Достапни линкови

Решавачка рунда меѓу Белград и Приштина


Во Брисел денеска се одржува осмата рунда на дијлогот меѓу Белград и Приштина за овластувањата на зедницата на српските општини на Косово. Станува збор за финална, и според проценките, решавачка рунда во процесот што почна во минатиот октомври и кој се одвива со посредство на Европската унија.

На разговорите меѓу премиерите на Србија и на Косово Ивица Дачиќ и Хашим Тачи, за прв пат учествува и српскиот вицепремиер Александар Вучиќ кој по минатата седма рунда на која не беше постигнат договор доби покана од посредникот во преговорите, високата претставничка на Европската унија Кетрин Ештон.
Таа војска нема причина, нема што да бара и не е добредојдена на територијата на заедницата на српските општини. Ние не бараме таму да имаме наша војска, но поставуваме услов таму да не биде таа нова војска.
Томислав Николиќ, претседател на Србија.

Клучно прашање на дијалогот е дали ќе биде постигната спогодба меѓу барањата на Белград, Србите на Косово да добијат институционална заштита на нивните интереси и понудата на Приштина, односно планот на Ахтисари, што за српската страна е неприфатлив.

Се надеваме дека оваа рунда ќе биде успешна, бидејќи сметаме дека и за Косово и за Србија е важно да ги нормализираат односите, да го надминат наследството од минатото и да продолжат да напредуваат во демократска и економска смисла и на патот кон европските интеграции.
Викторија Нуланд, портпарол на Стејт департментот
Претседателот на Србија Томислав Николиќ вчера изјави дека за Белград е неприфатливо идната војска на Косово да биде на територијата на заедницата на српските општини.

„Таа војска нема причина, нема што да бара и не е добредојдена на територијата на заедницата на српските општини. Ние не бараме таму да имаме наша војска, но поставуваме услов таму да не биде таа нова војска.“

Николиќ додаде дека заедницата треба сама да решава за полицијата и правосудството.

Косовскиот премиер Хашим Тачи пак, пред денешната рунда изјави дека Приштина под никакви околности нема да прифати нешто што ќе го крши Уставот и оти нема да дозволи на Косово да бидат, како што рече, рециклирани неуспешни модели како Република Српска или некаква поделба, автономија или специјален статус на северот на Косово.

„Ќе се работи на целосно расформирање на илегалните безбедносни структури, но и на функционирање на правосудниот систем, врз основа на законите на Косово. Со време ќе се организираат слободни избори во три или четири општини на северот. Но, тие нема да имаат извршни и законодавни надлежности.“

Според Тачи, со нормализација на односите со Србија се отвора патот за соработка и завршува поглавието на конфликти во регионот.

Посредникот во преговорите Кетрин Ештон изрази уверување дека спогодбата е на дофат и оти нема да се пропушти оваа шанса за што е неопходно силно политичко лидерство.

И Стејт департментот со надежи дека новата рунда ќе биде успешна.

„Исклучително го поддржуваме процесот на дијалог што го предводи високата претставничка на Европската унија Ештон. Се надеваме дека оваа рунда ќе биде успешна, бидејќи сметаме дека и за Косово и за Србија е важно да ги нормализираат односите, да го надминат наследството од минатото и да продолжат да напредуваат во демократска и економска смисла и на патот кон европските интеграции“, изјави портпаролката на Стејт департментот Викторија Нуланд на редовната прес-конференција во Вашингтон.

Прогресот во разговорите ја отвора вратата за пристапните преговори на Србија со Европската унија. Овој месец Европската комисија треба да објави извештај за тоа дали е постигнат напредок во дијалогот меѓу Белград и Приштина.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG