Достапни линкови

„Фолтин“ со слободарски песни од „Антитело“ промотивно во МКЦ


„Антитело“, приказната на секој индивидуалец што ја носи во себе идејата за слобода во општествени рамки, а која пак како свое ново дискографско остварување ја изнедри македонскиот состав „Фолтин“, утревечер од 21 часот, промотивно ќе биде раскажана на концертот што треба да се одржи во Младинскиот културен центар во Скопје, потписникот на ова авторски храбро и поетично издание.

По безмалку пет години, пауза во која се обистини „Penelope X“ заедничкиот проект со Никола Коџабашија и Гоце Стефковски, битолчаните „Фолтин“ започнуваат да испишуваат нова страница од својата заумна и единствена оригинална дискографија. „Антитело“, дваесетминутниот следбеник на одличниот „Оваа трансплантирана машина за чукање досега не типкала љубовно писмо“ од 2008, доаѓа со шест нови песни кои во себе ја носат идејата за слобода во општествени рамки, за сонот што во нас тлее од детските дни.
Сите луѓе што ја носат таа идеја на индивидуалец што се бори да ја добие слободата во општествени рамки, во општествен однос, по мене, ја носат функцијата на антитело. Значи општеството ќе ги прифати, ќе ги вбризга во својот систем но само заради имиџот во јавноста, заради таа лажна демократичност за на крајот суптилно да ги уништи.
Бранислав Николов, музичар.

„Сите луѓе што ја носат таа идеја на индивидуалец што се бори да ја добие слободата во општествени рамки, во општествен однос, по мене, ја носат функцијата на антитело. Значи општеството ќе ги прифати, ќе ги вбризга во својот систем но само заради имиџот во јавноста, заради таа лажна демократичност за на крајот суптилно да ги уништи“, знае да каже Бранислав Николов, пејач и автор на текстовите.
Фолтин.
Фолтин.

Тој дополнува дека типично за нив комплетниот материјалот е направен во кратка форма и дека има акцент на македонскиот јазик во текстовите на песните.

„Јазикот е душата на еден народ. Најдобро се изразуваме преку оној јазик на кој што зборуваме и кој што ни е даден во колективниот ген. Ако не го зборуваме често или ако не посветуваме внимание да го облагородиме секако дека ќе пропаѓа, ќе го запоставиме. Како куќа, ако не живееш во неа ќе се урниса за неколку децении. Од друга страна самата група си дојде до еден стадиум кога заврши со експериментот и сакаше поконкретно да се изрази, а најконкретно ќе се изразиме на мајчиниот јазик.“

„Антитело“ како шести проект во 15 годишната кариера на „Фолтин“ е типично македонски производ. Подготвуван педантно и со многу навраќања снимен е во август летово во студиото „Тра-ла-ла“ со Мите Димовски како продуцент, автор на обвивката е Атанас Георгиев, а носачите на звук го носат знакот на Младинскиот културен центар во чија сала ќе се случи и промотивниот концерт на бендот.
Инаку, интересно и тоа дека во изминатиов период помеќу двете студиски објави Николов, кларинетистот Пеце Николовски, басистот Гоце Јовановски, Пеце Трајковски на дигитален акордеон и Славчо Јовев на тапани, потпишаа и отсвиреа музика за дури 12 театарски претстави од кои последната беше онаа на режисерот Александар Поповски работена како копродукција на Бриони. Сепак, иако сето тоа временски се документира, тие засега одбиваат да го вообличат во продукт наменет за дискографскиот пазар. Од друга страна веќе не е никаква тајна дека со својот силен авторски израз „Фолтин“ станаа интересни за големиот концерн „Јуниверзал“ каде биле препорачани од Шарлот Геинзбург, ќерката на култниот француски автор Серж Геинзбург, пејачка со самосвојна музичка кариера и ѕвезда од филмовите на режисерот Ларс Фон Трир.

„И се допаднала многу музиката и овие, како што стои во писмото што го добивме, иако голема фирма која нема интерес за мали бендови решиле да ни посветат малку внимание. Уште трае сето тоа, нам ни се чини дека се одолговлекува и навистина не знаеме што ќе се случи. “

Преговорите околу евентуаната соработка се во тек, но она што е извесно е дека по серијата промотивни концерти во Македонија, бендот догодина го очекуваат и настапите во Швајцарија и во Холандија.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG