Достапни линкови

Политички дијалог заради самитот на ЕУ?


Средба на премиерот Никола Груевски со новиот лидер на СДСМ Зоран Заев.
Средба на премиерот Никола Груевски со новиот лидер на СДСМ Зоран Заев.

Власта и опозицијата покажуваат конструктивност во пресрет на јунскиот самит на ЕУ, меѓу другото и поради притисокот од меѓународната заедница.

Иако се согласуваат дека во пресрет на јунскиот самит на Европската унија и под притисок на меѓународната заедница, власта и опозицијата покажуваат конструктивност, повеќето политички партии очекуваат да се подобри квалитетот на политичкиот дијалог.
Еве пуштам силен позитивен потстрек за разговор секогаш. Кога ќе заклучи премиерот дека треба, и зад затворени врати да се разговара за нешто што е важно за Република Македонија, стојам на располагање, секогаш принципиелно како прв опозиционер да разговарам за ваквите прашања.
Зоран Заев, претседател на СДСМ.

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев уверува дека ќе соработува со власта за да се подобри политичкиот дијалог и да се формира комисијата за истражување на настаните од 24 декември. Ќе дадам позитивен придонес во изнаоѓање на решение кое во моментот е многу важно за иднината на Македонија, вели Заев во неделното интервју за нашето радио.

„Еве пуштам силен позитивен потстрек за разговор секогаш. Кога ќе заклучи премиерот дека треба, и зад затворени врати да се разговара за нешто што е важно за Република Македонија, стојам на располагање, секогаш принципиелно како прв опозиционер да разговарам за ваквите прашања“, вели Заев.
Власта мора да биде кооперативна со опозицијата. Не значи дека ако ја добиеш власта дека можеш без каква било консултација со опозицијата, бидејќи и опозицијата има силна поддршка кај граѓаните, дека не треба разговор, дијалог и дека не треба заеднички предлози и решенија.
Павле Трајанов, претседател на Демократскиот сојуз.

По вчерашната средба на премиерот и лидерот на опозицијата верувам дека и двајцата се заинтересирани, не само пред светот Македонија да се претстави како демократска средина, туку и пред граѓаните кои ривалските партии ги доживуваат како вечни непријатели, вели Тито Петковски од НСДП. Сепак додава дека не очекува значително подобрување на квалитетот на политичкиот дијалог.

„Многу зла крв е внесена од владејачката партија и од премиерот Груевски лично во политичките односи во државата со неговите пораки дека чукна задниот час за пресметка со сите што не мислат како ВМРО-ДПМНЕ итн.“

Лидерот на Демократскиот сојуз Павле Трајанов вели дека е реално да се очекува дека ќе има продлабочена соработка меѓу партиите од власта и опозицијата со цел да се постигнат конкретни решенија за прашањата од суштински интерес за земјава.

„Власта мора да биде кооперативна со опозицијата. Не значи дека ако ја добиеш власта дека можеш без каква било консултација со опозицијата, бидејќи и опозицијата има силна поддршка кај граѓаните, дека не треба разговор, дијалог и дека не треба заеднички предлози и решенија.“

Оптимизам за нов квалитет во развојот на политичкиот дијалог меѓу власта и опозицијата покажува и Демократската унија за интеграции. Од оваа партија велат дека вчерашната средба на Груевски-Заев претставува знак на политичка култура и влева надеж дека политичкиот дијалог ќе се подобри.

„ДУИ верува во политичкиот дијалог. Сметаме дека средбата дава еден силен импулс и за што побрзо формирање на комисијата која треба да функционира и чии заклучоци треба да се почитуваат“, вели Сузана Салиу од ДУИ.

Независно од тоа дали пораката за договор за спроведување на мартовскиот договор е спроведена под притисок на меѓународниот фактор или не, нашите соговорници се согласуваат дека македонските политичари мора да покажат поголема одговорност и да направат исчекор во однос на евроатланската иднина на државата.
  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG