Достапни линкови

Украина сè подалеку од ЕУ?


Илјадници демонстранти остануваат на улиците на Киев во проевропски и антивладини протести. Сега, нивното внимание е свртено кон утрешната посета на претседателот Виктор Јанукович на Москва на која се гледа како на прв конкретен чекор за приближување на Украина кон Русија.

Во Киев веќе четири недели се протестира против одлуката на претседателот Виктор Јанукович да го откаже најавуваното потпишување на Спогодбата за потесни врски со Европската унија, односно поблиску да соработува со Русија.

Вчера Европската унија соопшти дека ги суспендира разговорите со Киев за трговската и политичката спогодба со Украина.
Еврокомесарот за проширување Штефан Филе на Твитер напиша дека работата и постапките на Јанукович и неговата влада биле многу, многу далеку од спогобата.

Аналитичарите сега фокусот го ставаат врз утрешната посета на Јанукович на Москва.

Украинскиот премиер Микола Азаров соопшти дека очекува утре да биде постигнат договор за пониска цена на рускиот гас за Украина.
Ние умерените Украинци мора да направиме се што можеме во овој момент за нашата иднина, така што Москва нема да зачекори со нејзините нечисти чизми во Украина.

Опозицијата пак стравува дека Јанукович би можело да го направи првиот чекор кон придружувањето во Царинската унија во која освен Русија се и Белорусија и Казахстан.

„Ние умерените Украинци мора да направиме се што можеме во овој момент за нашата иднина, така што Москва нема да зачекори со нејзините нечисти чизми во Украина. Затоа треба да му забраниме на претседателот
Јанукович да потпише што и да било во Москва што ќе биде против интересите на земјата“, изјави еден од опозициските лидери Олех Тијахнибок, кој за утре повика на масовни протести како своевидна контрола на посетата на Јанукович на Москва.

Аналитичарите оценуваат дека Јанукович се обидува да ја зачува врската и со Москва и со Брисел со цел да дојде до најдобар можен договор за справување со огромниот долг на земјата.

Антивладините демонстранти вчера добија големо охрабрување од американскиот сенатор Џон Меккејн. Тој на Плоштадот на независноста во Киев им се обрати со порака дека нивната судбина е во Европа.

„Ние сме тука, бидејќи вашиот мирен процес и мирен протест ја инспирира вашата земја и го инспирира светот. Ние сме тука да го поддржиме вашето исправно барање: сувереното право на Украина да ја одреди својата сопствена судбина, слободно и независно. А, таа судбина што ја барате се наоѓа во Европа.“

Не далеку од местото каде што зборуваше американскиот сенатор Мекејн, околу 15 илјади демонстранти протестираа во поддршка на украинската влада.

Мекејн имаше средба и со претседателот Јанукович, но од таму не беа соопштени детали.

Уличните протести во Киев ескалираа откако Јанукович на 21 ноември, по неколкугодишни подготовки и на двете страни реши да се откаже од Спогобата со Европската унија и да се сврти кон Москва во барањето помош за спасување на украинската економија.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG