Достапни линкови

Брисел и Приштина разочарани од Белград


По одлуката на српската влада да го отфрли последниот предлог на Европската унија за нормализирање на односите со Косово, Приштина и Брисел изразија разочараност и жалење. Сепак, во нивните оценки преовладува уверувањето дека само преку дијалог е можно прифатливо решение за двете страни.

Во предлогот на Европската унија, како што соопшти премиерот Ивица Дачиќ, не биле опфатени барањата на Србите, па затоа тој не можело да биде прифатен од Белград.

„Владата на Србија не може да ги прифати принципите кои вербално и беа понудени на нејзиниот преговарачки тим, бидејќи со нив не им се гарантира целосна слобода, опстанок и заштита на човековите права на припадниците на српскиот народ во Косово и Метохија.“

Дачиќ не соопшти за какви принципи станува збор, но ја изрази готовноста на Белград за продолжување на преговорите и за мирно решавање на прашањето за северот на Косово.

Во првата реакција на оваа одлука на Белград, косовската влада изрази разочараност, но и уверување дека дијалогот е единствено решение.
Владата на Србија не може да ги прифати принципите кои вербално и беа понудени на нејзиниот преговарачки тим, бидејќи со нив не им се гарантира целосна слобода, опстанок и заштита на човековите права на припадниците на српскиот народ во Косово и Метохија.
Ивица Дачиќ, премиер на Србија.

„Предлогот што го поднесе Европската унија би бил придонес за мирот, европеизацијата и стабилноста и би го означил почетокот на крајот на историскиот конфликт во регионот“, се наведува во соопштението на косовската влада, во кое се додава дека Приштина за време на перговорите направила низа компромиси.“

Високата претставничка на Европската унија Кетрин Ештон, под чије посредство се водеа преговорите, ги повика двете страни да направат последни напори за да постигнат спогодба која, според неа, никако не може да биде наметната од Европската унија.

„Се надевам дека Косово и Србија нема да ја пропуштат можноста да го остават минатото зад себе и да напредуваат во иднината“, наведува Ештон.

„Ги видовме извештаите од Белград и тие велат дека Србија ги отфрли предлозите, но оти е посветена или сака итно продолжување на дијалогот. Долго време дискутириваме за ова прашање. Елементите се уште се на маса. Немаме многу време за чекање“, изјави Маја Коцијанчич, портпарол на Кетрин Ештон.

На 16 овој месец Ештон треба да поднесе извештај за текот на преговорите врз основа на што Европската унија би требало да реши дали да ги почне пристапните преговори со Србија во јуни годинава.

Косово прогласи независност од Србија во 2008 година и досега е призанато од над 90 земји, вклучувајќи ги Соединетите држави и 22 членки на Европската унија.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG