Достапни линкови

Груевски и Црвенковски се сретнаа и не се договорија


Средбата на премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски и лидерот на СДСМ Бранко Црвенковски на која ќе се обидат да изнајдат решенија за политичката криза и за учество на опозицијата на претстојните избори. На средбата присуствуваат и Мартин Протоѓер, шеф на кабинетот на премиерот Груевски, министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, генералниот секретар на СДСМ Андреј Петров и пратеникот Јани Макрадули. 22 jануари 2013
Средбата на премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски и лидерот на СДСМ Бранко Црвенковски на која ќе се обидат да изнајдат решенија за политичката криза и за учество на опозицијата на претстојните избори. На средбата присуствуваат и Мартин Протоѓер, шеф на кабинетот на премиерот Груевски, министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, генералниот секретар на СДСМ Андреј Петров и пратеникот Јани Макрадули. 22 jануари 2013

Не е постигнат никаков договор на денешната средба на премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски со лидерот на СДСМ Бранко Црвенковски за надминување на политичката криза.

Без решение за надминување на политичката криза во земјата заврши лидерската средба меѓу претседателите на ВМРО ДПМНЕ и СДСМ, Никола Груевски и Бранко Црвенковски во Клубот на пратениците. Груевски по едночасовната средба рече дека Црвенковски излегол со безусловен ултиматум, односно распишување на предвремени парламентарни избори заедно со локалните, што за ВМРО ДПМНЕ не е прифатливо.
Земјата ќе оди напред и мора да оди напред, независно од тоа дали некој сака да ја спаси својата политичка кариера од следниот пораз. Ќе одиме на избори со опозиција, бидејќи СДСМ не е единствената опозиција во Македонија.
Никола Груевски, премиер и претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

„Разговорите се сведоа на две работи: на ултиматумот што го поставија за одржување на предвремени парламентарни избори и неподготвеност да се разговара за што било друго за што во претходните денови тие говореа во јавноста дека им е значајно“, рече Груевски.

На средбата единствено се разговарало за толкувањето на СДСМ на инцидентот на 24 декември, кој според Груевски бил планиран и спроведен од нивна страна со цел да се добие алиби за бојкот на локалните избори.

„Земјата ќе оди напред и мора да оди напред, независно од тоа дали некој сака да ја спаси својата политичка кариера од следниот пораз. Ќе одиме на избори со опозиција, бидејќи СДСМ не е единствената опозиција во Македонија.“
Ако нема предвремени парламентарни избори не се враќаме во парламентот и не учествуваме на локални избори, единствено излезно решение од оваа политичка криза се предвремени парламентарни избори кои ќе бидат фер и демократски.
Бранко Црвенковски, претседател на СДСМ.

Црвенковски пак рече дека Груевски настапил како ништо да не се случило на „црниот понеделник“ и предложил опозицијата да се врати во Собранието за да го продолжат демократскиот дијалог и да учествуваат на локалните избори.

„Ако нема предвремени парламентарни избори не се враќаме во парламентот и не учествуваме на локални избори, единствено излезно решение од оваа политичка криза се предвремени парламентарни избори кои ќе бидат фер и демократски.“

Црвенковски додаде дека на парламентарните избори граѓаните ќе одлучат во кој правец ќе оди државата во наредниот период.

„Тоа е нашиот став, тој став го соопштивме на денешнава средба. Можам да заклучам дека после денешнава средба се наоѓама на истите позиции како и пред нејзиното одржување.“

За нова средба не станало збор, но не ја исклучија можноста за нови преговори. На средбата освен Груевски и Црвенковски присуствуваа и преставниците од највисокиот врв на двете партии. Од СДСМ Андреј Петров и Јани Макрадули, а од ВМРО-ДПМНЕ Мартин Протуѓер и Гордана Јанкулоска.
  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG