Достапни линкови

Агресивниот Бајден и мирниот Рајан


Американскиот потпретседател Џо Бајден и човекот кој сака да го замени, републиканецот Пол Рајан, синоќа аргументираа за домашната и надворешната политика за време на нивната прва и единствена телевизиска дебата пред претседателските избори. Според некои оценки, агресивноста на Бајден би можело негативно да се одрази врз се уште неопределните гласачи.

Потпретседателот Џо Бајден синоќа во Денвил, Кентаки, според оценките на посматрачите, имал жесток и агресивен настап, за разлика од неговиот претпоставен, претседателот Барак Обама кој на првата дебата со републиканскиот кандидат Мит Ромни бил неуверлив.

Во 90-минутното ТВ аргументирање, Џо Бајден дури 82 пати го попречил кандидатот за потпретседател Пол Рајан кој ја критикуваше политиката на демократите кон Либија и Иран.

Според Рајан, Либија е уште еден доказ дека слабее американската позиција во светот.
Кога Барак Обама беше избран, тие имаа доволно нуклеарен материјал да направат една бомба. Сега имаат доволно за да направат пет. Тие се четири години поблиску до нуклеарно оружје.
кaндидат за потпретседател на републиканците Пол Рајан

„Ова прашање со Бенгази, е трагедија сама по себе, но за жал тоа е показател и на поширок проблем и она што го гледаме на нашите телевизори е нерешителната надворешна политка на Обама со кој светот станува похаотичен и понебезбеден.“

Бајден, од своја страна, изјави дека Обама успеал да ги обнови американските сојузи, а санкциите против Иран ги оцени за успешни.

„И ова зборување за слабост. Не разбирам што сака да каже мојот пријател. Овој претседател ги обнови сите наши сојузи со што и останатиот дел на светот почна повторно да не следи. Дури и Русија и Кина им се приклучија на санкциите против Иран“, изјави Бајден.

Тој наведува дека овие санкции ќе придонесат за запирање на Техеран да дојде до нуклеарно оружје, бидејќи се едни од најжестоките во историјата. Но, со тоа не се согласи Рајан, што пак, предизвика уште една реакција на Бајден.

„Кога Барак Обама беше избран, тие имаа доволно нуклеарен материјал да направат една бомба. Сега имаат доволно за да направат пет. Тие се четири години поблиску до нуклеарно оружје“, рече Рајан.
Кога гувернерот Ромни беше запрашан за тоа тој рече: „Ние треба да ги спроведуваме овие санкции“. Кога велиш да се стори нешто повеќе, дали мислиш на војна? Дали тоа сакаш да го направиш?
потпретседател на САД Џо Бајден

„Кога гувернерот Ромни беше запрашан за тоа тој рече: „Ние треба да ги спроведуваме овие санкции“. Кога велиш да се стори нешто повеќе, дали мислиш на војна? Дали тоа сакаш да го направиш?“, праша Бајден.

Дебатата беше жестока и во врска со Авганистан и Сирија. Рајан особено ја критикуваше администрацијата на Обама за политиката на ресетирање на односите со Русија, оценувајќи дека таа не функционира.

Двајцата кандидати имаа спротивставени мислења и за забавената економија, даноците, трошоците и абортусот.

Вообичаено, потпретседателската дебата не е многу решавачка, но Бајден, според експертите, бил под притисок да поправи нешто од лошиот настап на Обама во дуелот со Ромни и да ја обнови енергијата на демократите пред изборите на 6 ноември.

Според последните анкети, токму по претходната дебата Ромни забележал голем скок на рејтингот.

Обама и Ромни имаат уште две дебати пред себе, во вторник во Хемпсед, Њујорк и на 22 овој месец во Бока Ратон, Флорида.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG