Достапни линкови

Прославата на албанското знаме во фокусот на неделниците


Прославата на денот на албанското знаме во земјава и регионот и однесувањето на македонските политичари, главна тема за анализи во неделниците.

Фокус - Соживотот треба да стане невозможен?!
Ниту во Скопје на прослава им бевме, ниту во Тирана на торта појдовме. Но, тоа не е причина за растурање на дружбата на Груевски со ДУИ. Не звучи логично, ама функционира. Очигледно, соживотот треба да стане невозможен. Што ако ова мислење стане доминантно? Не е важно. Со тоа ќе си кршиме глава после изборите што власта не смее да ги изгуби!
Фокус.

„Ахмети ја прати пораката. Бројни сме, па, еве, ни се може дури и среде Скопје да го вееме само албанското знаме, а Македонците да не смеат ништо да направат“ - пишува, покрај другото, уводничарот на Фокус, осврнувајќи се на односите Албанци-Македонци, онакви какви што ги замислиле и ги прават двајцата коалициони партнери, Груевски и Ахмети. Насловот на уводникот како да ја докажува тезата на Фокус: „Соживотот треба да стане невозможен?!“, за да продолжи дека не останал покусо ниту македонскиот дел од власта. „Ниту во Скопје на прослава им бевме, ниту во Тирана на торта појдовме. Но, тоа не е причина за растурање на дружбата на Груевски со ДУИ. Не звучи логично, ама функционира. Очигледно, соживотот треба да стане невозможен. Што ако ова мислење стане доминантно? Не е важно. Со тоа ќе си кршиме глава после изборите што власта не смее да ги изгуби!“ - заклучува претскажувачки Фокус.

Граѓански - Орелот повисоко од сонцето
По барање на Хашим Тачи, Али Ахмети активно се вклучи во кампањата за притисок врз Вашингтон, Берлин и Париз. Поточно, заканите дека Македонија ќе биде поделена ако се подели и Косово ја подобруваат преговарачката позиција на Косоварите и праќа порака дека Македонија е слаба и ранлива и дека не може да се противстави на едно такво сценарио.
Република.

Граѓански прави анализа на односот кон државното знаме, поттикнат од примерот во Македонија со прославата на албанското знаме одржана во Скопје, во текстот со наслов: „Орелот повисоко од сонцето“. „Ако е точно дека дека љубовта се учи, како и сè друго, тогаш, можеби, има надеж и за иднината на македонското државно знаме. Се разбира, не мора да го сакаме, доволно е да го почитуваме. Ако не виси насекаде, во секое време и во секоја пригода(најдобар пример е американското), тогаш ќе извиси државата Македонија. И, веројатно сите ние во неа“ - смета Граѓански.

Република - Македонија стана заложник на намерите на Западот северно Косово да добие босански статус

За Република, Македонија станала заложник на намерите на Западот северно Косово да добие босански статус и на противењето на Албанците на тоа. По барање на Хашим Тачи, Али Ахмети активно се вклучи во кампањата за притисок врз Вашингтон, Берлин и Париз. Поточно, заканите дека Македонија ќе биде поделена ако се подели и Косово ја подобруваат преговарачката позиција на Косоварите и праќа порака дека Македонија е слаба и ранлива и дека не може да се противстави на едно такво сценарио, претпоставува Република.

Глобус - Првото јајце на востанието

Глобус во една од редовните колумни пишува за „Првото јајце на востанието“, алудирајќи на гаѓањето со јајца на возилото на Груевски за време на посетата на Тирана. Па прашува како овде, во Македонија, никој сè уште се нема осмелено да фрли со кондура, со јајце или со субвенционирани домати кон човекот што од два милиона души седум години прави идиоти.

Капитал - Премиерот отсуствуваше на „Денот Д“

Капитал, исто така, се осврнува на одбележувањето на албанското знаме и државноста на Албанија, ставајќи акцент врз однесувањето на премиерот Груевски. Прашањето што се поставува, пишува неделникот, е каде беше државата Македонија, не во смисла на репресија врз дел од населението да ја изрази својата национална посебност, туку држава со визија темелена на општествена реалност. Моментот беше клучен, историски, за покажување државност, а фокусот свртен кон премиерот, кој, линијата на помал отпор што ја повлече отсуствувајќи од државата на „Денот Д“ се чини дека е тенка и црвена за иднината на Македонија, заклучува Капитал.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG