

Илмие Рамаданоска има 31 година. Таа е мајка на 8 малолетни деца, живее сама во ромската населба Тризла во Прилеп и сама се грижи за семејството. Нејзиниот сопруг ја издржува затворската казна, бидејќи е осуден за кражба на метални предмети. Таа е револтирана, но и разочарана, бидејќи не знае како да состави крај со крај во месецот. Живее во многу тешки, речиси неподносливи животни услови, а добива минимална социјална помош.
2800 денари земам социјална помош, не земам повеќе, а 8 деца имам и јас една девет. Децата ми се сите дома болни, имаат температура. Немам ништо, немам брашно, немам масло, немам да ги исперам децата.
Илмие Рамаданоска од Прилеп.


„Тешки услови имам, ни вода, ни да се греам, немам ништо, немам никаква поддршка , 2800 денари земам социјална помош, не земам повеќе, а 8 деца имам и јас една девет. Децата ми се сите дома болни, имаат температура. Немам ништо, немам брашно, немам масло, немам да ги исперам децата“, се жали Рамаданоска.


На лошите социјални услови за живот се жалат и многу други ромски семејства, кои живеат во истата населба. И оние кои се без образование, но и оние кои имаат завршено средно училиште, се без работа. А, велат им било ветувано пред изборите дека ќе се обезбеди работа.

„Децата имаат завршено средно, но не ги вработуваат? Ќе се вработат ваму-таму им ветуваа, а никој никаде не е вработен, нема ни помош...! А, зошто помош да ми дава некој, нека ме вработи, зошто не лаже? Доаѓаат горе присилно и ни велат, ако не гласате, ќе ви го скратиме социјалното. Дали е тоа закон во Македонија?“
Вкупниот број на корисници на социјална помош е 2224, значи тоа е состојба со месец, фебруари. Бројките се варијабилни, меѓутоа не значително.
Снежана Јованоска, Меѓуопштинскиот центар за социјална работа - Прилеп.


„Кај мене со три дечиња сум, ги школувам, немам со што да ги пратам на училиште, а бараат да ги школуваме, ако не ги пратиме па не казнуваат, треба да има малку свест и државата за ова“, велат жители на ромската населба Тризла.

Не, само Ромите, на тешката социјална положба се жалат и многу други семејства во Прилеп, кои живеат исклучиво од социјална помош, без можност за работа. Но, од Меѓуопштинскиот центар за социјална работа велат дека бројот на корисници варира, во последните две до три години, во многу мали граници.

„Вкупниот број на корисници на социјална помош е 2224, значи тоа е состојба со месец, фебруари. Бројките се варијабилни, меѓутоа не значително. Можеби во 2012 година сме за ја завршиле со број 2100, по 2300 имаме бројка, 2150...варијабилна е, но не е значително пореметен бројот на корисници на социјална парична помош“, изјави директорката Снежана Јованоска.

Пред 7-8 години бројот на корисници на социјална помош во Прилеп беше двојно поголем. Но, економската слика во градот, воопшто не е променета. Поригорозни се само условите за стекнување на право на социјална заштита и расте бројот на семејства и млади невработени луѓе кои постојано се иселуваат барајќи подобри услови за живот во странство.
  • 16x9 Image

    Моника Талеска

    Моника Талеска е дипломиран новинар на Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје. Од 2001-та година е дописник на Радио Слободна Европа. Освен тоа, постојан дописник е и на телевизија Телма. Работела како новинар, главен уредник и директор во поранешниот локален Центар за печат, радио и телевизија- Прилеп. 

XS
SM
MD
LG