Достапни линкови

Попоски: Македонија чека потег од Атина


Грција има други приоритети и сега не е заинтересирана за решавање на спорот со името, вели министерот за надворешни работи Никола Попоски во разговорот со дописникот на Радио Слободна Европа од Брисел, Рихард Јозвиак.

На прашањето дали има некаков нов развој во врска со спорот за името и какви се пораките што доаѓаат од Вашингтон и од Брисел, министерот Попоски вели:

„Всушност, ние моментално повеќе сме заинтересирани што ќе слушнеме од Атина, бидејки Атина е причината што ние не можеме да ги започнеме преговорите за членство во ЕУ веќе неколку години, и покрај позитивните препораки. Ние се обидовме да внесеме некаква динамика во тој процес, кој се одвива под покровителство на господин Нимиц. Очекуваме да го подигнеме нивото, да се вклучат премиерите на двете земји, поголема политичка посветеност и Македонија веќе да не биде држена како заложник во евро-итеграцискиот процес на регионот.“

Единствениот одговор досега е дека Грција ќе му се посвети на регионот и оти од грчки интерес е натамошното проширување на ЕУ
Никола Попоски, министер за надворешни работи.

Министерот Попоски додава дека засега нема никаков сигнал од Грција ниту во врска со прашањето за името, ниту пак во врска со почетокот на преговорите за членство на Македонија во ЕУ. За евентуалните притисоци од американските и од европските партнери за забрзување на преговорите и за поскоро надминување на спорот Попоски нагласува:

„Ние не можеме да направиме чекор напред без да има чекор од Атина во оваа фаза. Притисокот е само врз Македонија, бидејки е мала земја и е надвор од НАТО и ЕУ, а притисокот врз Грција е само преку коминикеа, и декларативен и затоа тие имаат комфорна ситуација во овој момент. На Грција приоритет и е економската криза и владата има други поважни работи, па не е заинтересирана, ниту мотивирана да се занимава со прашањето за името.“

„Ние сме го покренале ова прашање на повеќе политички нивоа и не сме добиле никаков конкретен одговор. Единствениот одговор досега е дека Грција ќе му се посвети на регионот и оти од грчки интерес е натамошното проширување на ЕУ. Коректно, но мислиме дека и сега Грција може да направи потег и да дозволи Македонија да ги почне пристапните преговори, а и натаму и остануваат на располагање механизмите за притисок како земја членка на ЕУ“

Во врска со последните неколку извештаи на меѓународни организации за ограничување на слободата на медиумите во Македонија и застојот во демократизацијата, Попоски вели дека во Македонија постои плурализам и различни мислења за сите прашања. Македонија е млада демократија и има простор за унапредување, но различност на мислења постои, наведува Попоски во интервјуто за дописникот на Радио Слободна Европа од Брисел Рихард Јозвиак.
  • 16x9 Image

    Љупчо Наќев

    Работи во Радио Слободна Европа во Прага од започнувањето на емитувањето на програмата на Македонски јазик, како уредник и водител. Со новинарство се занимава од 1988-ма година, најнапред во Македонското радио, а потоа во А1 телевизија, како и повеќе години како постојан дописник на Радио Дојче Веле. 

XS
SM
MD
LG