Достапни линкови

Aдминистративните грешки - одговорност на граѓаните или на институциите


Несиме Салиоска, извршен директор, на здружение РОМА С.О.С.
Несиме Салиоска, извршен директор, на здружение РОМА С.О.С.

Одредени граѓани „запаѓаат” во лавиринтот на административни процедури со кои се отежнува пристапот и на тој начин го губат правото на социјална парична помош односно единствениот приход за живеење, пишува за Радио Слободна Европа, Несиме Салиоска, извршен директор, на здружение РОМА С.О.С.

Правата од социјална заштита се елементарни права преку кои граѓаните во социјален ризик остваруваат единствен приход за живеење со што „успеваат” да ги подмират секојдневните егзистенцијални потреби на семејството.
Но одредени граѓани „запаѓаат” во лавиринтот на административни процедури со кои се отежнува пристапот и на тој начин го губат правото на социјална парична помош односно единствениот приход за живеење.
Примерот на случајот МАЛИЌИ за кој здружението РОМА С.О.С. „се бори” веќе трета година да му помогне да го оствари правото на социјална парична помош, е доказ за институционалната несериозност и неодговорност кон пропустите во работењето со што тричленото семејство е оставено на работ на егзистенција.

Притоа за грешките во постапките за остварување на правата се припишува одговорност на самите граѓани иако институциите на системот по службена должност се обврзани да обезбедат услови и поддршка на граѓаните во остварување на правата.

Примерот на случајот МАЛИЌИ за кој здружението РОМА С.О.С. „се бори” веќе трета година да му помогне да го оствари правото на социјална парична помош, е доказ за институционалната несериозност и неодговорност кон пропустите во работењето со што тричленото семејство е оставено на работ на егзистенција. Дополнително е принудено на финансиски трошоци за докажување на системска грешка во работењето на институциите во фактичка состојба кога има 0 денари приход.

СТОРИЈА

Приказната е за ромското семејство Малиќи кое живее во населбата Тризла 2 во Прилеп и кое пред три години е одбиено да користи социјална парична помош, поради тоа што наводно кај сопругата е регистриран приход, со што почнува нивната голгота.

Имено, семејството Малиќи го користи правото на социјална парична помош од 2008 година за три члена (сопруг, сопруга и син). Според законската обврска тој треба секоја година да поднесува документи во ЈУМ Центар за социјални работи - Прилеп со кои семејството докажува дека ги исполнува условите и ќе може да го продолжи користењето на ова право.

Но, во јануари/февруари 2011 година по поднесените документи за обнова на правото, семејството се сочува со проблем - на 10.02.2011 година ЈУМ Центар за социјални работи - Прилеп носи решение со кое на семејството Малиќи му ја укинува социјалната парична помош со образложение дека неговата сопруга од 2009 година имала приход од 90.000 денари ГОДИШНО по основ на пензија, што е спротивно на статусот на неговата сопруга затоа што таа е регистрирана како невработено лице и нема ниту еден ден пензиски стаж.

Тогаш РОМА С.О.С преку активностите за нудење на бесплатна правна помош, открива дека приходот кој што се појавува кај жената на Малиќи е неправилно утврден, односно станува збор за проблем со матичниот број на сопругата на Малиќи. Имено, таа е родена во Прилеп и има 57 години, а има ист матичен број со друго лице кое што живее во Тетово и е пензионерка со пензија од 90.000 денари годишно. Од таа причина Управата за јавни приходи евидентира приход кај сопругата на Малиќи а врз основа на регистрираниот ЕМБГ кој е ист со пензионерката од Тетово.
Колку семејства поради вакви административни пропусти останале без остварени права од социјална заштита и основен приход за егзистенција во нашата социјална држава?

Од друга страна Фондот за пензиско и инвалидско осигурување укажува на фактот дека сопругата на Малиќи не била вработена односно нема запишано ниту еден ден работен стаж, што е потврдено и од Агенцијата за вработување.

За ваквата состојба се информира МТСП преку поднесување на жалба со собраните докази од сите засегати институции во случајот, а истата институција ги игнорира фактите и повторно го потврдува решението за престанок на правото на социјална парична помош, ИСКЛУЧИВО врз основа на Уверението за остварени приходи од Управата за јавни приходи.

Семејството поведува управен спор пред Управен суд на РМ и во истиот се носи пресуда со која е основана тужбата и се наложува на засегнатите органи да го утврдат идентитетот на сопругата на Малиќи и да донесат правилна и законита одлука.

И по овој податок ПОВТОРНО социјалните служби го одбиваат семејството Малиќи да користи социјална парична помош занемарувајќи ги укажувањата на Управен суд, и притоа бараат од семејството Малиќи да си ги превземи сите дејствија самостојно за да ја отстрани институционалната грешка. Па дури и Управата за водење на матична евиденција при Министерство за правда по укажувањата за ваквата состојба бара од лицето самостојно да го промени својот матичен број и со тоа да ги спречи идните вакви проблеми, без воопшто да сноси одговорност за ваквата грешка во постоење на ист матичен број на две лица во Република Македонија.

Но, решението за овој проблем за лице кое е невработено и е материјално необезбедено (три години оставено на работ на егзистенција) провлекува и сериозни финансиски проблеми: докажување на потребата од промена на матичен број, судски такси за уверенија за неосудуван, вадење нова лична документација (извод на родени, венчаница, лична карта, здравствена книшка, сведителство, пасош), информирање и доставување на фотокопија од личната документација до сите институции, патни трошоци за патувања во Тетово и Скопје, како и дополнително време низ институционалните лавиринти за докажување на „својата грешка”. Во исто време се работи за лице без соодветно познавања на процедурите.
РОМА С.О.С. ја повикува одговорноста на институциите да превземат дејствија за решавање на ваквите случаи со цел обезбедување правда за категориите на граѓани кои се ранливи, маргинилизирани и под социјален ризик и на тој начин да се обезбеди пристап до основното начело на еднаквост за сите граѓани на Република Македонија.

Што прават институциите?!

1.Уште колку години семејството Малиќи треба да биде дел од правните процедури, докажувајќи постоење на иста системска грешка и притоа во тој период да живее со 0 денари приход?

2.Зошто Центарот за социјални работи Прилеп/МТСП не ја утврдува фактичката состојба на семејството врз основа на собраните докази и не му овозможува пристап до правда на семејството Малиќи?

3.Дали непризнавањето за постоење на институционална грешка значи избегување за надомест на штетата и исплата на социјалната парична помош на семејството Малиќи за претходните три години?

4. Доколку сопругата на Малиќи не го промени својот матичен број дали тоа значи дека никогаш повеќе нејзиното семејство, нема да може да го оствари правото на социјална парична помош?

5.Колку семејства поради вакви административни пропусти останале без остварени права од социјална заштита и основен приход за егзистенција во нашата социјална држава?

6.Дали поимот „институции на системот” значи да секоја институција различно ги толкува и применува законите во РМ?

РОМА С.О.С. ја повикува одговорноста на институциите да превземат дејствија за решавање на ваквите случаи со цел обезбедување правда за категориите на граѓани кои се ранливи, маргинилизирани и под социјален ризик и на тој начин да се обезбеди пристап до основното начело на еднаквост за сите граѓани на Република Македонија.

Да потсетиме – државата треба да ги штити интересите и правата на граѓаните а не да ги “турка” во изолирана системска борба за остварување на нивните правата.
XS
SM
MD
LG