Достапни линкови

САД: фискалната бездна избегната, барем засега


Претседателот на САД Барак Обама придружуван од потпретседателот Џо Бајден по изгласувањето на законот со кој се избегнува фискалната бездна.
Претседателот на САД Барак Обама придружуван од потпретседателот Џо Бајден по изгласувањето на законот со кој се избегнува фискалната бездна.

Претставничкиот дом на американскиот Конгрес го одобри законот со кој се избегнува фискалната бездна на даночни зголемувања и кратења на трошоците. Законот претходно мина и во Сенатот, а претседателот Барак Обама оцени дека со тоа американскиот даночен систем станува поправичен.

Законот беше неопходен за да се избегне фискалната бездна, односно автоматското зголемување на даноците и намалување на трошоците кои се закануваа повторно да ја турнат американската економија во рецесија. Станува збор за бездна од околу 600 милијарди долари што пак, според економистите, неминовно ќе ја погодеше и економијата во светот.

Законот за кој договор постигнаа Белата куќа и републиканците ќе му овозможи на бизнисот поголема даночна сигурност, барем на краток рок.

Тој во Претставничкиот дом беше изгласан со 257 гласови „за“ и 167 „против“, додека претходно во Сенатот мина со 89 гласови „за“ и само 8 „против“.

Благодарение на гласовите на демократите и републиканците во Конгресот, ќе го потпишам законот со кој се покренуваат даноци за најбогатите два процента американци и за спречување на растот на даноците на средната класа што можеше да ја испрати економијата во рецесија и да има големо влијание врз семејствата низ цела Америка.
Барак Обама, претседател на САД
„Мислам дека ние сите признаваме оти овој закон е само еден чекор во пошироките напори за зајакнување на нашата економија и поголеми можности за секој. Факт е дека дефицитот е се уште премногу висок и оти ние сè уште малку инвестираме во работи што се потребни за да може економијата да расте толку брзо како што треба“, изјави американскиот претседател Барак Обама за законот во кој е содржан и долг список на привремени одредби кои ќе бидат продолжени за една година.

Најбитното е тоа што со законот за два месеца се одлагаат длабоките кратења на федералните трошоци, што беше главната грижа во врска со фискалната бездна. Според некои експерти, ваквото одложување може да доведе до уште една слична фискална бездна кон крајот на февруари кога Конгресот ќе треба да го да расправа за новиот предлог буџет.

Всушност законот е само еден дел од големата спогодба меѓу демократите и републиканците во конгресот. „Иако ни демократите, ни републиканците не го добија тоа што го сакаат, оваа спогодба е вистинска работа за земјата“ оцени претседателот Барак Обама, наведувајќи:

„Централна премиса на мојата кампања за претседател беше промена на даночните код, што беше премногу наклонет кон богатите, а на сметка на работната средна класа американци. Вечерва, ние тоа и го направивме. Благодарение на гласовите на демократите и републиканците во Конгресот, ќе го потпишам законот со кој се покренуваат даноци за најбогатите два процента американци и за спречување на растот на даноците на средната класа што можеше да ја испрати економијата во рецесија и да има големо влијание врз семејствата низ цела Америка.“

Соединетите држави беа соочени со фискална бездна откако даночните олеснувања воведени за време на мандатот на претседателот Џорџ Буш, престанаа да важат на 31 декември.

Веднаш по одобрувањето на законот во американскиот Конгрес, светските берзи забележаа пораст.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG