Достапни линкови

Георгиевски - ВМРО-ДПМНЕ стана сопствена карикатура


Интервју со Љубчо Георгиевски
please wait

No media source currently available

0:00 0:10:13 0:00

Интервју со Љубчо Георгиевски.

Ако се бара личен мотив за пресметка со Груевски, тогаш лично ја сфаќам новата идеја за ВМРО-ДПМНЕ, партијата која сум ја формирал во деведесетите денеска стана сопствена карикатура, вели лидерот на ВМРО-НП Љубчо Георгиевски во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Господине Георгиевски, новоформираната коалиција отвори многу различни размислувања, меѓутоа ниедно од нив не води многу далеку од личниот интерес. Имате ли и други аргументи кои веќе не сме ги чуле зошто влеговте во ваква коалиција?

Мислам дека многу пати во мојата политичка кариера го имам дадено примерот дека за мене политиката е повеќе од личниот интерес и можеби во поглед на македонските политичари за тоа сум карактеристичен. Еднаш кога си дадов оставка од местото потпретседател на Претседателот на Македонија, вториот пат кога се повлеков од местото претседател на ВМРО-ДПМНЕ и сега влегувам во една коалиција која личи на непринципиелна коалиција, затоа што нашите битки со господинот Црвенковски се добро познати на македонската јавност, и токму затоа кажувам дека во оваа коалиција не бараме ништо за мене како политичар и мојата намера во таа насока е многу основна - еден повик, еден крик и еден апел да кажам дека Македонија оди во тотално погрешен правец по сите три или четири основни елементи на суштествувањето на една држава, тоа е демократијата, тоа е меѓународната политика, тоа е економската состојба, а за жал во последно време и мултиетничките состојби во Македонија. Сметам дека владата која денес ја води Република Македонија, не само што води погрешна политика, туку таа го трасира патот на нашата држава кон една поголема катастрофа и тоа се единствените мотиви.

Ве држи ли некој личен мотив за пресметка со Груевски?

Ако зборуваме за лично, можам да кажам дека личниот мотив за пресметка е се уште поголем кон самиот Црвенковски, отколку кон господинот Груевски. Ако има нешто лично, без сомнение лично ја сфаќам новата идеја за ВМРО-ДПМНЕ, партијата која сум ја формирал во деведесетите денеска стана сопствена карикатура. Јас сметам дека денешното ВМРО, тоа може да го доживеете и како личен и како политички одговор, сметам дека ВМРО-ДПМНЕ е мој личен пораз, тоа е иделологија којашто не постои, тоа е партија која лажно се претставува и едноставно се чувствувам одговорен таа позиција на ВМРО-ДПМНЕ да ја разобличувам до крај.

Програмата за изборите ќе ја пишувате сами или заедно со коалиционите партнери?

Програмата без сомнение ќе ја пишуваме заедно, при што граѓаните не треба да очекуваат некој спектакуларен текст од 150 или од 300 страни програма, затоа што такви програми имаме кај преродбата, така што таму може да се прочитаат многу работи кои никогаш нема да се остварат. Целта на програмата ќе биде во тие точки, во нешто што не обединува заеднички, а вториот момент е секој градоначалник треба да си направи своја програма, затоа што една е специфичноста за Скопје, друга за Охрид или Радовиш. Оној кој ќе биде градоначалник треба да ја даде конкретната визија за конкретното место или град.

А на ниво на партии останува единствената програма да се урне Груевски од власт?

Не, на ниво на лидери ќе остане програмата да ја вратиме демократијата и демократските принципи во Република Македонија, да излезе Македонија од оваа меѓународна изолација, да се постават темелите на една здрава економија и да се престане со ова нерационално задолжување, за уште понерационални проекти, да ја разобличиме оваа нова мултиетничка тензија која никому не му е потребна. Тоа ќе бидат основните политички постулати за кои сметам дека не се малку, затоа што се суштински.

Задоволни ли се од вашите изгледи како партија, како ВМРО Народна?

Јас сметам дека сме подготвени, мислам дека во секој случај ова е еден фер договор, ние сметаме дека оваа коалиција не е од долг и стратешки карактер, значи ова коалиција е за еден, два изборни циклуси, за локални, парламентарни евентуално претседателски избори и целта на оваа коалиција е да се создадат здрави и нормални демократски услови каде што повторно ќе се разделиме и ќе се бориме понатаму. Мене ми е многу мило што делот на нашата четворна коалиција што беше пред овој Сојуз на иднината, стои многу стабилно. И нашата првична идеја беше четворната коалиција, заедно ние, ЛДП, Обединети за Македонија и Достоинство да настапуваме сами, меѓутоа гледајќи ги условите во кои не можеме да работиме дојдовме и до ова решение. Сметам дека оваа коалиција може да биде нешто што подолготрајно може да функционира во Република Македонија, како нешто што би го нарекле трет пат.

Мислите дека таа коалиција може да го реши спорот за името?

Во оваа коалиција по прашањето за спорот за името има различни ставови, има потврди ставови, има помеки ставови. Позицијата на ВМРО-Народна партија е најотворена, најлиберална по тоа прашање. Ние тоа прашање досега не сме го отворале, ниту пак сакаме да си го наметнуваме прашањето едни на други што треба да правиме и јас во таа насока можам да зборувам само за позицијата на ВМРО-Народна партија, затоа што прашањето е премногу специфично. Нашата позиција по тоа прашање е многу јасна, дваесет години се занимаваме со оваа работа, дваесет години гледаме дека не можеме да го решиме проблемот на овој начин. Македонија не може да се дозволи уште 20 или уште 40 години да се влече во оваа состојба и за мене ситуацијата е јасна. Не е во прашање само позицијата на Грција, тука е позицијата на сите земји членки на ЕУ и позицијата на сите членки на НАТО. И НАТО и ЕУ денеска ни велат – компромисот со името е прашање број еден кое треба да го затворите. Јас многу пати по тоа прашање отворено зборувам и сега сметам дека оној политичар кој сака одговорно да се однесува кон својата држава, треба храбро да влезе во решавањето на овој проблем. Манипулацијата со името значи нешто рејтинг повеќе, уште еден изборен циклус, меѓутоа ја водите Македонија на патот на катастрофата.

Од друга страна велите дека прашањето стои 20 години, а токму и вие и господинот Црвенковски бевте во позиција да го решите.

Јас и јавно сум преземал дел од одговорноста, меѓутоа можеби јас сум единствениот премиер кој направил некаков обид за решавање на името, но тогаш најголем дел од медиумската јавност не беше спремна за такво решение. Мене ми е жал што не ми беше дозволено на некој начин да влезам похрабро во завршување на тој процес и покрај тоа што јас можам да ви кажам дека тогаш ништо не зависеше од името, ниту процесите на евро-атланската интеграција. Јас ќе ве потсетам дека тогаш ниту Бугарија, ниту Романија беа членки ниту на НАТО, ниту на ЕУ, кога јас сакав да го решиме тој проблем.

Кои се вашите црвени линии ви поглед на решавањето на спорот за името?

Црвените линии се оние кои досега се добро исцртани - македонскиот јазик, прашањето на македонската нација. Иако кога ќе го отворите прашањето на македонската нација се поставува прашањето што значи име на држава, што значи нација. Основната работа од којашто треба да се почне е што владата на Република Македонија конечно треба да пресече за кое име разговара, за која додавка, дали за Горна или за Северна.

Се сеќавам на ваши изјави во кое велевте дека Бугарија не може да ни застане на патот кон евроинтеграциите, меѓутоа како што гледате во последните месеци се случува и тоа. Како го коментирате сето тоа?

Кога сум ја дал таа изјава состојбите меѓу Македонија и Бугарија биле на толку добро ниво кадешто не можел човек ни апстрактно да помисли дека Бугарија може еден ден да ја блокира Македонија, меѓутоа како што одат работите, бидејќи сите не претркуваат, значи најверојатно и Албанија и Србија ќе влезат пред нас во ЕУ, еден ден може да ни се случи и Косово да влезе во ЕУ пред нас, така што најверојатно ќе бидеме сведоци сите тие држави да ни поставуваат сопствени услови, затоа што очигледно ќе останеме на крајот на возот, според начинот на кој го решаваме проблемот.

А што се однесува до самата конкретност со Бугарија, мене ми е жал што оваа влада која денеска постои во Република Македонија во својата надворешна политика буквално ја преслика политиката на Македонија од времето на комунизмот, но не од оној комунизам во последните пет или 10 години, туку оној комунизам од седумдесетите години. Ние очигледно во овој момент сме отворени само кон северниот сосед и тоа максимално сме отворени без црвени линии и без граници, а сме затворени за сите други соседи. И не знам до каде ќе оди тој развој на оваа конфронтација, меѓутоа се плашам дека има уште простор каде македонската политика може да се развива во конфронтација.

Како што велите и самиот се уште голем предизвик за државата остануваат меѓуетничките односи, меѓутоа вие не се покажавме многу вешт во нивното разрешување, освен тоа се уште постојат тие контроверзни тези што ги изнесувавте во јавноста за размена на територии. Каков е сега вашиот поглед на овој се уште голем предизвик за државата?

Веќе нема проект размена на територии, сега има учете албански јазик ако сакате да имате иднина во Република Македонија. Тоа го зборувам неколку пати, тоа го зборувам и симболично, меѓутоа сметам дека и релано е така. Мислам дека еден од најголемите хендикепи на македонскиот народ во оваа заедничка држава е што Албанците ни го знаат јазикот, а ние не им го знаме. Тоа е реалноста. Ние мора да се навикнеме да живееме со Албанците, ние мора да се однесуваме многу потолерантно, ние мора да знаеме дека секој споменик изграден на лажна приказна прави иритација кај Албанците и за жал не прави иритација само кај Албанците. Јас сметам дека ние ги изгубивме Торбешите, Македонците Муслимани, во моментот кога почнавме да ја раскажуваме приказната за античка Македонија, затоа што и тие се најдоа негде навредени во таа приказна. Мислам дека полека, полека ќе ги изгубиме сите внатре етнички заедници раскажувајќи приказни за нашето славно измислено минато, а притоа не гледајќи дека демографијата не топи како народ и како нација. Едноставно сметам дека ние живееме во една хипноза и колку побргу се разбудиме од таа хипноза ќе ни биде подобро.

Во тој контекст дали мислите дека мислите дека би придонела за општата стабилност да се приклучи една партија од албанскиот блок во предизборната коалиција.

Апсолутно, тоа е и дел од нашиот нов имиџ, сметаме и Црвенковски и јас дека за нас беше идеално да влезе и една албанска партија во нашиот блок , за да демонстрираме една нова демократска, но и мулти-етничка реалност во Република Македонија. Тие обиди од наша страна не се затворени се уште, ние правиме обиди тоа да се реализира и верувајте дека ако тоа не се случи, нема да бидеме ние криви, затоа што нашата толерантност по тоа прашање е многу, многу голема.

По традиција очекуваме на изборите да чуеме различна реторика, по правило многу жестока. Имате ли информации коишто може да го искомпромитираат актуелниот премиер и кои ќе ги употребите против него во предизборната кампања?

За луѓето од ВМРО-ДПМНЕ кои денеска раководат со него, знам многу лични работи и многу пикантерии, меѓутоа не сакам и не е тоа мој стил и не сакам да одам во таа насока, освен ако директно не бидам нападнат и тогаш ќе мора да вратам со конкретни настани. Ќе ве потсетам за жал само на еден последен напад на господинот Бошковски, кога се обиде да ме нападне, па враќањето мислам му беше многу непријатно.
XS
SM
MD
LG