Достапни линкови

Хрватска со поддршка за македонските евроинтеграции


Средба на претседателите на Македонија и Хрватска, Ѓорге Иванов и Иво Јосиповиќ во Скопје.
Средба на претседателите на Македонија и Хрватска, Ѓорге Иванов и Иво Јосиповиќ во Скопје.

Хрватска ја поддржува евроинтеграцијата на Македонија и ќе поддржи секаква иницијатива за името за која ќе постои согласност на Македонија со Грција, порача при посетата на Скопје, хрватскиот претседател Иво Јосиповиќ.

Хрватска останува силен поддржувач на македонските евроинтеграции, порача хрватскиот претседател Иво Јосиповиќ по средбата со неговиот македонски колега Ѓорге Иванов.
Со големи симпатии и поддршка гледаме на напорите на Македонија да ги исполни сите предуслови и услови за членство во НАТО и во ЕУ.
Иво Јосиповиќ, претседател на Хрватска.

„Со големи симпатии и поддршка гледаме на напорите на Македонија да ги исполни сите предуслови и услови за членство во НАТО и во ЕУ. Хрватска во политичка и во секоја друга смисла ги поддржува тие напори“, рече Јосиповиќ.

На прашањето каква ќе биде позицијата на Хрватска на декемврискиот совет на ЕУ за прашањето на Македонија, хрватскиот претседател рече дека ќе поддржат секаква иницијатива за која ќе постои согласност на Македонија со Грција, но додаде дека е општо познато како функционира механизмот на Унијата и дека одлуките се носат со консензус.
Нашата страна е постојано конструктивна. Ние постојано разговараме за сите негови идеи и даваме свој конкретен придонес.
Ѓорге Иванов, претседател на Македонија.

„На гласањето знаете дека владее реалитетот и Хрватска ќе се однесува во полза на договорот кој ќе го постигнат двете страни, односно Македонија и Грција“, изјави Јосиповиќ.

Македонскиот претседател повтори дека Македонија останува конструктивна во процесот на преговорите меѓу Македонија и Грција. Во контекст на најавената посета на медијаторот Метју Нимиц, Иванов без одговор дали посредникот доаѓа со конкретен предлог.

„Нашата страна е постојано конструктивна. Ние постојано разговараме за сите негови идеи и даваме свој конкретен придонес. Така што ако го видите нивото кој се го прима во Македонија господинот Нимиц, а кој во Грција можете да видите кој е заинтересиран да се дојде до решение“, изјави Иванов.

Освен за интегрирањето на регионот во Европската унија, двајцата претседатели разговарале и за билатералните односи меѓу Македонија и Хрватска кои ги оцениле како одлични, како и за користа на регионот и на цела Европа од реализација на стратешките европски проекти, како што е т.н Јадранско-јонската иницијатива за регионален автопат.

Во текот на дводневната посета во земјава Јосиповиќ треба да се сретне со претседателот на Собранието Трајко Вељаноски, премиерот Никола Груевски, координатори на пратенички групи и со претставници на хрватската заедница во Македонија.

Посетата на Македонија е дел од мини турнејата на Јосиповиќ низ регионот. Пред доаѓањето во Македонија ја посети Црна Гора, а од Скопје ќе отпатува во Косово.
  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG