Достапни линкови

Избрани дела на сликарот Иван Велков во МКЦ


„Меѓу имагинарното и реалното“ е насловена изложбата на избрани дела на доајенот на македонското сликарство Иван Велков, што од 22 април до 18 мај, ќе се одржи во Галеријата на Младинскиот културен центар во Скопје. Велков заедно со Петар Мазев е еден од творците на позната ликовна група „Мугри“ и автор на препознатливи дела со експресионистичка, кубистичко-конструктивистичка, геометриска и лирска апстракција.

Колку помалку, толку повеќе, тоа е значењето во редуцирањето на цртежот во одредени сликарски остварувања кај Иван Велков. Тоа не е желба само за „Современост и модерност“, тоа е заложба за суштественост на пресоздадената реалност. Ова ќе го забележи м-р Владимир Георгиевски во каталогот за актуелната изложба на доајенот на македонското сликарство Иван Велков.
Тежнеењето на Велков во комуникацијата со публиката беше неговите дела да бидат екстравагантни, да бидат присатни во јавноста, да остават печат и да бидат запаметени. Па така, еве, пет години по неговата смрт, се обидовме да издвоиме некои дела каде што сликарот работи во неговата препознатливо кубистичко-конструктивистичка, геометриска и лирска апстракција. Тој беше уметник кој што ги кршеше академските сфаќања за сликарството во шеесеттите години на минатиот век и дел од авангардното сликарство во Македонија.
Горјан Георгиев, куратор на изложбата „Меѓу имагинарното и реалното“.

На оваа постановка што до 18 мај ќе се одвива во Галеријата на Младинскиот културен центар во Скопје ќе бидат изложени 25 масла на платно работени во препознатливата кубистичко-конструктивистичка, геометриска и лирска апстракција.

„Тежнеењето на Велков во комуникацијата со публиката беше неговите дела да бидат екстравагантни, да бидат присатни во јавноста, да остават печат и да бидат запаметени. Па така, еве, пет години по неговата смрт, се обидовме да издвоиме некои дела каде што сликарот работи во неговата препознатливо кубистичко-конструктивистичка, геометриска и лирска апстракција. Тој беше уметник кој што ги кршеше академските сфаќања за сликарството во шеесеттите години на минатиот век и дел од авангардното сликарство во Македонија“, вели Горјан Георгиев, куратор на изложбата „Меѓу имагинарното и реалното“.

Иван Велков и припаѓаше на повоената генерација наши уметници. Роден е во Врање во 1930 година, а дипломирал на Академијата за ликовни уметности на одделот за сликарство во Белград. Во 1954 станал член на Друштвото на ликовни уметници на Македонија, а шест години подоцна, со колегата Петар Мазев, ја оформиле познатата ликовна група „Мугри“. Многупати изложувал во земјава и во странство, а триесеттина години бил професор на Архитектонскиот факултет во Скопје.

„По изложбата на Коџоман, Костуранов, Василева и Милан Андов, следи оваа на големиот Иван Велков, еден од најавангардните и најбунтовните сликари од тоа време, човекот кој што не сакаше да биде дел од ниту една партија, ниту го милуваше еднопартискиот систем. И би сакал да им порачам на сите оние кои пријателски не советуваа дека МКЦ не треба да се зафаќа со толку амбициозни проекти затоа што не е толку амбициозна установа, затоа што им припаѓа на помладите, дека сепак она што е квалитет и она што е убаво е демант на она што е говорено наназад“, истакнува Златко Стефковски, директор на МКЦ.

Тој дополнува дека тие и во периодот што следува ќе продолжат со спроведувањето на сопствените „преамбициозни планови“ и дека во Галеријата (за која смета дека е една од најатрактивните вакви простори на Балканот) наскоро ќе бидат изложени и делата на уште еден голем уметник - Костадин Танчев Динката. Згора на тоа, како што вели Стефковски, забрзано ќе работат и на пласирање на визуелно убавите и значајни културни нешта и надвор од Република Македонија.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG