Достапни линкови

САД се поблиску до фискалната бездна


Американскиот претседател Барак Обама
Американскиот претседател Барак Обама

Американскиот претседател Барак Обама го прекинува престојот на Хаваи каде што традиционално ги минува празниците и денеска се враќа во Вашингтон. Го очекуваат тешки разговори со конгресмените во спречувањето на фискалната бездна што од идниот месец и се заканува на американската економија.

Во минатите години претседателот Барак Обама ги минуваше и Божиќните и Новогодишните празници, заедно со семејството во неговата родна држава Хаваи. Овој пат сам се враќа во Вашингтон каде што утре треба да ги продолжи разговорите за избегнување на таканаречената фискална бездна во вредност од над 600 милијарди долари.
Обама на Хаваи
Обама на Хаваи

Имено, доколку Обама и Конгресот не постигнат договор, тогаш автоматски од 1 јануари се зголемуваат даноците и се воведуваат буџетски кратења за кои повеќето економисти сметаат дека повторно ќе ја вратат американската економија во рецесија.

„Сега кога нашата економија навистина почнува да заздравува и почнавме да гледаме оптимистички знаци во низа области не е време сами да си нанесуваме рани“, изјави Обама кој досега не успеа со републиканците да се усогласи за ниту една алтернатива.
Сега кога нашата економија навистина почнува да заздравува и почнавме да гледаме оптимистички знаци во низа области не е време сами да си нанесуваме рани.
Барак Обама, претседател на САД

Повеќето законодавци се песимисти дека нешто може да се стори до почетокот на идниот месец.

„Не верувам дека можеме нешто да решиме за четири дена“, вели за Асошиетед прес републиканскиот сенатор Кеј Бејли.

Не е оптимист ни поранешниот демократски кандидат за потпретседател, сенаторот Џо Либерман кој во јануари заминува во пензија:

Џо Либерман, сенатор
Џо Либерман, сенатор
„Ако до крајот на годинава не се постигне договор тоа ќе биде најколосален акт на конгресна неодговорност, можеби во целата американска историја“, изјави тој.

Ако до крајот на годинава не се постигне договор тоа ќе биде најколосален акт на конгресна неодговорност, можеби во целата американска историја.
Џо Либерман, сенатор
Се очекува Обама, во барањето брзо решение за проблемот, најпрвин да му се обрати на неговиот сопартиец и лидер на мнозинството во Сенатот Хери Рид.

Но, секако на Обама најмногу му е неопходно одборување, барем премолчно, од лидерот на малцинството во Сенатот Мич Меконел дека републиканците ќе дозволат минување на закон со кој се спречува зголемување на даноците за сите Американци.

„Никој не може да добие 100 проценти од она што го сака. Не станува збор за натпревар меѓу партиите во однос на тоа кој изгледа добро, а кој не. Ќе има реални последици од она што го правиме тука“, рече Обама.

Доколку легислативата биде одобрена во Сенатот, таа потоа треба да биде одобрена и во Претставничкиот дом кој во минатата недела не успеа да го прифати предлогот на претседавачот Џон Бенер за натамошно неоданочување на сите Американци кои заработуваат помалку од милион долари годишно.
Барак Обама и Мич Меконел
Барак Обама и Мич Меконел

Следната сесија на сенатот е планирана за в четврток, но на дневен ред нема ништо во врска со фискалната бездна.

Засега воопшто не е јасно на каков начин Обама ќе се справи со драконските кратења на буџетот што ќе ги погоди сите владини служби.

Последиците од немањето договор навреме, според експертите, најпрвин ќе бидат забележливи на финансиските пазари.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG