Достапни линкови

Протести за смена на директорката во училиштето во Лисичани


Дел од родителите на учениците од селото Лисичани во Општина Пласница бараат враќање на стариот директор на училиштето.

Смена на актуелната директорка Селма Сеитоска и повторно именување на Ќемаил Сами, за директор на основното училиште Мирче Ацев во селото Лисичани во Општина Пласница. Ова е барањето на дел родители и жители на селото, кои неколку дена со протест го манифестираат своето незадоволство кон градоначалникот Исмаил Јаоски, кој, велат, не ја почитува волјата на мештаните.
Реагираме, не што не сакаме, туку не ги исполнува условите актуелната директорка и настојуваат да ја поништат наставата на турски јазик, затоа реагираме.
Сафиудин Али, член на Иницијативниот одбор за смена на директорката Селма Сеитоска.

Лисичани го обвинуваат Јаоски дека со именувањето на директор по негов избор, тој всушност врши политички реваншизам, бидејќи месната заедница гласала за друг градоначалнички кандидат. Освен тоа, тврдат, овој кадровски избор на градоначалникот е на штета на учениците, кои со години учат турски јазик.

„Реагираме, не што не сакаме, туку не ги исполнува условите актуелната директорка и настојуваат да ја поништат наставата на турски јазик, затоа реагираме“, вели Сафиудин Али, член на Иницијативниот одбор за смена на директорката Сеитоска.
Наставата на турски јазик која се одвива во централното и во едно од подрачните, додека во другите две подрачни на македонски јазик. Веќе почнавме состаноците да ги водиме двојазично, целата документација која се наоѓа во училиштето е двојазична, учениците во централното и во подрачното училиште во Челопеци зборуваат на турски наставен јазик, додека во другите зборуваат на македонски јазик и јас го поддржувам ова.
Селма Сеитоска, директорка на ОУ Мирче Ацев во селото Лисичани во Општина Пласница.

Но, директорката тврди сосем спротивно. Вели дека како професор по турски јазик, а имајќи ги во вид и бројноста на учениците од турска националност, таа ја поддржува двојазичноста во општинските училишта.

„Наставата на турски јазик која се одвива во централното и во едно од подрачните, додека во другите две подрачни на македонски јазик. Веќе почнавме состаноците да ги водиме двојазично, целата документација која се наоѓа во училиштето е двојазична, учениците во централното и во подрачното училиште во Челопеци зборуваат на турски наставен јазик, додека во другите зборуваат на македонски јазик и јас го поддржувам ова“, вели директорката Сеитоска.

Воведување на турски јазик во Општина Пласница, каде 99 отсто од жителите се Турци, вели градоначалникот Јаоски, била негова заложба уште во првиот мандат. Па, според него, не држат обвинувањата дека сака да ја прекине наставата на турски јазик.

„Значи, ако сакав да го укинам турскиот јазик, ќе наместев друг директор, не знам зошто така размислуваат кога досегашниот директор не знаеше турски, а самата директорка сега воведе двојазичност таму. Значи, турски јазик се предава на настава и директорката е професор по турски јазик“, вели градоначалникот Јаоски.

Но, лисичани се категорични дека бојкотот ќе го продолжат додека не им се исполни нивното барање, директор на училиштето да биде кадар од нивното село.

Локалните власти најавија дека случајот го пријавиле и очекуваат дека Просветниот инспекторат ќе преземе мерки и ќе ги санкционира родителите кои не ги пуштаат децата на настава, зашто директорката Сеитоска била именувана со одобрение на инспекторатот и како единствен кандидат на Училишниот одбор.
  • 16x9 Image

    Моника Талеска

    Моника Талеска е дипломиран новинар на Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје. Од 2001-та година е дописник на Радио Слободна Европа. Освен тоа, постојан дописник е и на телевизија Телма. Работела како новинар, главен уредник и директор во поранешниот локален Центар за печат, радио и телевизија- Прилеп. 

XS
SM
MD
LG