Достапни линкови

Љубомир Милошески со изложба за уметникот како номад


Деветнаесет принтови и еден експонат – жива овца го чинат уметничкиот перформанс на Љубомир Милошески што од 3 до 13 декември се одвива во Националната галерија на Македонија, објект Чифте амам во Скопје. Преку оваа постановка струшкиот концептуалист говори за уметникот како номад и го поставува прашањето – колку е битно местото на живеење за творење.

Ако едно уметничко дело не испровоцира реакција, тогаш тоа не е уметничко дело - знае да каже Љубомир Милошески. Од таму, согласно неговото творечко кредо, тој и со својата нова ликовна постановка го продолжува активниот дијалог со публиката. Имено, перформансот во Националната галерија на Македонија, во објектот Чифте амам, се состои од 19 принтови на кои е претставена неговата прошетка низ Скопје заедно со уметничкиот експонат од постановката – жива овца. Со тоа, тој всушност сака да проговори за уметникот како номад притоа поставувајќи го прашањето – колку е битно местото на живеење за творење.
Низ овца во уметничка галерија, мислам дека тоа е најдобриот начин за да се долови прво малиот, едноставниот момент па сè до крајниот процес на комуникација, на движење од место до место.
Љубомир Милошески, уметник.

„Тоа е една стара и незавршена тема. Во таа миграција го спомнувам уметникот, неговото образование, процесот на созревање на авторот, неговото движење низ уметничките форми и накрај изнаоѓањето. Секој се пронаоѓа во таа приказна. Луѓето најчесто ја имаат пред себе, но ја бараат некаде далеку. Таа е внатре и главно секогаш ни е пред носот“, вели Милошески.

Тој дополнува дека проектот е автобиографски и дека тој го поврзува со комуникацијата.
Човекот треба да се истражува себе си. И да се заштити. Постојано зборуваме за некаква заштита, а првичната идеја е да се заштитиме и ние.
Љубомир Милошески, уметник.

„Низ овца во уметничка галерија, мислам дека тоа е најдобриот начин за да се долови прво малиот, едноставниот момент па сè до крајниот процес на комуникација, на движење од место до место. И тука го избирам главниот град Скопје, како центар, како точка на случувањата. Подоцна сето тоа почнува да се движи како една линија. Сосема доволно за да се објасни тој ликовен момент, за да се изгради таа форма. Без линија не може да се изгради формата. Нема време за поинаква игра, поинакви непредвидени барања во сета таа прикаска. Оставам простор за луѓето сами да се вратат и сами да го доживеат перформансот“, вели Милошески.

Уметникот потенцира дека не е доволно тој да го објаснува она што на крајот треба секој поединечно да си го доживее како уметничко дело. Притоа Милошески сугерира дека треба да „експериментираме со вратот и да погледнеме наоколу, нагоре, надолу и да сториме обид за да ја најдеме сопствената тежина, сопствената оска“.

„Човекот треба да се истражува себе си. И да се заштити. Постојано зборуваме за некаква заштита, а првичната идеја е да се заштитиме и ние. Постојано низ некакви форми, низ некакви разно разни организации се обидуваме да кажеме колку сме ние грижливи кон останатиот свет, но забораваме да се заштитиме можеби самите себе“, вели тој.

Роден 1974 година во Струга, Љубомир Милошески дипломирал сликарска насока на педагошкиот оддел на Факултетот за ликовни уметности во класата на професор Рубенс Корубин. Постдипломските студии на оваа високошколска институција ги завршил во 2002 година кај професор Родољуб Анастасов, а зад себе има повеќе самостојни изложби и учества на голем број групни постановки во земјава и во странство.

Како педагог работи на релација Дрслајца – Струга, а како творец знае да каже дека „не живее во дивина ама дека таму се чувствува најслободен“. Згора на тоа инсистира на потребата светот да го восприема со сите сетила и од таму не чуди кога вели дека треба да се направи правилната, вистинската комуникација помеѓу човекот и она што нему му треба во процесот на креација.

„Работев со свински кожи на претходните инсталации, на мутациите со бикот. Подоцна се јави лидерот, кој се сеќавате имаше свинска глава? Таа трансформација сакам да остане уметничка трансформација. Значи, потреба да се најде место каде што уметникот само тогаш ќе биде слободен. Тој сам треба да си го најде тој простор“, вели Милошески.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG