Достапни линкови

Раниот откуп на тутунот без најавените резултати


Наместо очекуваните 5,5 илјади тони во раниот откуп, како што деновиве изјави претседателот на Сојузот, Милески, откупени се едвај 23 отсто, а од најавената просечна цена од околу 200 денари, реколтата досега се откупуваше просечно за 160 денари за килограм.

Раниот откуп на тутунот заврши. Но, најавите на заменик министерот Зоран Коњановски и на претседателот на Сојузот на тутунски здруженија на Македонија, Данчо Милески, пред почеток на откупот не се остварија. Наместо очекуваните 5,5 илјади тони во раниот откуп, како што деновиве изјави претседателот на Сојузот, Милески, откупени се едвај 23 отсто, а од најавената просечна цена од околу 200 денари, реколтата досега се откупуваше просечно за 160 денари за килограм.
Овој ран откуп го иницираа откупувачите, а не производителите на тутун, треба да помогнат, доколку не, не можеме да испорачаме за редовниот откуп претставници.
Данчо Милески, претседател на Сојузот на тутунски здруженија на Македонија.

Незадоволството е големо, проектот пропадна, нема да продолжи натаму, а Сојузот има и долгови кон поверениците кои ја следеа регуларноста на откупот на вагите, вели Милески.

Постигнатата просечна откупна цена од 150 денари по килограм тутун е далеку под ветените 200 денари и во никој случај не ги покрива трошоците на земјоделците.
Дејан Тошески, СДСМ Прилеп.
„Сигурно нема да има, бидејќи ние како Сојуз сме должни според законот да делегираме претставници. По основ на 0,3 отсто што се задржува за претставникот, има задржано со откупениот тутун, многу малку, значи 600.000 некаде, а нам ни требаат 1 милион и 106.000 денари само да ги исплатиме претставниците. Тоа значи дека 540.000 денари сме во була. Овој ран откуп го иницираа откупувачите, а не производителите на тутун, треба да помогнат, доколку не, не можеме да испорачаме за редовниот откуп претставници“, изјави Данчо Милески, претседател на Сојузот на тутунски здруженија на Македонија.

Овие анализи на Сојузот беа причина и за жестоки реакции на прилепските социјалдемократи. Тие ја обвинуваат Владата за неуспехот на овој пилот проект што се реализира трета година.

Што се однесува до задоволството на народот, може тоа да го видиме и од зголеменото производство.
Александар Спиркоски, директор на ДООЕЛ Тутун од Тутунскиот комбинат.
„Постигнатата просечна откупна цена од 150 денари по килограм тутун е далеку под ветените 200 денари и во никој случај не ги покрива трошоците на земјоделците. Господа од ДПМНЕ, целосно го осиромашивте македонскиот земјоделец, вие со вашето недомаќинско работење дозволивте во изминативе 8 години цените на нафтата, електричната енергија, огревот, храната, минералните ѓубрива и другите животни трошоци да поскапат за 100 отсто“, обвини Дејан Тошески од СДСМ од Прилеп.

Од Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ упатуваат контра обвинувања на адреса на СДСМ, за периодот кога тие биле на власт. Директорот на ДООЕЛ Тутун од Тутунскиот комбинат, Александар Спиркоски, во просториите на комитетот, на новинарско прашање презентираше податоци, но само за неговата, а не и за останатите четири други фирми кои вршеа откуп. Сепак, и просечната цена постигната во раниот откуп во Комбинатот што ја соопшти Спиркоски изнесува 170, а не најавените 200 денари.

„Проектот за предвремен откуп е пилот проект на Владата на Република Македонија, кој функционира веќе три години, а одлука дали истиот ќе стане практика за натаму ќе се одлучува по направената анализа. Што се однесува до задоволството на народот, може тоа да го видиме и од зголеменото производство кое лани изнесуваше 27 милиони килограми, а оваа година се очекуваат над 30 милиони“, изјави Спиркоски.

Во средината на следниот месец треба согласно со Законот за тутун да започне редовен откуп на годинешната реколта, но сепак сите откупни фирми може да ги отворат вратите и многу порано. Но, никој не сака да прогнозира каква откупна кампања ги очекува тутунарите.
  • 16x9 Image

    Моника Талеска

    Моника Талеска е дипломиран новинар на Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје. Од 2001-та година е дописник на Радио Слободна Европа. Освен тоа, постојан дописник е и на телевизија Телма. Работела како новинар, главен уредник и директор во поранешниот локален Центар за печат, радио и телевизија- Прилеп. 

XS
SM
MD
LG