Достапни линкови

Сечењето на дрвјата кај Бристол ги разгоре страстите


Протест против сечењето на дрвјата кај хотелот Бристол во центарот на Скопје.
Протест против сечењето на дрвјата кај хотелот Бристол во центарот на Скопје.

Ноќното сечење на дрвјата во паркот кај хотелот Бристол, во центарот на Скопје, е најкоментирана тема од нашите читатели.

Посетителите на нашата веб-страница веднаш реагираа на ноќното или раноутринското, во 3 часот по полноќ, досечување на преостанатите дрвја во Општина Центар, кај хотелот Бристол. Александар од Скопје го коментира соопштението од ВМРО-ДПМНЕ во кое се истакнуваат позитивните потези на Владата во Скопје, во врска со засадените дрвја, асфалтираните улици, па пишува: „Каква врска има владата со општините? Груевски не е градоначалник... а овие настани наликуваат на воен режим“.
Каква врска има владата со општините? Груевски не е градоначалник... а овие настани наликуваат на воен режим.
Коментар од читател.

Сашо од Битола потсетува дека нешто повеќе од 400 илјади граѓани се иселиле до 2010 година, од оваа, како што вели, „недојдија“, а Душко од Скопје го нарекува градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски - „неартикулирана индивидуа“ и дава рецепт како граѓаните да се снајдат во ПРВАТА МАКЕДОНСКА ДРЖАВА што ја создал неговиот водач Груевски: да извадат партиска книшка на владејачката партија! Перо апелира до ДПМНЕ, како што напишал, „да не нè брани со соопштенија како неделното“ и наведува дека од оваа власт извира некаков животински инстинкт, фалејќи го владиката Пимен кој и овој пат, со реакција на Фејсбук, го кажа своето мислење за сечата на дрвјата, исто како и за наместените протести пред извесно време, божем против уривањето на новата црква на улицата Македонија во Скопје.
мора да дојде некој паметен политичар кој ќе мисли за државата, а не да добие избори, туку да ги изгуби, а државата да добие многу.
Коментар од читател.

По нашата информација дека Охрид ја доживува речиси најлошата туристичка сезона во последниве години, многумина посетители на нашата интернет страна даваат свои рецепти како охриѓани да ги подобрат услугите, „да ги намалат цените“ - како што препорачуваат Незабеган, Стружанец и Чевличка, „да се насмевнуваат повеќе на гостите“ - како што коментира Мики, и да „сфатат дека Охрид повеќе не е врв на летувалците од Македонија“ - како што потсетува Чевличка.

На тоа дека „Ахмети ја отвори дебатата за името“, МК Обсервер коментира дека „граѓаните на Македонија веднаш ќе ја затворат“, а Мемед од Скопје смета дека и Албанците треба да учествуваат во разговорите за името, затоа што „разговараме за името на заедничкиот дом“, како што вели, и додава дека „мора да дојде некој паметен политичар кој ќе мисли за државата, а не да добие избори, туку да ги изгуби, а државата да добие многу“. Од друга страна, коментарот на Мемед, Гоца го сфатила како „класичен пример на албанска ксенофобија, односно антимакедонизам“ - како што напишала.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG