Достапни линкови

Нема политички дијалог со секојдневни скандали


Архивска фотографија: Средба на премиерот Никола Груевски со лидерот на СДСМ Зоран Заев.
Архивска фотографија: Средба на премиерот Никола Груевски со лидерот на СДСМ Зоран Заев.

Она што се гледа на политичката сцена во Македонија се препукувања, напади и лични навреди и обвинувања, анализираат македонските политиколози.

Во земјава не постои политички дијалог, туку монолог. Она што се гледа на политичката сцена во Македонија се препукувања, напади и лични навреди и обвинувања, анализираат македонските политиколози. Наместо да се подобрува комуникацијата меѓу партиите, расте меѓупартискиот антагонизам, велат нашите соговорници. Политикологот Соња Стојадиновиќ вели дека антагонизмот е резултат на стравот на партиите да ги покажат своите слабости и грешки.
Дијалогот меѓу партиите секогаш сме го имале исклучиво кога надворешниот фактор ќе извршел поголем притисок и буквално како мали деца ќе ги фател за уши и ќе ги седнел на маса да разговараат.
Соња Стојадиновиќ, политиколог.

„Дијалогот меѓу партиите секогаш сме го имале исклучиво кога надворешниот фактор ќе извршел поголем притисок и буквално како мали деца ќе ги фател за уши и ќе ги седнел на маса да разговараат“, вели Стојадиновиќ.
Архивска фотографија.
Архивска фотографија.

Ниту една од партиите на македонската политичка сцена нема вистинска политичка волја за дијалог, вели универзитетскиот професор Арсим Синани. Политичките интереси се во прв план, а македонскиот менталитет е таков што постојано чека некој друг да го преземе првиот чекор.
За политички дијалог јас не гледам дека се спремни да седнат, бидејќи секој ден ние гледаме дека се случуваат нови чуда, затворање на новинари, затворање на медиуми. Само ако странците се заинтересираат тоа би можело да се случи.
Арсим Синани, универзитетски професор.

„Нашите политички партии се толку судрени меѓу себе, и во македонскиот политички блок и во албанскиот политички блок. Имаме партии кои секој ден вадат нови и нови скандали. Како да очекуваме од овие политички партии да имаат дијалог“, вели Синани.

Сè додека постои политичко едноумие и сè додека не се промени менталната структура во партиите и внатрепартиското размислување што ќе дозволи пробив на фракционерството, не може да се надеваме на оживување на политичкиот дијалог, вели Стојадиновиќ.

„Кога ќе се дозволи фракционерство и малку, барем за нијанса поразлично размислување од тоа на лидерот и дури подоцна може да излезете како нова партија на политичка сцена и може да се каже, да, ние ги знаеме нашите грешки, знаеме како да ги решиме и можеме да седнеме на дијалог“, вели Стојадиновиќ.

Синани, пак, е убеден дека политичката структура во земјава не е подготвена за промени во насока на подобрен политички дијалог. Лидерските средби, вели тој, се добар механизам за подобрување на комуникацијата меѓу партиите, но само ако тие се одржуваат со посредство на меѓународни претставници.

„За политички дијалог јас не гледам дека се спремни да седнат, бидејќи секој ден ние гледаме дека се случуваат нови чуда, затворање на новинари, затворање на медиуми и не гледам дека во моментов ќе имаме дијалог. Само ако странците се заинтересираат тоа би можело да се случи“, вели Синани.

Прашањето на политичкиот дијалог повторно го актуелизираше известувачот за Македонија во Европскиот парламент Ричард Ховит. Деновиве во Скопје упати порака до партиите дека треба да го подобрат политичкиот дијалог и да создадат консензус со кој ќе се осигура дека евроатланската иднина е апсолутен приоритет на оваа земја.
  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG