Достапни линкови

Каролина - „Македонско девојче 2“


Почнувајќи од четврток навечер, Каролина Гочева во Македонската опера и балет ќе одржи пет концерти, на кои меѓу другите, ќе ги изведе и песните од новиот албум „Македонско девојче 2“.

„Македонско девојче 2“ на Каролина е магичен и повеќеслоен албум. Остварување кое ја има инстантната допадливост, но кое го окривате со секое идно преслушување. Вистински следбеник на обнародената деби објава што ја потпишаа пејачката и големиот автор и ововремен музички преродбеник Златко Ориѓански.

Албумот доаѓа по речиси шест години од обелоденувањето на проектот „Македонско девојче“ со кој Каролина трепетливо зачекори во една нова, на публиката дотогаш непозната звуковна авантура, но од друга страна и потврда дека ги победила сите непознаници и сега стамено ќе може да чекори низ портите што патем ќе и се отвораат.
Со него Каролина, за која и досега знаевме дека е одлична пејачка и несекојдневна појава на македонската музичка сцена, на најубав начин потврдува дека го достигнала својот изведувачки зенит.

Вистински показ дека нејзината моќна и умешна интепретација со ништо не може да биде оградена и сведена единствено во еден сегмент на локалново буниште. Напротив, поразличен од деби објавата, со екипа која авторски трга од едно поинакво одредиште и со свирачи кои сериозно го испекле занаетот, „Македонско девојче 2“ не само што донесува оригинални творби кои извираат од нашата заумна фолклорна традиција, туку и интригира со потребата да ги побара врските со некои други музики од океанот на звуци во глобални рамки. И, сето тоа да не биде изнудено, изнасилено, туку сосема природно оти ниту една музика по белиот свет (а најмалку овде во околу Средоземиево) не настанала посебно и не постои сама за себе туку била изнедрена од катадневните соборни вкрстувања и звуковни ишарети.

Каролина, токму во овој домен на песната која длабоко извира од македонскиот музички јазик, е вокално комплетно подготвена и за новите исчекорувања кои и не мора да бидат условно врзани за дадениов простор.
Згора на тоа, ако се има на ум дека осумте оригинални авторски композиции ги потпишуваат Никола Мицевски, Валентин Соклевски и Весна Малинова, а во тимот се инструменталисти како кларинетистот Благоје Трајковски, басистот Оливер Јосифовски (ЉУБОЈНА), феноменалниот трубач Џамбо Агушев, гитаристот Зоран Костадиновски (КАБАДАЈАС), виолинистот Влатко Крстев, Бошко Мангаровски на канон (ЧАЛГИЈА САУНД СИСТЕМ), саксафонистот Стефан Тасевски, Благоја Антовски, Зоран Ристевски и Гоце Узунски (СИНТЕЗИС) на удиралки, тогаш повеќе од јасно е дека овде ништо не е препуштено на случајот и дека целата екипа го дала најдоброто од себе во креирањето на објавата.

Ним, повеќе од јасно им било дека тргнуваат да создаваат
нова, современа македонска популарна ( независно дали ќе ја именувате фолк или поп) музика која што во основа се потпира на традиционалниот канон, но која наедно се интернационализира и која на моменти ќе се воздигне во дива џез импровизација ( обрнете внимание особено на воведната „Кој да ми запее“, на „Смеј ми се смеј“, лудо игривата „Ќе пијам љубов до крај“ ...) која до вистински израз ќе треба да дојде токму на претстојните концертни настапи.
„Македонско девојче 2“, заради потеклото на повеќемината уметници кои зедоа учество во него и кои така оставија делче од сопствениот творечки идентитет, локално може да се смета и за „битолски албум“.

Од друга страна, со два веќе сигурни хит-синглови какви што се „Чалгиска“ и уште повеќе „Две лири (не ни било пишано)“ и две емотивно доживеани обработки – народната „Те видов и се заљубив“ и класиката на големиот Пепи Бафтировски - „Ако згрешам нека изгорам“ ( еден од бисерите на Миле и Ѓорѓи Барбаровски), „Македонско девојче 2“ се воздига до прекрасна колекција од песни која и се противи на сета грдотија од ритми и припрости стихови која катадневно не засплиснува.

Со него Каролина, за која и досега знаевме дека е одлична пејачка и несекојдневна појава на македонската музичка сцена, на најубав начин потврдува дека го достигнала својот изведувачки зенит. Таа е убедлива дека стамено стои и на ова тло, дека поседува мазна и заводлива интерпретација, дека може да ве одведе во различни расположенија и конечно, дека влегла во простори каде што несомнено и органски припаѓа. Дури ќе се осмелам да кажам дека, сепак на свој специфичен начин, дури може да ги следи стапките на пејачки легенди како што се Виолета Томовска или Нина Спирова.

Нека биде јасно и тоа дека Каролина, токму во овој домен на песната која длабоко извира од македонскиот музички јазик, е вокално комплетно подготвена и за новите исчекорувања кои и не мора да бидат условно врзани за дадениов простор. Напротив, сега веќе со дефиниран проект и богата колекција на песни од двата вонвремени албуми, таа и нејзиниот тим нималку не смеат да запрат и да и се препуштат на маглата од ловорики.

Пред нив се идните сценски патешествија и звуковни искушенија на кои трпеливо и трудољубиво треба да се работи. Впрочем како и досега, со забелешка дека во случајов со силината на својот творечки израз влегоа во редот на оние кои ја чинат убавата сегашност на современата македонска музика во која никогаш немало, а денес уште помалку има место за неуките и дробните.

И, уште малку (ако сакате) од моите, сепак, лични промисли. „Македонско девојче 2“, заради потеклото на повеќемината уметници кои зедоа учество во него и кои така оставија делче од сопствениот творечки идентитет, локално може да се смета и за „битолски албум“. Тој ги донесува звуците и обичаите на битолската чаршија, на градот кој некако и во ововремиево им одолева на турбо-атаците од сите страни. Со тоа, пак, оваа објава го довикува урбаниот дух на онаа поинаква Македонија која има потреба да не се чувствува како слепо црево на Балканот, ами како здрава мултикултурна средина чии двери биле секогаш отворени за добронамерниците и за талентираните.

И, во името на тоа, сега знам дека некаде од Горе, шеретски како што тој само знаеше, ни се насмевнува великанот и народниот творец Јонче Христовски – по чиј наслов на песна е именуван проектот пред кој дефинитивно е светла иднина.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG