Достапни линкови

Партии: осуда за инцидентите и меѓусебни обвинувања


Приведени демонстранти, демолирани автомобили и запален автобус е исходот од демонстрациите во Скопје
Приведени демонстранти, демолирани автомобили и запален автобус е исходот од демонстрациите во Скопје

Владејачките и опозициските партии ги осудија инцидентите на протестите, но и ги искористија за меѓусебно да се препукуваат за тоа кој е виновен за ситуацијата.


ВМРО-ДПМНЕ денеска изрази жалење и осуда за сите насилни однесувања во изминатите два дена и повика на смирување и запирање на насилствата и на разум.
Нема ниту една прифатлива и разбирлива причина за предизвикување насилство, тепање недолжни луѓе, уништување јавен и државен имот. За нас насилството нема ниту етничка, ниту политичка, ниту верска боја. Секое насилство мора да биде осудено и ние го осудуваме.
Никола Тодоров, член на Извршен Комитет на ВМРО ДПМНЕ


„Нема ниту една прифатлива и разбирлива причина за предизвикување насилство, тепање недолжни луѓе, уништување јавен и државен имот. За нас насилството нема ниту етничка, ниту политичка, ниту верска боја. Секое насилство мора да биде осудено и ние го осудуваме. Веруваме дека институциите на системот имаат капацитет и легитимитет да ги заштитат недолжните граѓани од каква било форма на насилство и самоволие“, изјави на прес-конференција Никола Тодоров, член на Извршниот комитет.

СДСМ денеска ги осуди насилствата што се случија изминатите денови и повика на смиреност.
Апелираме до сите политички партии да покажат зрелост и веднаш да престанат да ги злоупотребуваат меѓуетничките односи за дневно политички цели.
Игор Ивановски, член на СДСМ


„Апелираме до сите политички партии да покажат зрелост и веднаш да престанат да ги злоупотребуваат меѓуетничките односи за дневно политички цели“, изјави денеска Игор Ивановски.

Но ако власта и опозицијата се обединети во повиците за смиреност, не изостанаа меѓусебните препукување за тоа кој бил виновен за ситуацијата.

Тодоров од ВМРО ДПМНЕ ги предупреди сите политички партии дека подигрувањето со меѓуетничките теми и односи секогаш носи штета за Македонија. Уште повеќе, додаде тој, за нас е јасно дека во континуитет, неколку коалициски партнери на СДСМ јавно подбуцнуваат и повикуваат на насилство и пресметки меѓу луѓето кои припаѓаат на различни етнички заедници.

„Таквите повици кулминираа токму во моментот кога требаше да се покрие срамот на Црвенковски и да се насочи вниманието на граѓаните на други теми, наспроти поразот и срамот кои ги претрпе, поради своите лаги во минатите три месеци“, рече тој.

Потсети дека во Македонија стана пракса, секогаш пред избори, пред извештај на ЕК или пред самит на НАТО, да ни се случуваат вакви инциденти. Сите знаат, според него, на кого тоа во земјата и надвор од неа им е во полза.

Ивановски од СДСМ пак порача владејачката ВМРО-ДПМНЕ да не се обидува на каков било начин со нив да ја подели одговорноста за, како што рече, неодговорните политики, двојните аршини, коалициски пазари и кадровски комбинаторики. Обвини дека се сака по секоја цена меѓуетничките односи да станат доминантна тема во кампањата за локалните избори.

Ист е случајот и кај двете најголеми партии на Албанците. Владејачката ДУИ и опозициската ДПА.

ДУИ изрази жалење за неодамнешните настани и ги повика граѓаните да не потпаѓаат на манипулации на субјекти за тесно партиски интереси.

„ДУИ смета дека правото на протест и слободно изразување на мислењето е основно човеково право, меѓутоа изразуваме жалење за настаните каде ДПА преку своите локални структури инструментализираше еден легитимен собир на граѓаните кој имаше за цел да го изрази незадоволство за вчерашното дивеење на хулиганите низ скопските улици и со тоа еден мирен протест го претвори во насилен за сопствени тесно партиски и изборни цели“, се наведува во соопштението.

Со оваа постапка ДПА, додаваат од ДУИ, го загрози животот на граѓаните, тешко го оштети имиџот на Албанците и ја загрози перспективата на земјата. ДУИ уште еднаш ги повикува граѓаните да ја зачуваат ладнокрвноста и да не потпаднат, како што истакнуваат, на манипулациите на субјекти и групи кои се подготвени да го загрозат животот на граѓаните за своите тесно партиски интереси.

Претседателот на ДПА Мендух Тачи ја обвини владејачката ДУИ дека игра валкани игри со македонските политички партии.Тој апелираше до Албанците да не ја загубат довербата во политичкиот процес.

„Сите Албанци треба да бидат внатре во политичкиот процес и заедно да работиме ова разочарување да се претопи преку гласање на 24 март. Овие настани никому не му одговараат. Тоа не е игра и тие што си играат со тоа не се зрели за тоа колку е комплициран политичкиот живот во Македонија“, рече Тачи.

Од ВМРО-ДПМНЕ најавија дека ќе сторат се што е во нивна моќ да ги запрат ваквите насилства и сите кои предизвикале инциденти, без разлика од која страна, да ги сносат законските последици.
  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG