Достапни линкови

Во Укрaина од проевропски, антивладини протести


Украинската опозиција ги повика приврзаниците да ги продолжат протестите во центарот на Киев. Сега се бара оставка на владата на претседателот Виктор Јанукович поради одбивањето да ја потпише Спогодбата за асоцијација со Европската унија.

Илјадници луѓе останаа на Плоштадот на независноста во Киев по вчерашните масовни протести и судири со полицијата во кои биле повредени стотина демонстранти и полицајци.

Светскиот боксерски шампион во тешка категорија и лидер на опозициската партија Удар, Виталиј Кличко, ги повика украинците да дојдат во Киев каде што, според него, се решава судбината на Украина.

„Она што се случи синоќа на главниот плоштад во Киев не е европска земја, не е модерна земја. Тоа е диктаторство. Затоа народот веќе не и верува на владата, не му верува на претседателот, туку сака да живее во Европската унија“, порача Кличко.

Соработникот на поранешната премиерка Јулија Тимошенко и опозициски лидер, Арсениј Јаценјук, потврди дека цел на демонстрациите во наредните денови ќе биде оставка на владата.

„Почнуваме со оставка на владата на Украина. Веќе е поднесена инцијатива во парламентот за владина недоверба. Партијата на регионите мора да гласа против влада која краде од народот и која наредува да се тепаат деца. Но, нашата главна политичка цел е оставка на Јанукович“, изјави Јаценјук.
Судири во Киев
please wait

No media source currently available

0:00 0:05:50 0:00
Вчера 100 илјади луѓе не ја почитуваа владината забрана да демонстрираат во Киев.
Почнуваме со оставка на владата на Украина. Веќе е поднесена инцијатива во парламентот за владина недоверба. Партијата на регионите мора да гласа против влада која краде од народот и која наредува да се тепаат деца. Но, нашата главна политичка цел е оставка на Јанукович.
Арсениј Јаценјук, опозициски лидер.

Тензиите пораснаа откако Јанукович минатиот месец објави дека нема да ја потпише долгоподготвуваната спогодба за потесни врски со Европската унија. Тоа требаше да се случи на минатонеделниот самит на Источното партнерство во Вилнус.

Јанукович ја бранеше неговата одлука со тоа што Украина не може да си дозволи прекин на односите со Русија.

Голем број Украинци излегоа на улиците на Киев, но и во други градови во знак на протест.

Притоа имаше и блиски средби со полицијата. Судири имаше кај претседателството кое го чуваат специјални сили, кога во зградата се обиделе да влезат стотина маскирани луѓе.

Опозициските лидери соопштија дека овие судири биле провокација на власта.

Американскиот Стејт департмент ја повика украинската влада да го почитува правото на граѓаните на слободно изразување и оцени дека насилството нема место во денешна Украина.

Повик за воздржаност упати и генералниот секретар на НАТО Андерс Фог Расмусен. Тој побара од официјален Киев кој е претседавач на ОБСЕ во целост да ги почитува меѓународните обврски во врска со слободата на изразување и собирање.

Сегашните демонстрации се најголемите во Киев по Портокаловата револуција во 2004 година со која беа поништени фалсификуваните претседателски избори на кои победи Јанукович.

И покрај ваквиот развој на настаните, државната телевизија објави дека Јанукович не се откажува од плановите во текот на неделава да ја посети Кина. Веднаш потоа тој ќе оди во Москва за договор за нормализација на трговските односи со Русија.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG