Достапни линкови

И Груевски веќе не е сигурен во инвестициите на Субрата


Сопственикот на Сахара групацијата Субрата Рој и премиерот на Македонија Никола Груевски на отворањето на Балканскиот мировен фестивал во Скопје на 1 октомври 2013 година.
Сопственикот на Сахара групацијата Субрата Рој и премиерот на Македонија Никола Груевски на отворањето на Балканскиот мировен фестивал во Скопје на 1 октомври 2013 година.

Премиерот Груевски вчера рече дека тие никогаш не рекле дека Субрата Рој ќе инвестира во Македонија, туку оти тој кажал, но архивите на медиумите од минатите месеци покажуваат дека токму власта се фалеше со инвестициите на контроверзниот индиски бизнисмен.

Ретерира ли владата од најавените инвестиции на контроверзниот индиски бизнисмен Субрата Рој, откако тамошните власти му го замрзнаа целиот имот и му забранија да на напушта земјата?
Покажува дека е можно бракот од интерес меѓу Груевски и Субрата Рој некаде да не профункционирал.
Здравко Савески, универзитетски професор.

По вчерашната изјава на премиерот Никола Груевски дека владата никогаш не рекла дека Рој ќе инвестира во Македонија, туку оти тој рекол така, универзитетскиот професор Здравко Савески вели дека очигледно се случуваат некои работи за кои јавноста нема информации.
За нас е најважно што сè оди според планираното во делот на реализација на проектите што Сахара груп ги има во Македонија.
Зоран Ставрески, вицепремиер и министер за финансии(29.10.2013)

„Покажува дека е можно бракот од интерес меѓу Груевски и Субрата Рој некаде да не профункционирал. Во секој случај, ако сепак не испадне ништо, а имајќи предвид колку јавноста негативно реагираше и се сомнева дека преку инвестициите на Субрата Рој ќе има перење на државни пари, во секој случај поволен развој на настаните е ако настанал одреден судир помеѓу интересите на владата на ВМРО-ДПМНЕ и Субрата Рој“, вели Савески.

Премиерот Груевски на вчерашната седница за пратенички прашања рече дека времето ќе покаже дали Субрата Рој ќе инвестира во Македонија.

„Ние не сме рекле ниту дека ќе инвестира, ниту дека нема да инвестира. Ние сме кажале дека компанијата покажа интерес, а самиот сопственик на компанијата, јавно, во интервјуа кажа кој е неговиот интерес“, рече вчера Груевски.
Проектот на Сахара груп за инвестирање во македонското земјоделство и посебно во млекопроизводството од денес станува реалност.
Зоран Ставрески, вицепремиер и министер за финансии(27.08.2013)

Сепак, архивите на медиумите даваат и еден поинаков поглед. Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески минатиот месец изјави дека инвестицијата на компанијата Сахара Груп на Субрата Рој оди според планираното.

„За нас е најважно што сè оди според планираното во делот на реализација на проектите што Сахара груп ги има во Македонија во делот на Џумајлија каде што имаат купено земјиште и каде што веќе се одвиваат одредени инвестициски и други активности и таму има стриктни рокови до кога треба да се заврши. Сè оди според планираното во тој дел и тоа е она што го следиме“, рече минатиот месец Ставрески.
Инвестицијата е голема сама по себе, стотици милиони евра ќе бидат инвестирани за да се изградат сите објекти во тој комплекс.
Зоран Ставрески, вицепремиер и министер за финансии(12.07.2013)

Пред неколку месеци, откако свечено ја изора првата бразда во пропаднатиот агрокомбинат Џумајлија што го купи контроверзниот индиски бизнисмен, Ставрески рече дека оваа инвестиција ќе претставува препород за Овчеполието.

„Проектот на Сахара груп за инвестирање во македонското земјоделство и посебно во млекопроизводството од денес станува реалност. Тоа е најголемиот проект, најголемата инвестиција во македонското земјоделство во последните 25 години“, рече Ставрески на 27 август годинава.

Во интервју за телевизија Сител летоска, најавувајќи ја инвестицијата на Субрата Рој во Љубаништа, Ставрески рече дека тој проект ќе донесе многу туристи во Охрид.

„Инвестицијата е голема сама по себе, стотици милиони евра ќе бидат инвестирани за да се изградат сите објекти во тој комплекс, меѓутоа поважно е што ќе донесе туристи од целиот свет, ќе отвори работни места за населението во Охрид, но и пошироко во овој регион, ќе помогне за развој на малото стопанство во Охрид, на сите овие субјекти коишто ќе соработуваат со комплексот во Љубаништа, така што верувам дека ќе има повеќекратни позитивни ефекти“, рече Ставрески на 12 јули годинава.

Истражувањето на јавното мислење, пак, што го изработи агенцијата Рејтинг по нарачка на неделникот Фокус пред неполни три месеци, покажува дека 60 отсто од испитаниците не веруваат дека проектите на Рој ќе се остварат, а само 6 отсто од граѓаните целосно веруваат во тоа дека најавените инвестиции на Субрата Рој се реални.
  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG