Достапни линкови

Воведување ред или партиска чистка во Општина Охрид?


Седница на Совет на општина Охрид.
Седница на Совет на општина Охрид.

СДСМ обвинува за партиска чистка во Општина Охрид по смената на локалната власт. ВМРО-ДПМНЕ, пак, одговара дека мора да се стави ред во работењето на Општината.

Охридските Социјалдемократи обвинуваат за, како што велат, политички реваншизам врз нивни членови и поддржувачи во локалната самоуправа во Охрид и во Јавните претпријатија во градот. Со измените на актите за внатрешна организација и систематизација на работните места во општината и во јавните претпријатија извршени од страна на управувачката и раководната структура на ВМРО-ДПМНЕ, власта си зеде за право да спроведува чистка од политички причини, рече Александар Кузески, портпарол на СДСМ Охрид.
Локалната власт на ДПМНЕ јасно ги покажува своите намери да се пресмета со политичките неистомисленици на еден крајно груб, непрофесионален и нечовечен начин.
Александар Кузески, портпарол на СДСМ Охрид.

„На вработените секојдневно им се делат нови решенија, со кои се врши нивно несоодветно прераспоредување на други работни места, без какво било логично образложение или издржана причина за тоа. Промената на работните места кај одредени работници не се одвива според неопходните економски, технолошки или оперативни критериуми, туку исклучиво според нивната политичка и партиска припадност, или, поточно речено, неприпадност кон владејачката партија. Одреден број на вработени лица во државната и јавната администрација во нашата општина се обесправени само поради тоа што не размислуваат исто како и нивните работодавачи, при што тоа нема никаква врска со работата, туку е исклучиво поврзано со политичката определба и партиската припадност на работниците. На тој начин, локалната власт на ДПМНЕ јасно ги покажува своите намери да се пресмета со политичките неистомисленици на еден крајно груб, непрофесионален и нечовечен начин“, вели Кузески.
Воведување на ред во системот на функционирањето на Општината и на јавните претпријатија е основна цел на ВМРО-ДПМНЕ. Bо Охрид мора да се воведе ред после огромниот пустош што зад себе го остави СДСМ.
ВМРО-ДПМНЕ.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека идентификацијата на главните проблеми со кои се соочуваше Охрид во изминатите години покажало тотална неодговорност на СДСМ во раководење со градот, вклучувајќи ја и кадровската структура во Општината и во Јавните претпријатија.

„Паушалните обвинувања дека ВМРО-ДПМНЕ спроведува некаков „реваншизам“ се само бесцелен обид да се излезе на прес-конференција и фројдовски го самораскажува само начинот на кој СДСМ владеел со Охрид. Воведување на ред во системот на функционирањето на Општината и на јавните претпријатија е основна цел на ВМРО-ДПМНЕ. Bо Охрид мора да се воведе ред после огромниот пустош што зад себе го остави СДСМ. Тоа ќе продолжи сè до моментот на санирање на последиците од неодговорноста на претходната локална власт и до моментот кога Охрид ќе добие потполно респектабилни и функционални институции“, велат во ВМРО-ДПМНЕ.

Од СДСМ велат дека на сите вработени кои ќе се соочат со проблеми им нудат бесплатна правна помош.

„Ја известуваме јавноста дека ОО на СДСМ Охрид решително и на секој легален начин ќе се спротивстави на ваквите примитивни и недемократски појави и ќе им даде правна заштита на обесправените и оштетените административни работници“ велат во СДСМ.
XS
SM
MD
LG