Достапни линкови

Кризата во Украина и ширењето на НАТО


Македонија треба да јa искористи кризата во Украина за да ги оствари своите стратешки цели, велат аналитичарите.

Ситуацијата во Украина и референдумот во Крим за присоединување кон Русија, Македонија треба да ги искористи за да ги оствари своите стратешки цели, бидејќи сега меѓународната заедница се фокусира на соседството, а политичарите треба да обрнат внимание на граѓаните, велат експертите. Поранешниот амбасадор во НАТО, Нано Ружин вели дека постои една тензија и геополитичка напнатост во која најистурени играчи се САД, ЕУ и кризата во Украина може негативно да се одрази во соседството, при што НАТО веќе ги следи состојбите.
Секоја држава на Балканот станува значајна во оваа геополитичка игра. Затоа сметам дека ова е момент кога Македонија може да се повика на нешто, да се ефектуира тоа значење и конечно да се наметне како членка на НАТО.
Нано Ружин, универзитетски професор.

Архивска фотографија.
Архивска фотографија.
„Не дека НАТО се плаши дека Република Македонија нешто ќе направи, меѓутоа изгледа дека во новото преструктуирање на териториите и на државите, особено оние на Балканот што излегуваат на Црното Море, каде што е Севастопол, пристаништето на Руската црноморска флота, значи секоја држава на Балканот станува значајна во оваа геополитичка игра. Затоа сметам дека ова е момент кога Македонија може да се повика на нешто, да се ефектуира тоа значење и конечно да се наметне како членка на НАТО“, вели Ружин.

Политичкиот аналитичар Алајдин Демири вели дека референдумот на Крим е ново поглавје во историјата и сега има многу прашања кои се отвараат.
Таков проблем може да се јави и во Македонија затоа што хомогениот состав на Албанците во Македонија е од прилика во западна Македонија каде што тие живеат.
Алајдин Демири, универзитетски професор.

„Во многу држави ќе се најдат такви единки во региони каде што одредена единка би била мнозинство во однос на регионот, како што е денеска Крим. Таков проблем може да се јави и во Македонија затоа што хомогениот состав на Албанците во Македонија е од прилика во западна Македонија каде што тие живеат“, вели Демири.

Ружин смета дека треба да се искористи моментот за да се надминат проблемите со Грција и постои шанса за Македонија со дипломатска акција и иницијативи да се влезе побрзо во НАТО.

„Во овој момент мислам дека тоа е главниот влог за Република Македонија, а натаму останува да се проследи какви ќе бидат наредните потези и на Русија и на западните сојузници“, вели Ружин.

Според Демири, доколку политиката во Македонија не се демократизира и не се воведе консензус според кој би живееле Албанците во земјата во иднина може да настанат проблеми. Тој смета дека пораката од Крим ќе биде алармантна за сите политичари.

„Пред сè, ако зборуваме за Македонија, треба да биде она ѕвоно кое треба да ги разбуди и да почнат да мислат и да ги решаваат реалните проблеми на Македонија, за да се отфрли незадоволството и Албанците во Македонија, да почнат да ја доживуваат, да ја сакаат Македонија како своја држава“, вели Демири.

ЕУ, НАТО и САД не го признаваат референдумот за независност на Крим, бидејќи според нив е нелегален и бараат да се почитува суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина.
  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG