Достапни линкови

Арапската лига e за воен удар врз сиријскиот режим


Земјите членки на Арапската лига поддржуваат меѓународна акција против сиријскиот режим за хемискиот напад во кој биле убиени над илјада и четиристотини цивили. Во меѓувреме, генералниот секретар на Обединетите нации Бан Ки Мун побара од инспекторите да ја забрзаат анализата на примероците од местото на нападот во близина на Дамаск.

Во резолуцијата на седницата одржана во Каиро, Арапската лига оценува дека сирискиот режим е одговорен за нападот извршен на 21 август:

„Целосната одговорност за овој напад е на сирискиот режим и затоа бараме казна и судење на сите оние што биле вклучени во овој криминал пред меѓународните трибунали како што тоа се прави за сите други воени злосторства“, изјави официјалниот претставник на Арапската лига Насиф Хити по седницата на Лигата во која членуваат 22 земји.

Од оваа година во Арапската лига е и сиријската опозициска коалиција.

До оваа изјава дојде во време кога во Вашингтон се интензивираат разговорите меѓу конгресмените за иницијативата на претседателот Барак Обама да добие дозвола од Конгресот за воена операција против сирискиот режим.

Целосната одговорност за овој напад е на сирискиот режим и затоа бараме казна и судење на сите оние што биле вклучени во овој криминал пред меѓународните трибунали како што тоа се прави за сите други воени злосторства.
Извештаите велат дека повеќето конгресмени се уште не се уверени во врска со полезноста на евентуалниот ограничен удар каков што преферира претседателот Обама.

Анкетите покажуваат дека и повеќето Американци се скептични за тоа што би се постигнало со воена операција и дали таа ќе им послужи на американските интереси.

Сенатот и Претставничкиот дом би требало да почнат официјално да го разгледуваат барањето на Обама на 9 септември и да гласаат за него најдоцна до половината на месецов.

Обама во саботата објави дека се решил за ограничен воен напад врз сиријскиот режим, но оти претходно ќе побара одобрување од Конгресот. Според него, користењето хемиско оружје не може да се толерира и тоа мора да биде казнето. Во нападот во едно предградие на Дамаск загинале 1.429 цивили.

Сиријската влада ги отфрли ваквите наводи, сугерирајќи дека зад нападот стојат бунтовничките сили. Сирискиот весник „Ал Тавра“ вчера оцени дека потегот на Обама да побара дозвола од Конгресот го сигнализира почетокот на, како што се наведува, „историското американско повлекување“.

Во меѓувреме, американскиот државен секретар Џон Кери, изразувајќи увереност дека Конгресот ќе ја одобри воената операција против сиријскиот режим, изјави дека доказите покажувале оти сирискиот режим употребил нервен гас сарин.

„Дозволете ми да додадам, ова утро дојде до важен развој на настаните во изминативе 24 часа, откако првичните тестирања на примероците на коса и на крв од источен Дамаск покажале присуство на сарин“, рече Кери.
Генералниот секретар на Обединетите нации Бан Ки Мун побара од инспекторите за хемиско оружје да ја забрзаат анализата на примероците и да го известат за резултатите што е можно поскоро.

Прецизирано е дека двајца претставници на сиријската влада го следат процесот на анализата на примероците кои денеска треба да бидат испратени во неколку лаборатории во Европа за да се утврди дали на нив има траги на боев отров.

Според Бан Ки Мун, никаква меѓународна воена операција не би требало да биде преземена пред инспекторите да ги презентираат нивните наоди. Сепак, инспекторите немаат мандат да утврдат и која страна во конфликтот го извршила хемискиот напад.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG